CMPG

  • Повик за ангажирање на модератор за консултативна работилници за креирањето програмата за скрининг и рана детекција на малигни заболувања

    Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ објавува јавен повик за ангажирање на 1 (еден) Модератор за спроведување на Консултативна работилници за креирањето програмата за скрининг и рана детекција на малигни заболувања. Консултативната работилница се спроведува  во рамките на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и…

  • Регионална Платформа за Млади – Заеднички Креираме Политики за Подобар Младински Живот!

    Во просториите на Офицерски дом, Битола, се одржа значаен настан – „Регионална платформа за млади “, како дел од активностите во рамките на проектот „Младински политики по мерка на младите“.

    Цел на настанот ?
    Настанот беше посветен на креирање и унапредување на младинските политики во деветте општини од Пелагонискиот регион. Целта беше да се презентираат секторските анализи, да се дискутираат предизвиците со кои се соочуваат младите во тие региони и да се усвојат конкретни мерки и препораки, кои ќе се применуваат на локално ниво со цел подобрување на квалитетот на животот на младите.
    Кој учествуваше?
    На настанот учествуваа градоначалници, претставници од локалната самоуправа и советите на општините како и претставници на младинските организаци. Оваа платформа овозможи директен дијалог помеѓу носителите на одлуки и младите, со цел да се создадат ефикасни и одржливи решенија за предизвизиците со кои се соочуваат младите.
    Што следува?
    Овие усвоени мерки треба да бидат имплементирани во сите девет општини од регионот. Ова е само почеток на еден процес кој ќе донесе конкретни промени за младите! Преку активна соработка, потребите на младите и нивните идеи ќе бидат преточени во конкретни младински политики кои што ќе донесат промени во сите општини од Пелагонискиот регион!

    Оваа активност е резултат на проектот ,,Младински политики по мерка на младите’’.
    Проектот е поддржан од владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

  • Студија на законодавството со предлози за промени на политики и поврзани препораки

    ИОХН-С и ФРП во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“ изработија Студија на законодавството со предлози за промени на политики и поврзани препораки.

    Студијата е достапна на следниот линк: https://www.isshs.edu.mk/wp-content/uploads/2025/02/Студија-на-законодавството-со-предлози-за-промени-на-политики-и-поврзани-препораки-f2.pdf

  • ВЕЛИ КРЕЦИ: БОЛОЊСКИОТ ПРОЦЕС ВО ЕВРОПА Е ВО ПОЛН ЕК, НИЕ НЕ СМЕЕМЕ ДА ЗАОСТАНЕМЕ

    Вели Креци е редовен професор на Факултетот за општествени науки при Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово. Тој е автор на неколку научни истражувања објавени во престижни научни списанија, кои се фокусираат на подобрување на квалитетот на образованието, дигитализацијата и реформите во јавните политики и администрацијата.
    Истовремено, Креци е извршен директор на Институтот „Макс ван дер Штул“, кој функционира во рамките на истиот универзитет и има за главна цел подобрување на квалитетот на образованието и научното истражување.
    „Ние не сме голема земја со обемни ресурси за значителен напредок во науката, но преку добро осмислени политики за научен развој можеме да ги мобилизираме постоечките ресурси преку вмрежување, со што ќе се постигне поголема ефикасност“, вели Креци во ова интервју.
    Според него, назадуваме во сите области кога зборуваме за образованието. „Од една страна, образованието треба да создава кадри во согласност со потребите на пазарот на трудот, а од друга страна, преку иновации да ја трансформира индустријата и општеството, притоа генерирајќи нови работни места. За жал, назадуваме во двете насоки“, подвлекува Креци.
    Исто така Креци зборува и за потребите за реформи во образовението, имплементација на Болоњскиот процес и други неопходни чекори за да се постигне инклузивен развој во државата.
     
    Во процесот на преговори за членство во ЕУ е и Кластер 3, кој содржи поглавја кои се однесуваат на неопходните реформи за хармонизација на нашиот со европскиот образовен систем. Што може вие да направите во овој правец?
    Вели Креци: Една од клучните цели на Европскиот образовен систем е усогласување на националните образовни политики на земјите членки, а во случајот на Република Северна Македонија, тоа е дел од поглавјата за преговори за членство. Целта на ова усогласување е постигнување заеднички цели, односно обезбедување квалитетно образование – образование што ќе нуди конкурентни знаења, вештини и вредности за ефикасно справување со европските предизвици, главно во областите на дигитализацијата, социјалната и зелената транзиција. Оттука, европските предизвици се и наши идни предизвици, па затоа нашата образовна понуда треба да се дизајнира во согласност со истите параметри. Начинот на кој и ние активно би се вклучиле во овие процеси е преку европските образовни програми, кои имаат за цел приближување и зајакнување на интеринституционалната соработка. Би ги споменал неколку од најпопуларните образовни програми, како што се Еразмус+ за размена и меѓуинституционална соработка, Креативна Европа, Алијансата на универзитети, како и Хоризонт Европа за истражување и иновации. Постојат многу образовни програми за развој на капацитетите на институциите со цел справување со идните предизвици. Она што треба да се направи е поголема вклученост на нашите образовни институции во образовните мрежи и соработка со образовните институции од Европа, како и поттикнување на интересот кај младите за учество во образовни програми за размена. Исто така, од големо значење е создавање околина погодна за истражувачка работа во академските средини, преку инвестирање во лаборатории. Ние, како институција, веќе долго време се стремиме кон постигнување на овие цели. Меѓутоа, секоја трансформација бара посветеност, издржливост и време. Се разбира, мора напорно да се работи и на создавање кадри кои ќе поседуваат овие вештини.
    Како да се убедат властите и јавноста за потребата од интерсекторската методологија на пристапување, со посебен фокус на темелните вредности како право на студирање, право на работа и право на добра администрација?
    Вели Креци: Мојот одговор би бил – само преку вистинска соработка. Видете, сите образовни политики, како и останатите политики на ниво на ЕУ, се креираат со широка консултација со сите засегнати страни. Говорам за вистински консултации. Мора да постои слух кај креаторите на политики за потребите на младите, граѓаните, приватниот сектор, институциите и сите други општествени чинители. Од друга страна, образовните институции треба да имаат активна улога во унапредувањето на оваа соработка преку взаемна колаборација со сите општествени актери. Мора да тргнеме од тоа дека инклузивноста и соработката носат резултати. Често го користиме пристапот „quadruple helix“, кој подразбира соработка меѓу клучните општествени актери – индустријата, политиката, невладиниот сектор и образованието. Овој пристап поттикнува заедничко делување кон решавање на проблемите и ефикасно справување со предизвиците.
    Дали Процесот од Болоња се спроведува како што треба и колку ја нуди основната негова вредност – мобилност?
    Вели Креци: Сметам дека ние, како чинители на образовната политика, не успеавме доволно да дискутираме за Болоњскиот процес пред неговото воведување. Неккакo пребрзавме со имплементацијата на системот без да го прилагодиме постоечкиот образовен модел. Секоја трансформација бара добро осмислен план и одреден период за постепено спроведување. Поради тоа, не успеавме целосно да ги искористиме придобивките што ги нуди Болоњскиот процес, кој не подразбира само мобилност, туку пред сè промена во начинот на предавање и учење. Клучно е да се потенцира инклузивноста во образовниот процес и развојот на вештини преку практични методи, како што се пишување истражувачки трудови, користење на истражувачки алатки, презентација на резултати итн. Преку ваков пристап, студентите не само што стекнуваат знаење, туку развиваат и вештини за негово критичко анализирање и пренесување.
    Како ќе ја подигнете свеста на стручната и пошироката јавност за важноста на Болоњскиот процес?
    Вели Креци: Само преку дискусии и сеопфатни анализи може да се разјасни што претставува Болоњскиот процес и што тој НЕ претставува. Имам чувство дека пошироката јавност ги поврзува проблемите во високото образование директно со Болоњскиот процес. Како стручна јавност, имаме обврска оваа претпоставка да ја образложиме со убедливи аргументи за да не заостанеме зад европските образовни процеси. Болоњскиот процес во Европа е во полн ек, и ние не смееме да дозволиме да заостанеме во неговата имплементација.

    Зошто во регионот се уште имаме административни бариери кога станува збор за признавање на дипломите? Што треба да се направи за да се тргнат истите?
    Вели Креци: Мое мислење е дека тоа се должи на честите измени на законите за високо образование, неусогласеноста на образовните процеси со Европскиот образовен систем и, секако, непотребните административни бариери. Најпрво, мора да имаме целосно усогласени ЕКТС-кредити и јасно дефинирана разликата помеѓу тригодишните и четиригодишните додипломски студии. Сметам дека Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС) доволно добро го уредува признавањето на дипломите, и за да станеме дел од европскиот образовен простор, мора да ги поедноставиме процедурите за нивно признавање.
    Ние имаме околу илјади граѓани кои активно бараат работа, но од друга страна има недостаток на кадар за над 10 илјади слободни работни места. Дали нашиот образовен систем одговара на потребите на пазарот на труд?
    Вели Креци: Очигледно е дека не одговара. Но, тука би сакал да ја истакнам и дополнителната улога на образовниот систем, а тоа е дека образованието треба да биде двигател во создавањето на нови работни места преку иновации. Од една страна, образованието треба да создава кадри во согласност со потребите на пазарот на трудот, а од друга страна, преку иновации да ја трансформира индустријата и општеството, притоа генерирајќи нови работни места. За жал, назадуваме во двете насоки. Вториот проблем е отсуството на функционална соработка со индустријата, односно недостатокот на механизми за вклучување на идните потенцијални вработени на пазарот на трудот уште за време на студирањето. На пример, студентите од втора година треба активно да бидат вклучени во работната средина преку програми за стажирање (платено стажирање), со што ќе се подигне интересот уште во раните години од студирањето. Исто така, потребна е поголема вклученост на студентите во проекти со индустријата и институциите, со цел да се приближат двете страни и да се подигне свеста за заемните очекувања – од една страна, индустријата, а од друга, студентите како потенцијални вработени.
    Земјата одвојува помалку од 1% од БДП за наука и иновативен развој. Како се одразува оваа во поглед на целокупниот развој? 
    Вели Креци: Па, никако не се одразува. Немаме развој. Нереално е да очекуваме дека ќе имаме конкурентни истражувачки капацитети без доволно инвестирање во истражувањето. Дефинитивно, процентот на вложување треба да се зголеми, а имајќи ги предвид нашите истражувачки услови, мора да се поттикне соработка меѓу водечките истражувачки институции за поефикасно мобилизирање на ресурсите. Ние не сме голема земја со обемни ресурси за значителен напредок во науката, но преку добро осмислени политики за научен развој можеме да ги мобилизираме постоечките ресурси преку вмрежување, со што ќе се постигне поголема ефикасност. Добро позната и успешна практика во научниот развој е меѓуинституционалното вмрежување, кое носи конкретни резултати. Само преку ваков пристап можеме да очекуваме напредок.

    Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  
    Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

  • Отвореноста започнува со знаење и соработка: Менторска поддршка за транспарентни и отчетни општини

    Во тек е менторската поддршка за зголемување на отвореноста и транспарентноста на општините во Република Северна Македонија која Рурална коалиција во соработка со Фондација Метаморфозис ја обезбедува за девет општини од осумте плански региони каде што се спроведува или се планира да се спроведува дигиталната алатка мЗаедница.
    Меѓу првите општини што ја добија оваа можност за зајакнување на капацитетите на општинската администрација во насока на проактивно објавување документи, подобрување на транспарентноста и отвореноста, како и надминување на актуелните предизвици, со цел да се поттикне поинформирано граѓанско учество во локалните одлуки, се општините: Кочани, Крива Паланка, Валандово, Аеродром, Демир Хисар, Гостивар, Неготино, Струга и Штип.
    Менторирањето се спроведува онлајн во јануари и февруари 2025 година, врз основа на методологија за јакнење на капацитетите на општините развиена според Индексот на отвореност на локалната самоуправа, со акцент на систематизација и приоретизација на информации врз основа на резултатите од Индексот на отвореност.
    Менторирањето се спроведува онлајн во јануари и февруари 2025 година, засновано на методологија за јакнување на општинските капацитети, развиена според Индексот на отвореност. Главниот фокус е ставен на систематско приоритизирање на информации согласно последните резултати од мониторирањето на отвореноста на локалната самоуправа прикажани во Процената на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија преку Индексот на отвореност.
    Крајната цел на оваа активност се обучени јавни службеници кои самостојно ќе може да работат на доследно унапредување на отвореноста на нивните општини.

    Оваа активност е дел од проектот (ДИГИЛОК) Дигитална трансформација на локално ниво – Вклучена заедница за отпорност на корупција кој е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Партнери на проектот се Фондација за Интернет и општество Метаморфозис, Рурална Коалиција и Центар за социјални иновации Блинк 42-21.

  • Започнува мерењето на отвореноста на единиците на локалната самоуправа за 2025 година преку Индексот на отвореност

    Фондација за интернет и општество Метаморфозис во партнерство со Рурална Коалиција, започнува со спроведување на овогодинешното мерење на отвореноста на единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија.
    Мерењето на отвореноста на сите 81 единица на локална самоуправа ќе се спроведува согласно Индексот на отвореност кој претставува композитен показател што го определува степенот на отвореност на институциите кон граѓаните и општеството и е создаден со цел да дефинира до кој степен граѓаните добиваат погодни и разбирливи информации од институциите.
    За да се измери степенот на отвореноста на локалната самоуправа, следејќи ги законските регулативи, меѓународните стандарди, препораки, како и добри практики, мониторирањето преку Индексот на отвореност се изведува според посебни квантитативни и квалитативни показатели, кои се однесуваат на пристапот до информации на официјалните веб страни, објавени податоци за работењето на институцијата, јавните набавки, информации за трошењето на јавни пари, итн.
    По завршување на мерењето на отвореноста на единиците на локалните самоуправи, а врз основа на анализираните податоци, Фондацијата Метаморфозис ќе изработи документ за јавни политики кој ќе го искомуницира со локалната самоуправа и јавноста, со цел да помогне во унапредувањето на отвореноста на локалната самоуправа кон граѓаните.
    Повеќе информации за последното изведено мерење на отвореноста на единиците на локалната самоуправа се достапни во публикацијата Процена на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија преку Индексот на отвореност.

    Оваа активност е дел од проектот (ДИГИЛОК) Дигитална трансформација на локално ниво – Вклучена заедница за отпорност на корупција кој е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Партнери на проектот се Фондација за Интернет и општество Метаморфозис, Рурална Коалиција и Центар за социјални иновации Блинк 42-21.

  • 4 ФЕВРУАРИ СВЕТСКИ ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ РАКОТ – „ОБЕДИНЕТИ ВО НАШАТА УНИКАТНОСТ“

    Скопје, 4 февруари 2025 – По повод Светскиот ден за борба против ракот, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) ја повикува Владата на Република Северна Македонија и Министерството за здравство итно да ја зголемат поддршката за превентивни програми за рана детекција и спречување на малигни заболувања. Анализите…

  • АТАНАСОВ: ОБРАЗОВАНИЕТО ОСТАНА НА МАРГИНИТЕ, ШТЕТИТЕ СЕ ДОЛГОРОЧНИ

    Петар Атанасов, поранешен заменик-министер за образование и наука во Владата на Република Северна Македонија и универзитетски професор, вели дека реформите во образованието се клучен предуслов за севкупен развој.
    Во интервјуто за Институтот БИРС тој потенцира дека науката и научните истражувања се приоритет на ЕУ, додека образованието е наша домашна задача.
    Образованието како сектор, според него, остана на маргините во изминатите 30 години а штетите се долгорочни.
    Без квалитетно образование, подвлекува Атанасов, немате добар човечки капитал и имате помали шанси за поголем економски и општествен развој. 

    – Во процесот на преговори за членство во ЕУ е и Кластер 3, кој содржи поглавја кои се однесуваат на неопходните реформи за хармонизација на нашиот со европскиот образовен систем. Што може да направиме во овој правец?
    Петар Атанасов: Во оваа област, образование и наука, имаме неколку предизвици на повеќе нивоа. Некои од нив можеме да ги надминеме сами, во секторот на образование на пример, но некои од нив бараат ангажирање на сите ресурси и капацитети во државата, во науката и научните истражувања на пример. Потребна е општа мобилизација на институциите на државата и на цел јавен сектор, вклучувајќи ги и универзитетите. Нашата држава помина скрининг процес и тимот што беше во Брисел добро ги презентираше нашите позиции во поглавјата 25 (наука и научни истражувања) и 26 (образование и култура). Знаеме дека се потребни  подобри закони и политики, како и политички консензус за да го изградиме нашиот образовен систем, но тој полека треба да се доближува до квалитетот на образовните системи во земјите членки на ЕУ. Да повторам, науката и научните истражувања се приоритет на ЕУ, додека образованието е наша домашна задача. Образованието како сектор остана на маргините во изминатите 30 години а штетите се долгорочни. Без квалитетно образование немате добар човечки капитал и имате помали шанси за поголем економски и општествен развој.
    – Како да се убедат властите и јавноста за потребата од интерсекторската методологија на пристапување, со посебен фокус на темелните вредности како право на студирање, право на работа и право на добра администрација?
    Петар Атанасов: Правата се поврзани со можностите и капацитетите што ќе се создадат. Ние имаме просечно образование, економија што главно не нуди добро платени работни места, како и негативна селекција во напредувањето во институциите во државата. За да се напредува, сите сектори мора да се координираат во Владата, како и да постои меѓусекторска соработка. Тоа никогаш не ни била силна страна, бидејќи секоја институција кај нас тера сопствена политика. Доброто владеење е квалитативна придобивка, додека квантитетот не се мери со тоа колку пати некој ви помогнал да „завршите“ некоја работа. Ние живееме во три светови: личен/семеен, во заедницата и во општеството. Првиот свет е ваша лична одговорност, вториот свет е светот на локалната власт и локалните потребите на луѓето, додека светот на општеството се поклопува со државата во која живеете. Притоа, нашето општество е високо поларизирано по политичка, етничка, а на микро план и според верска фрагментација. Значи, за да има подобро образование, подобар стандард и подобро владеење, треба да се работи на тоа, од ЕУ ништо нема да добиеме како подарок, самите треба да го одработиме нашиот развој. Сегментарноста на општеството треба да се решава преку издржани интегративни политики и подобрување на работата на институциите. Промените се услов без кој не се може понатаму.
    – Дали Процесот од Болоња се спроведува како што треба и колку ја нуди основната негова вредност – мобилност?
    Петар Атанасов: Болоња беше создадена за хармонизирање на образованието на Истокот со Западот. За приближување на националните образовни системи на земјите членки. Начинот на кој требаше да се направи тоа беше преку мерливост на образовните елементи (тоа што се учи), вмрежување во европскиот академски простор и мобилноста на студентите и професорите. Овие нормативни насоки требаше да ги трансформираат или надминат идеолошки обоените образовни системи. Во некои делови Болоњскиот процес не се спроведува како што треба, но тоа е одговорност на образованието во националните земји. Е сега, конкретно за мобилноста. Постои внатрешна и надворешна мобилност. Нас не ни функционира ниту внатрешната мобилност. Некако се е статично во академскиот сектор и високото образование. Надворешната мобилност се зголемува од година во година. Има многу наши студенти надвор од државата, додека на научно поле мобилноста заостанува. Државните стипендии за студирање надвор во еден временски период ја надоместија оваа празнина. Можеби е време да се инвестира повеќе во научната мобилност. Еве, како член на академската и научна фела може да ви кажам дека можеме и повеќе и подобро. Во овој момент добри се примањата, но фалат инвестиции во базични научни истражувања. Особено во општествените науки, затоа што во светот се случуваат големи потреси и потребни се истражувања и нови сознанија кои би им помогнале на државата и на нашите носители на јавни функции да носат подобри одлуки од интерес за граѓаните. Сакам да учествувам во регионални компаративни истражувања во кои ќе ја мериме улогата и перформансите на нашата држава во однос на другите. А за тоа се потребни финансии.
    – Како ќе ја подигнете свеста на стручната и пошироката јавност за важноста на Болоњскиот процес?
    Петар Атанасов: Всушност, свеста треба да се подигне за потребата од поквалитетно образование и повеќе научноистражувачки проекти. Болоња е само репер за да знаеме до каде сме и уште колку ни треба за да достигнеме одредени стандарди. Нашиот образовен модел е разнишан и ќе треба доста интервенции за да се стабилизира, а потоа и да се развива.
    Зошто во регионот се уште имаме административни бариери кога станува збор за признавање на дипломите? Што треба да се направи за да се тргнат истите?
    Петар Атанасов: Задачата е „едноставна“, да се решат криминалот и корупцијата во високото образование. Да нема веќе лажни и фалсификувани дипломи, секоја диплома да гарантира тоа што го пишува на неа, да се стане член на европските организации што гарантираат обезбедување на квалитетот во високото образование итн. Пазарот на купени дипломи е долго време присутен во целиот регион, особено во неколку држави кои им се познати на сите. Проблемите во оваа сфера се напластени со години и не знам од каде треба да се тргне. Потребна е добра датотека и поврзаност меѓу универзитетите за да се намалат коруптивните активности и лажните дилпломи. Министерството за образование се обидува да ги средува работите, ама тоа нема да оди ниту брзо ниту лесно. Кај нас дома, потребна е и оптимизација на универзитетите. Да се направи деконцентрација на некои факултети, но преку концентрација на квалитет. Ние како држава немаме капацитет за повеќе од два јавни универзитета. Исто така, во секоја област имаме по неколку добри професори и истражувачи, тие треба да се поддржат и да се овозможи повисок квалитет на она што го работиме. Секој академски работник, според мене, во својата кариера има пет задачи, треба да предава, да истражува, да публикува, да создаде академски подмладок и да учествува во јавниот живот, на соодветен начин.
    – Ние имаме неколку илјади граѓани кои активно бараат работа, но од друга страна има недостаток на кадар за над 10 илјади слободни работни места. Дали нашиот образовен систем одговара на потребите на пазарот на труд?
    Петар Атанасов: Во генерална смисла не одговара. Во подолг период проблем беше несоодветната уписна политика. Но, поголем е проблемот со просечноста на квалитетот што се добива од образованието. Креаторите на политиките треба да се одлучат за точката на баланс меѓу длабочината и широчината на знаењето во образованието и подготовката за специфични вештини и знаења, готови за вклучување на пазарот на трудот. Оттука треба да се подобрува секој сегмент од образовниот процес. Сепак, одговорноста треба да ја преземат оние што ги создаваат законите и стандардите што треба да се исполнат. Прогласувањето на концептот за доживотно учење, не обврзува на секојдневно напредување во кој било сегмент од општеството и економијата. На светот ургентно му требаат два вида на квалитетни кадри: експерти во областа на економијата и критичари на општествената стварност. Во секој случај меритократијата треба да има свое влијание.
    – Земјата одвојува помалку од 1% од БДП за наука и иновативен развој. Како се одразува оваа во поглед на целокупниот развој? 
    Петар Атанасов: Тоа што го издвојуваме е недоволно, иако изминатите години нешто се инвестираше. Трите магични зборови се истражување, развој и иновации. Оние земји што напредуваат имаат висок процент на инвестиции во истражувањата и развојот, некаде и над 3 проценти, посебно од финансирањето на образованието. Ние долго време стагниравме на под еден процент. Сите анализи зборуваат дека со вложување во овие сектори на долг рок добиваат и економијата и општеството. Ние сме страшно некоординирани во врска и со нашите капацитети. Истовремено, имаме обврска да се прилагодиме на европскиот научен простор, да се вклучиме во европските рамковни програми и да ги обезбедиме потребните капацитети за ова. Но, најмногу од се имаме домашна обврска да инвестираме во човечкиот академски капитал, затоа што само така ќе добиеме кадри подготвени за натпревар и за развој. Што се однесува до образованието, тука се соочуваме со лична одговорност како земја кандидат. Треба да работиме на подобрување на политиките според европските стандарди, според донесените директиви и документи, но и според меѓународните стандарди, оние во анализите на Светска банка и ОЕЦД. Анализите се прецизни, точно знаеме што треба да правиме, пред сè, интеграција на активностите во областа на образованието и обуката, како и јакнење на капацитетите за управување со европските програми за образование.

    Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  
    Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

  • Македонија нема иднина без спречување на одливот на мозоци

    Извор на фотографија: Joshua Woroniecki from Pixabay, https://pixabay.com/photos/merry-christmas-boarding-pass-travel-5219496/.
    Авторка: Александра Стојанова
    Македонија е меѓу дваесетте најзагрозени земји во светот според бројот на иселување на населението во странство. Најмногу заминува високообразованиот кадар, кој, според Светската банка, речиси 40 отсто ја има напуштено земјава. Овие алармантни податоци лани ги констатираше Државниот завод за ревизија, кој заклучи дека македонската држава нема ефикасни мерки против иселувањето коe ја чини стотици милиони евра. Ревизорите во Извештајот за извршена ревизија на темата „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“ посочуваат дека државата не знае точно зошто се случува долгогодишниот одлив на мозоци во странство, но и дека владините политики за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на ваквиот одлив.
    Одливот на мозоци од нашата земја предизвикува економски загуби како резултат на инвестициите во образованието на младите лица, кои потоа си заминуваат во странство. Се појавува недостиг на кадар, кој е најизразен во критичните сектори како здравството, како резултат на фактот што над 1.200 лекари ја напуштиле земјава во изминативе години. Сето ова води кон намалена конкурентност на македонскиот пазар на труд, но и демографски последици како што е стареењето на населението. На овој начин од невладината организација „Младите можат“ ја опишуваат ужасната спирала на последици од одливот на мозоци.Од оваа организација за Евротинк објаснуваат дека младите од земјава се одлучуваат да се иселат во странство како резултат на економски и неекономски фактори. Во минатото, заминувањето во странство било поради економските причини, како ниски плати и лоши услови за работа.
    „Меѓутоа, денес, дури 36% од младите наведуваат неекономски причини како што се лошиот квалитет на образованието, слабата владејачка структура, корупцијата, политичката нестабилност и нискиот квалитет на живот“, го објаснуваат од „Младите можат“ ваквиот тренд.
    Претседателот на Стопанска комора на РСМ Бранко Азески причините за ваквата состојба ги гледа во несреденоста на системот и неможноста на младите да им се овозможи перспектива.
    „Оформените личности коишто завршуваат образовен систем, виделе како функционира системот и се наоѓаат пред еден крстопат – или ќе почнат да живеат и да работат по среден систем што им овозможува подобра перспектива или ќе треба да се научат на балканските итроштини коишто мислиш дека нема да ги научиш“, објаснува Бранко Азески.
    Европската комисија, пак, во минатогодишниот Извештај за реформскиот напредок на земјава на патот кон зачленување во ЕУ посочува дека пазарот на труд во земјава ја изгубил динамиката, додека одливот на работна сила станал поизразен. Во делот на слободата на движење на работниците, препораките на Европската комисија од 2023 година не се исполнети и не е направен напредок. Зајакнувањето на капацитетот на Агенцијата за вработување е клучно, а од ЕУ додаваат дека македонските власти во 2025 ќе треба особено да се посветат на исполнувањето стратегии за активирање на младите луѓе на пазарот на трудот.Податоците од Европската комисија потврдуваат дека стапката на невработеност се намалила на 13,2% во 2023 година, додека кај младите на возраст од 15 до 24 години таа опаднала за 3,2% во споредба со претходната година или изнесувала вкупно 29,3%. Сепак, ваквото намалување се должи на силниот пад на работната сила на оваа возрасна група од 5,5% на годишно ниво.
    И од Агенцијата за вработување на РСМ за Евротинк објаснуваат дека бројот на невработени млади лица се намалува. На крајот од 2024 година, во земјава биле евидентирани 17.305 невработени лица како активни баратели на работа на возраст до 29 години. Од нив, дури 45,5% чекаат на вработување до 11 месеци, додека 54,5% чекаат вработување повеќе од една година. Дури 55,6% од младите кои активно бараат вработување се со завршено средно, вишо образование или факултет.Одливот на мозоци во странство генерира милионски загуби за земјава, а проценките се дека вкупниот негативен ефект од загубените потенцијални приходи во државата на годишно ниво се околу 8,34% од бруто-домашниот производ (БДП), објаснуваат од „Младите можат“.Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески додава дека последиците ако продолжи иселувањето на младите луѓе во странство ќе бидат слични на природна непогода, бидејќи ќе се опустоши државата.
    „Прво ќе настрада селото, штом настрада селото тоа ќе се одрази на иселување во Скопје, сите луѓе ќе бегаат каде им се нудат подобри услови за егзистенција“, вели Бранко Азески.
    Тој додава дека нивните предлози како стопанственици се во насока да се задржат младите талентирани лица во државата и да се подигне нивото на животниот стандард. Азески потенцира дека бизнисот треба да стане приоритет во работењето за да се намали заостанувањето во однос на европските земји.
    „На тој начин да создадеме функционална демократска држава која што ќе пружи услови на младите за останување во државата“, вели Бранко Азески.
    За да се спречи трендот на иселување на младите во странство, од Агенцијата за вработување пак велат дека спроведуваат „голем број активни програми, мерки и услуги за вработување“. Додаваат дека посебен осврт им се дава на младите невработени лица и на ранливите категории на невработени лица.
    „Според годишните извештаи за реализација на активните програми и мерки за вработување, интересот кај младите лица е доста големо (над 50% од сите учесници во активните мерки за вработување се млади лица до 29-годишна возраст)“, објаснуваат од Агенцијата за вработување.
    Во изјавата за Евротинк, од таму посочуваат дека од година во година се зголемуваат средствата за реализација на активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот.
    „Притоа, посебен фокус е вклучувањето на младите лица, со цел да спречиме одлив на младата работна сила во странство и да создадеме услови нашите студенти кои студираат во странство практично да го спроведат своето знаење во државава“, велат од Агенцијата за вработување.
    Дел од програмите што ги спроведуваат се финансирани и од Европската Унија. Па така, преку програмата „Гаранција за млади“, бенефит имале над 9.900 млади лица од регионите во земјава кои се соочуваат со највисока стапка на невработеност и највисоки проценти на напуштање на образовниот процес, се наведува во ланскиот Извештај на Европската комисија за реформскиот напредок на земјава.Сепак, дека недостига посветеност на државните власти за спречување на одливот на мозоци во странство говори фактот дека последната Национална стратегија за вмрежување, соработка и намалување на одливот на високообразовни и стручни кадри од земјава е за периодот 2013-2020 година.
    „По истекувањето на периодот на важност на Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри од 2013 до 2020 година, државата нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри“, заклучува Државниот завод за ревизија во минатогодишниот извештај за ефективноста на мерките за спречување на одливот на мозоци од земјава.
    Како да се задржат младите во земјава?Од Агенцијата за вработување за Евротинк објаснуваат дека динамичниот развој на пазарот на трудот и новите технолошки промени создаваат работни места кои бараат знаења и вештини што не секогаш можат да се стекнат во процесот на формалното образование.
    „Работодавачите најчесто бараат работници кои покрај дипломата за завршено образование, треба да поседуваат и низа сертификати за стекнати знаења и вештини надвор од процесот на формалното образование“, велат од Агенцијата за вработување.
    Според нивните податоци, во последните неколку години мошне е голема побарувачката на кадар во областа на информатичката технологија (ИТ), што не е случај само кај нас, туку и во светски рамки. Во нашата земја речиси и не постои ИТ кадар којшто не е ангажиран. Интересот на младите лица да работат во одредени сегменти од ИТ-индустријата е мошне голем, а една од причините несомнено се и условите за работа: кариерен раст за вработените, добро платени работни места и постојана инвестиција во нивна надградба преку финансирање на дополнителни обуки и сертификација.Фотографија генерирана од вештачка интелигенција; Извор на фотографија: kp yamu Jayanath from Pixabay: https://pixabay.com/illustrations/ai-generated-business-travel-9154855/.
    Според документот за јавни политики „Kако да се задржат младите? Oдливот на мозоци како најголем предизвик за Република Северна Македонија“ на авторот Марјан Ицоски, главните препораки се сведуваат на четири приоритетни области во кои се неопходни итни и суштински реформи: образованието, економијата, државната администрација и владеењето на правото.Токму тука, потребата од синхронизиран и координиран пристап на државните институции и останатите релевантни чинители првенствено е видлива од многубројноста и сложеноста на предложените мерки.Помеѓу мерките, како најважни се издвојуваат: вклучување на младите во процесите на одлучување и искористување на нивниот потенцијал, нивна поддршка во кариерниот развој и основањето бизнис, дигитализирање и подобрување на работата на администрацијата, неселективна примена на законите и искоренување на корупцијата на сите општествени нивоа.Од „Младите можат“ пак упатуваат на следниве препораки за да се спречи одливот на мозоци во странство: субвенционирање на младинско вработување преку даночни олеснувања за компании кои вработуваат млади, неминовна поддршка за претприемачки иницијативи со финансиска помош и менторство и јавно-приватни партнерства за стажирања и обуки. Овие мерки треба да се имплементираат од страна на државата, образовните институции, граѓанските организации и приватниот сектор.
    Исто така, како стратешки препораки, „Младите можат“ ги издвојуваат иновациите во образовниот систем што можат да го мотивираат квалитетниот кадар да остане и да работи во земјата. Неопходна е интеграција на дигитални алатки и модерни програми во наставата, како и развој на програми за практични обуки во соработка со компаниите. Од „Младите можат“ додаваат дека на земјава ѝ е неопходно зголемување на финансирањето за истражувања и поддршка на иновациите, но и интернационализација на образованието преку мобилност и партнерства со странски универзитети.
    Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор