CMPG

  • Светски ден на здравјето: каква е реалноста за жените, девојките и ранливите групи на терен? 

    Светскиот ден на здравјето годинава е посветен на темата „Здрави почетоци, надежна иднина“ – порака која нè потсетува дека здравјето е темел на секоја приказна за развој и достоинствен живот. Но, што значи ова во реалноста за жените, девојките и ранливите групи? За многумина, пристапот до превентивна здравствена заштита сè…

  • Консултативна работилница – Потреби и можности за вклучување на матичните лекари специјалисти по семејна медицина во Програмата за скрининг на рак на грлото на матката

    На консултативната работилница, матичните лекари специјалисти по семејна медицина дискутираа за можностите, потребите и потенцијалните пречки за нивно вклучување во спроведувањето на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката. Лекарите се согласија дека треба да играат активна улога во програмата – преку здравствена едукација на жените, земање ПАП…

  • ДОКУМЕНТАРЕЦ / ТАЈНИТЕ СЛУЖБИ ПОД ЛУПА: КОЛКУ Е ТРАНСПАРЕНТЕН БЕЗБЕДНОСНИОТ СЕКТОР ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА?

    „Безбедносниот сектор е синоним за тајност. Тајни операции, тајни служби, тајно следење, тајни агенти. Транспарентноста во овој сектор се смета за оксиморон, а отчетноста – за невозможна мисија“. Вака почнува докуемнатецот на Институтот БИРЦ, произведен со поддршка на од Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор – ДКАФ, каде се третираат реформите на безбедносниот сектор и нивните влијание во севкупниот демократски развој на државата.
    [embedded content]
    Ѕидовите на тајноста околу работата на безбедносниот сектор беа изградени во име на националната безбедност. Јавноста немаше никаков увид во информациите за да не се загрози безбедноста на државата. Оваа состојба беше особено изразена за време на Студената војна. По 90-тите години, со распадот на Советскиот Сојуз и бранот на демократизација што го зафати светот, овие ѕидови делумно се урнаа. Тоа доведе до откривање на низа скандали за кои јавноста претходно немаше никакви информации.
    Надзорот на безбедносниот сектор е исклучително значаен

    Методи Хаџи-Јанев, експерт за безбедносни прашања и универзитетски професор, е ангажиран од Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор – ДКАФ, каде што спроведува обуки и работилници за претставници на граѓански организации и медиуми. Целта е да се поттикне ефективен граѓански надзор над разузнавањето и безбедноста. Тој е и дел од C3I, организација што разви индикатори за мерење на успешноста на разузнавачко-безбедносниот сектор, со фокус на транспарентноста, отчетноста и ефективноста.
    „Надзорот на безбедносниот сектор во демократските земји е исклучително значаен бидејќи овој сектор акумулира огромна моќ, каква што нема ниту една друга институција. За да се спречи злоупотреба на таа моќ, потребен е надзор кој ќе делува како коректор и ќе ја насочува во вистинска насока“, вели Хаџи-Јанев.
    Злоупотребите на безбедносниот сектор ја истакнаа потребата од поефективен надзор, поставувајќи ја оваа тема како клучен предуслов за нормално функционирање на една држава. Сепак, овој надзор не е лесна задача.
    „Пречките за надзор варираат меѓу општествата и можат да бидат одраз на културолошки, историски или политички фактори“, истакнува Хаџи-Јанев.
    Александар Стојановски е автор на студија за транспарентноста и отчетноста на британските, македонските и словенските тајни служби, изработена во рамките на програмата на ДКАФ за реформи во разузнавачкиот сектор. Тој заклучува дека балансот меѓу тајноста и транспарентноста останува контроверзна тема.
    „Во 2023 година направивме компаративна анализа за тоа како тајните служби комуницираат со јавноста. Ги споредивме македонските, словенските и британските служби. Нашите служби немаат ист степен на отвореност како оние во Западна Европа, особено во Велика Британија, но не се ни целосно затворени“, вели Стојановски
    Потребни се законски основи за контрола на службите

    Безбедносниот сектор во Северна Македонија помина низ повеќе реформи, кои создадоа рамка за демократско функционирање и заштита на граѓанските права. Актуелното законодавство нуди простор за подобрен надзор и поголема транспарентност, но реформите бараат континуиран и инклузивен процес со учество на сите релевантни чинители.
    „Потребни се законски основи за контрола на службите. Актуелните закони не се лоши, но проблем е имплементацијата. Тешко се добиваат безбедносни сертификати, дури и за оние што се овластени за надзор. Исто така, треба да се едуцираат вработените во службите дека подлежат на контрола и дека мора да бидат отчетни“, вели Искра Коровешовска, уредник во ТВ Алфа.
    И покрај напредокот, безбедносниот сектор во Северна Македонија сè уште е обвиткан со тајност, слично како и во регионот и пошироко, каде националната безбедност често има предност пред човековите права.
    „Нашите служби се делумно отворени – имаат веб-сајтови, годишни извештаи и одредена комуникација со јавноста. Агенцијата за разузнавање, на пример, дава информации за своите активности. Но, во споредба со МИ5 и МИ6 од Велика Британија, каде има поотворен пристап и алатки за вклучување на граѓаните, ние сме далеку зад нив“, вели Стојановски.
    Искра Коровешовска објаснува дека „транспарентноста не значи откривање тајни, туку градење доверба меѓу граѓаните и службите преку соработка со медиумите и граѓанскиот сектор.“
    Ефективниот надзор е клучен за поголема транспарентност и отчетност
    Aleksandar Stojanovski
    Без квалитетен надзор, тајноста во безбедносниот сектор може да стане загрижувачка, особено во време на глобални конфликти кои ја зголемуваат опасноста по безбедноста. Ефективниот надзор е клучен за поголема транспарентност и отчетност, но бара конкретни чекори.
    „Прво треба да се подигне свеста, а потоа да се градат капацитети. Дебатата треба да објасни зошто е важна транспарентноста и какви се нејзините придобивки за националната безбедност“, вели професорот Методи Хаџи-Јанев.
    Стојановски, пак, истакнува дека „медиумите имаат одреден капацитет да ја следат работата на службите, но тој треба да се зголеми. Граѓанскиот сектор, пак, сè уште е ограничен во оваа област.“
    Собранието и владата играат важна улога во надзорот, но граѓанските организации и медиумите се подеднакво значајни за независен надзор. Транспарентноста подразбира јавност и достапност, додека отчетноста бара механизми за одговорност. Овие принципи се дел од Патоказот со индикатори развиен од ДКАФ, кој служи како алатка за мерење на напредокот во разузнавачко-безбедносниот сектор.
    „Индикаторите се резултат на опсежен процес со работилници и анализи. Тие помагаат да се зголеми транспарентноста и да се намалат сомнежите кај јавноста, истовремено обезбедувајќи ефикасност во работата на службите“, вели Хаџи-Јанев.
    Ефективноста на граѓанскиот надзор зависи од капацитетот на медиумите и невладините организации. Во Северна Македонија, малку медиуми имаат ресурси за длабински анализи, а граѓанските организации не се доволно специјализирани. Обуките, како оние на ДКАФ, се клучни за подобрување на овој капацитет.

    Една од учесниците на овие обуке е и Коровешовска. Таа вели: „Медиумите имаат минимален капацитет за надзор. По 20 години работа, дури минатата година, преку обуките на ДКАФ, научив како да ја покривам работата на службите. Тоа покажува колку ни недостасуваат едуцирани новинари.“
    Стојановски подвлекува дека „обуките на ДКАФ се основа за граѓанските организации и медиумите да ја разберат работата на службите и да ја подобрат својата надзорна улога.“
    Транспарентноста и отчетноста се столбовите на доброто управување со безбедносниот сектор. Иако има напредок, потребни се дополнителни напори. Граѓанските организации и медиумите, со својата независност, остануваат клучни за иднината на овој процес.
    (Документарецот е реализиран во април 2024 година)

  • Секторскa анализa на тема – Младински политики во Пелагонискиот регион

    Во рамките на проектот „Младински политики по мерка на младите“  беа изготвени 3 секторски анализи на темите:

     Главна цел на проектот:
    Проектот „Младински политики по мерка на младите“ има за цел вклучување на граѓанските организации во развојот на политики и процесите на донесување одлуки преку соработка и дијалог со властите
    Носител на проектот е Про Локал а Младински Совет Прилеп е еден од 9те партнери.
    Оваа активност е резултат на проектот ,,Младински политики по мерка на младите”. Проектот е поддржан од владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
    #civicamobilitas #chinmk

  • УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПРЕВЕНТИВНАТА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА ЗА РАНЛИВИТЕ ГРУПИ

    УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПРЕВЕНТИВНАТА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА ЗА РАНЛИВИТЕ ГРУПИ
    НАОДИ И ПРЕПОРАКИ ОД МОНИТОРИНГОТ НА ЧЕТИРИ ЗДРАВСТВЕНО ПРЕВЕНТИВНИ ПРОГРАМИ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО
    Целата анализа можете да ја преземете на следниот линк

  • АХМЕД ЌАЗИМИ: ВЛАДАТА ОВАА ГОДИНА ИЗДВОИ ДВОЈНО ПОВЕЌЕ СРЕДСТВА ЗА НАУКА

    Во интервју во рамките на проектот „Застапување за инклузивен развој“, поддржан од Civica Mobilitas, раководителот на Секторот за високо образование при Министерство за образование, Ахмед Ќазими, детално ги изложува напорите на Министерството за образование за приближување на образовните политики кон европските стандарди. Тој вели дека Владата е решена да ги зголеми инвестициите во развојот на истражувачко-научната дејност и, во таа насока, во буџетот за 2025 година се предвидени 680 милиони денари за наука, во споредба со минатата година, кога за оваа цел беа издвоени 380 милиони денари.
    „Овој тренд на зголемување на буџетот за наука ќе продолжи и во наредните години“, вели тој.
    Казими додава дека Министерството за образование активно работи на подигнување на свеста за значењето на Болоњскиот процес преку мултидимензионален пристап, додека меѓусекторската синергија ја гледа не само во насока на зголемување на институционалната ефикасност, туку и во зајакнување на демократскиот карактер на јавните политики.
    Во однос на признавањето на квалификациите за високо образование во Западен Балкан, тој истакнува дека многу скоро ќе започне имплементацијата на Договорот за автоматско признавање на академските квалификации, а подоцна и на професионалните квалификации по пристапувањето на земјата во ЕУ.

    Во процесот на преговори за членство во ЕУ е и Кластер 3, кој содржи поглавја кои се однесуваат на неопходните реформи за хармонизација на нашиот со европскиот образовен систем. Што може вие да направите во овој правец?
    Ахмед Ќазими: Процесот на пристапување кон ЕУ бара усогласување на образовните политики со европските стандарди, а Кластер 3 е клучен во оваа насока. Министерството за образование и наука активно работи на реформи кои вклучуваат подобрување на квалитетот на наставните програми, дигитализација на образованието, зголемување на мобилноста на студентите и академскиот кадар, како и признавање на квалификациите во рамките на Европскиот простор за високо образование.
    Во овој контекст, ќе продолжиме со имплементација на Европската рамка за квалификации, унапредување на стручните училишта и подобрување на финансирањето на научните истражувања. Исто така, ќе ја засилиме соработката со универзитетите во земјите-членки на ЕУ за да овозможиме поголема конкурентност и признавање на нашите дипломи во Европа.
    Нашата цел е да создадеме образовен систем кој ќе ги подготви младите луѓе за успешен настап на пазарот на трудот и ќе обезбеди повисоки стандарди во сите нивоа на образование.
    Како да се убедат властите и јавноста за потребата од интерсекторската методологија на пристапување, со посебен фокус на темелните вредности како право на студирање, право на работа и право на добра администрација?
    Ахмед Ќазими: Истражувањата покажуваат дека интерсекторската синергија не само што ја зголемува институционалната ефикасност, туку и го зајакнува демократскиот карактер на јавните политики, овозможувајќи инклузивен и холистички развој на општеството.
    Во овој контекст, комуникацијата со јавноста и засегнатите страни треба да биде трансформативна, а не само информативна. Тоа подразбира користење на мултимодални пристапи – од експертски конференции и јавни дебати до интерактивни дигитални платформи – со цел да се креира колективна свест за вредностите и импликациите на ваквиот пристап.
    Дополнително, имплементацијата на пилот-проекти во стратешки избрани образовни и административни институции ќе овозможи емпириска демонстрација на придобивките од интерсекторската методологија, што значително ќе ја зголеми довербата меѓу јавноста и носителите на одлуки.
    Интерсекторскиот пристап не треба да се гледа како алтернативна методологија, туку како стратешка неопходност во современото управување, каде што сите општествени сегменти работат во координација за постигнување на заеднички развојни цели.
    Дали Процесот од Болоња се спроведува како што треба и колку ја нуди основната негова вредност – мобилност?
    Ахмед Ќазими: Имплементацијата на Болоњскиот процес во Македонија е континуиран и динамичен процес кој се развива со целосна посветеност кон усогласување со европските стандарди во високото образование. Направени се реформи во поглед на стандардизацијата на студиските програми, системот на кредити (ECTS) и примената на исходно базирано учење, што претставуваат основни принципи на Болоњскиот систем.
    Мообилноста, како еден од клучните столбови на овој процес институционално е поддржана преку механизми како Erasmus+, билатерални договори и регионални иницијативи, непречено се  реализира, при што секоја година голем број на студенти, наставници и истражувачи од нашите универзитети се дел од разни проекти и програми на мобилност во универзитетите ширум Европа и обратно. Секогаш постои можност да мобилноста да биде на уште подобро ниво.
    Министерството за образование и наука активно работи на намалување на  остранување на административните бариери и сите други видови на пречки се со цел зголемување на бројот на студентите на програмите на мобилност, и тоа преку:
    Унапредување на законската рамка – ревизија на регулативите за олеснување на академската мобилност и зголемување на транспарентноста при признавањето на студиските периоди и дипломите.
    Финансиска поддршка – обезбедување поголеми стипендии за мобилност преку национални и меѓународни фондови.
    Поддршка на институциите – стимулирање на универзитетите да создадат флексибилни студиски програми кои ќе овозможат поголема интероперабилност со европските академски институции.
    Јакнење на соработката со странски универзитети – потпишување нови договори за размена и создавање услови за привлекување странски студенти во нашата држава.
    Веруваме дека преку системски пристап и посветена имплементација на овие мерки, мобилноста ќе стане реална придобивка за секој студент и професор во Македонија.
    Како ќе ја подигнете свеста на стручната и пошироката јавност за важноста на Болоњскиот процес?
    Ахмед Ќазими: Министерството за образование и наука активно ја унапредува свеста за значењето на Болоњскиот процес преку мултидимензионален пристап што ги опфаќа академската заедница, студентите и пошироката јавност.
    Во рамките на универзитетите, систематски се спроведуваат стратешки форуми, панел-дискусии и работилници, каде што универзитетските професори, студентите и релевантните експерти водат конструктивен дијалог за предизвиците и можностите што ги нуди Болоњскиот процес. Овие настани служат како платформа за размена на најдобрите европски практики и за адаптација на успешни модели во нашиот образовен систем.
    Паралелно, Министерството го зајакнува процесот на транспарентност и отчетност преку креирање на дигитални ресурси што ги разјаснуваат процедурите за академска мобилност, признавање на кредити и дипломи.
    Во соработка со меѓународни организации и европски академски институции, Министерството континуирано спроведува иницијативи за зајакнување на меѓууниверзитетската соработка и поттикнување на студентската и наставничката мобилност. Преку програмите Erasmus+, CEEPUS и билатералните договори, сè повеќе студенти и наставен кадар имаат можност да ги прошируваат своите академски и истражувачки хоризонти во рамките на европскиот образовен простор.
    На национално ниво, Министерството постојано иницира структурирани консултации со студентските организации, наставниот кадар и стопанските комори, со цел да се постигне поширока свест за значењето на Болоњските принципи и нивната улога во создавањето компетентен и конкурентен кадар.
    Преку овие мерки, Министерството осигурува дека Болоњскиот процес не останува само формален механизам, туку суштински инструмент за подигнување на квалитетот на високото образование и зголемување на неговата атрактивност на европско и меѓународно ниво.
    Зошто во регионот се уште имаме административни бариери кога станува збор за признавање на дипломите? Што треба да се направи за да се тргнат истите?

    Ахмед Ќазими: Во делот за признавање на дипломи било тие да се високообразовни квалификации (прв, втор и трет циклус , кавалификации стекнати во дејноста средно или основно образование не постојат административни бариери него тие се постапки кои се уредени согласно нашите закони, подзаконски акти или друго. Сите знаеме дека нашата земја стреми кон дигитализација што автоматски подразбира олеснителни околности за сите услуги кои ги користат нашите граѓани а и странските. Имено, што се однесува за признавање на високообразовни квалификации во Западен Балкан вој најскоро време ќе почне да се применува Договорот за автоматско признавање на академски квалификации и подоцна и за професионални квалификации по влез на нашата земја во ЕУ од кои земји и ги имаме  претежно поднесените апликации во нашиот портал.
    Ние имаме околу илјади граѓани кои активно бараат работа, но од друга страна има недостаток на кадар за над 10 илјади слободни работни места. Дали нашиот образовен систем одговара на потребите на пазарот на труд?
    Министерството за образование и наука активно презема чекори за поефикасно усогласување на образовниот систем со динамиката на пазарот на труд.
    Во таа насока, во соработка со стопанските комори, работодавците и високообразовните институции конитинуирано и  системски работи на модернизација на наставните програми, воведување на дуално образование, како и на поттикнување на студиските програми и обуките што одговараат на реалните потреби на економијата.
    Со цел да се идентификуваат клучните професии и дефицитарните кадри, редовно се спроведуваат анализи за состојбата на пазарот на труд, врз основа на кои се прилагодуваат квотите за упис во средните стручни училишта и универзитетите. Особено внимание се посветува на развојот на ИТ-секторот, техничките науки, медицинските струки, како и квалификациите во занаетчиските и производствените индустрии, каде што недостигот на работна сила е најизразен.
    Дополнително, активно се работи на проширување на дуалното образование, кое овозможува учениците и студентите да стекнат практични вештини преку директно учество во работните процеси кај компаниите. Преку интензивирање на вакви партнерства, младите стекнуваат релевантни компетенции, што значително ја зголемува нивната конкурентност на пазарот на труд.
    Министерството, исто така, вложува во системско подобрување на професионалната ориентација на учениците, со цел младите уште во текот на средното образование да имаат јасна слика за реалните можности на пазарот на труд и перспективите што ги нудат различните образовни профили.
    Земјата одвојува помалку од 1% од БДП за наука и иновативен развој. Како се одразува оваа во поглед на целокупниот развој? 
    Ахмед Ќазими: Инвестицијата во науката и иновативниот развој претставуваат еден од клучните структурни предизвици за долгорочната одржливост на економскиот и општествениот напредок. Владата е одлучна да ги зголеми инвестициите за развој на научно – истражувачката дејност и во оваа насока, во буџетот за 2025 година се предвидени 680 милиони денари за наука, споредбено со минатата година кога за оваа намена имаше 380 милиони денари. Овој тренд на раст на буџетот за наука ќе продолжи и во наредните години.

    Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  
    Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

  • ЗАПОЧНА БЕСПЛАТНИОТ КУРС ЗА ПЕДИКИР, МАНИКИР, ДЕКОРАЦИЈА И НАДГРАДБА НА НОКТИ ВО ОПШТИНА СТРУМИЦА

    Со задоволство ве информираме дека на 24.02.2025 година во Општина Струмица започна курсот за педикир и маникир, надградба и декорација на нокти како модули во рамки на обуката за козметичари.

    Во оваа група учествуваат шест мотивирани курсистки, кои ќе имаат можност да стекнат нови вештини и да се оспособат за работа во областа на козметичките услуги.

    Веруваме дека преку овие обуки, жените ќе добијат можност за професионален развој, активно вклучување на пазарот на труд и поголема економска независност.

    Со нетрпение го очекуваме напредокот на нашите курсистки и им посакуваме успех во совладувањето на новите техники.

    Курсевите се дел од партнерскиот проект: ,,Гласот и учеството на жените и младите во: Креирање јавни политики и овозможувачка средина за граѓанско учество.“ се спроведува од „Женска граѓанска иницијатива АНТИКО“, Скопје и проектните партнери Здружението „СЕКОГАШ СОЖИВОТ“– с. Канатларци – Прилеп и „ЗОК АДРИОН“, Желино. Поддржан од Владата на Швајцарија преку Civica Mobilitas

    Мислењата кои се изразени овде се на Здружението ,,Секогаш Соживот” не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.

  • КРИСТИНА АМПЕВА: ИМАМЕ ДИСБАЛАНС НА ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ – ВИШОК КАДРИ КАДЕ НЕ ТРЕБА, НЕДОСТИГ КАДЕ ШТО ТРЕБА

    Кристина Ампева, поранешна текстилна работничка од Штип, денес активно истражува и застапува права на текстилните работнички во помалите градови во Северна Македонија преку здружението „Гласен текстилец“. Пред околу пет години, кога Ампева работела во текстилната индустрија, условите и платите биле значително поразлични. Денеска таа се залага и за зголемување на квалитетот на образованието преку реформи, кои би биле во насока на прилагодување на образовните програми со потребите на пазарот на труд, каде влегува и текстилната индустрија.   
    „За да имаме поквалитетно образование, потребни се темелни реформи, вклучувајќи имплементација на Болоњскиот процес“, вели Ампева во интервјуто за Институтот БИРС, која се објавува на неколку партнерски медиуми на организацијата. „Целта на европскиот образовен систем е усогласување на националните образовни политики, што за Северна Македонија значи подобрување на квалитетот на наставата и развој на знаења и вештини потребни за дигиталната, социјалната и зелената транзиција.“ 
    Според неа, еден од начините за активно вклучување во овој процес е преку европските образовни програми, кои овозможуваат студентска размена и развој на практични вештини. 
    „Клучно е нашите образовни институции да се вклучат во европските мрежи и да поттикнат поголем интерес кај младите за учество во програми за размена“, нагласува таа. 
    Ампева исто така смета дека создавањето на подобри услови за истражувачка работа во академските институции е од суштинско значење. „Инвестирањето во научен материјал и ресурси ќе им овозможи на студентите подобри можности за истражување и градење кариера во својата област“, заклучува таа.
     
    Во процесот на преговори за членство во ЕУ е и Кластер 3, кој содржи поглавја кои се однесуваат на неопходните реформи за хармонизација на нашиот со европскиот образовен систем. Што може вие да направите во овој правец?
    Kристина Ампева: Сметам дека за да имаме подобро и поквалитетно образовние потребни се реформи во образовението, имплементација на Болоњскиот процес и други неопходни чекори за да се постигне и поттикне развој во државата. Една од главните цели на Европскиот образовен систем е усогласување на националните образовни политики на земјите членки, а во случајот на Република Северна Македонија, тоа е дел од поглавјата за преговори за членство. Целта на ова усогласување е постигнување заеднички цели, односно обезбедување квалитетно образование – образование што ќе нуди конкурентни знаења, вештини и вредности за ефикасно справување со европските предизвици, главно во областите на дигитализацијата, социјалната и зелената транзиција. Можеме да кажеме дека  европските предизвици се и наши идни предизвици, па затоа нашата образовна понуда треба да се направи  во согласност со истите параметри. Начинот на кој и ние активно би се вклучиле во овие процеси е преку европските образовни програми, кои имаат за цел приближување и зајакнување на интеринституционалната соработка.Овде ќе споменам  неколку од најпопуларните образовни програми, како што е Еразмус+ за размена меѓу студентите а со тоа и стекнување на подобри и понапредни знаења и  практични вештини на младите луѓе. Исто така, постојат и  многу образовни програми за развој на капацитетите на институциите со цел справување со идните предизвици. Она што е клучно  да се направи е поголема вклученост на нашите образовни институции во образовните мрежи и соработка со образовните институции од Европа, како и поттикнување на интересот кај младите за учество во образовни програми за размена. Исто така, од големо значење е создавање околина погодна за истражувачка работа во академските средини, преку инвестирање и набавување на достапен материјал се со цел студентите од сите факултети да имаат подобра можност за истражување и градење на капацитети и кариера во својата област.
    Како да се убедат властите и јавноста за потребата од интерсекторската методологија на пристапување, со посебен фокус на темелните вредности како право на студирање, право на работа и право на добра администрација?
    Kристина Ампева: Само преку вистинска соработка меѓу јавноста и властите може да се постигне целта за интерсекторската методологија на пристапување со посебен акцент на темелните вредности како правото на студирање, правото на работа и правото на добра администрација. Можам слободно да кажам дека  сите образовни политики, како и останатите политики на ниво на ЕУ, се креираат само со вистинска соработка меѓу засегнатите страни. Мора да  се поттикне подобра соработка и да постои слух кај креаторите на политики за потребите на граѓаните, на  приватниот сектор,  на младите луѓе, институциите и сите други општествени чинители. Од друга страна, образовните институции треба да имаат активна улога во унапредувањето на оваа соработка преку взаемна колаборација со сите општествени актери. Мора да тргнеме од тоа дека инклузивноста и соработката носат резултати. Исто така мора да се спомене и клучната улога на невладиниот сектор во градењето и јакнењето на капацитетите на младите луѓе во државата. Овој пристап поттикнува заедничко делување кон решавање на проблемите и предизвиците.
    Дали Процесот од Болоња се спроведува како што треба и колку ја нуди основната негова вредност – мобилност?  
    Kристина Ампева: Во однос на Процесот од Болоња би додала дека секоја трансформација бара добро осмислен план и одреден период за подобра имплементација и Болоњскиот процес. Болоњскиот Процес не вклучува само мобилност туку и промена во начинот на учење и предавање. Преку практични методи ќе се подобри и начинот на пишување на трудови од страна на студентите како и истражувачката дејност ќе се подобри при пишување на дипломски, магистерски и докторски трудови. Преку ваков пристап, студентите ќе се   стекнат со  знаење и ќе развијат подобри вештини за истражување и учење.
    Како ќе ја подигнете свеста на стручната и пошироката јавност за важноста на Болоњскиот процес?
    Kристина Ампева: Болоњскиот процес во Европа е застапен на секаде, и ние како држава не смееме да дозволиме да заостанеме во неговата имплементација. Затоа, за да се подигне свеста на стручната и целокупната јавност, потребно е постојано да се поттикнуваат дебати кои кај граѓаните ќе поттикнат едно критичко размислување со што преку јавни настани,дебати и трибини организирани на оваа тема ќе дебатираме за важноста на Болоњскиот процес  и што тој претставува.
    Ние имаме околу илјади граѓани кои активно бараат работа, но од друга страна има недостаток на кадар за над 10 илјади слободни работни места. Дали нашиот образовен систем одговара на потребите на пазарот на труд?  
    Kристина Ампева: Сметам дека не одговара бидејќи нашиот образовен систем треба да создава кадри во согласност со потребите на пазарот на трудот. Сметам дека имаме презаситеност на кадри во некои области, додека пак во други области постои недостаток на кадри за одредени работни места. Токму ова доведува до дисбаланс на потребите на пазарот на труд бидејќи за некои области имаме презаситеност со кадри додека пак во некои недостаток на кадри. Немаме стратегија за тоа со што располагаме, што ни треба, како ќе се движи бизнисот и економијата па соодветно да се прави план за образованието и тоа што ни треба како приватен сектор.
    Земјата одвојува помалку од 1% од БДП за наука и иновативен развој. Како се одразува оваа во поглед на целокупниот развој? 
    Kристина Ампева: Не се одразува никако. Доколку немаме доволно  и квалитетно инвестирање во истражувањето, во наука и иновации , не можеме да очекуваме дека ќе имаме развој во било која сфера. За пример, во Шведска имаме град по име Борос и текстилни училишта, истражувачки центар и хаб каде на пример имаме планирање за иднината на текстилната индустрија, зелена агенда и рециклирање на текстилниот отпад и нов живот за едно парче материјал. Од текстил се прави стент или други медицински помагала и се гледа широката примена и економската исплатливост во тој сектор, но со цел оддржлива мода. Но сериозно се инвестира и од страна на државата, и од општината но и од приватниот сектор за да функционираат тие образовни програми, иновации и воопшто иднината на секторот. Ние сме декади назад од тоа. Но затоа можеме да ги гледаме тие позитивни примери, да работиме заеднички и се стремиме макар да се доближиме.  За да се постигне подобра ефикасност во поглед на целокупниот развој во полето на науката и иновативниот развој, иако сме мала држава,сметам дека со подобрување и јакнење на капацитетите и вложување на ресурси за поквалитетно образование, ние ќе можеме да очекуваме напредок и во овие полиња.
     
    Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  
    Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

  • КАТЕРИНА КОЛОЗОВА: УНИВЕРЗИТЕТИТЕ МОРА ДА СТАНАТ ДЕЛ ОД ИНДУСТРИСКИТЕ ПРОЦЕСИ, А НЕ САМО МЕСТА ЗА ТЕОРЕТИЗИРАЊЕ

    Катерина Колозова, директор на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје (ИОХН-С) смета дека образованието не е само средство за стекнување знаење, туку и индустрија која брзо се менува за да се прилагоди на современите општествени и економски потреби. Нејзиниот институт, во партнерство со ФРП и БИРС, е дел од проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас, преку кој се стреми да се реформира образовниот систем со цел хармонизирање со европските стандарди но и прилагодување кон пазарот на труд.   
    Во интервју за списанието „Предизвици“ на Фондацијата Фридрих Еберт, Колозова истакнува дека трансформацијата на образованието во индустриски процес не треба да се гледа негативно. Наместо слепо производство на дипломи, таа повикува на едукативен систем кој ќе создава напредни академски кадри и експериментатори со идеи.
    „Образованието треба да следи еден манифест на новата ера – ера не само како историски период, туку и како European Research Area (ЕРА)“, вели Колозова. „Овој концепт, кој Европската комисија го прифаќа како стратешки приоритет, сугерира дека универзитетите мора да станат дел од индустриските процеси, а не само места за теоретизирање.“
    Со глобалната трка за технолошка доминација, образованието и иновацијата стануваат дел од геополитичката агенда, нагласува Колозова, цитирајќи ја претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
    „Америка има директна врска меѓу универзитетите и државните институции, што овозможува иновациите да станат дел од јавниот интерес“, вели таа. „Европа мора да се преориентира кон овој модел ако сака да остане конкурентна.“
    Таа го посочува примерот на Кина, која веќе интегрира хуманистички, општествени и STEM науки во единствено поле на истражување и развој. „Станува збор за длабока интердисциплинарност, која овозможува суштински иновациски напредок – нешто што Европа сѐ уште не го достигнала.“
    Колозова остро го критикува македонскиот образовен систем, посочувајќи дека тој е заглавен во застарени концепти. „Се создаваат кадри кои се несоодветно подготвени за новата реалност. Универзитетите сѐ уште имаат курикулуми на српско-хрватски, што е несфатливо, бидејќи студентите не го разбираат јазикот“, вели таа.
    Таа исто така ја критикува прекумерната бирократизација на високото образование, наведувајќи го примерот со нострификацијата на дипломите. „Професори кои докторирале на Оксфорд и Кембриџ со години не можеа да ги нострифицираат своите дипломи. Во меѓувреме, администрацијата носеше одлуки кои не ги земаа предвид креативните и иновативни аспекти на академијата.“
    Колозова укажува дека проблемот не е само во бирократијата, туку и во менталитетот на академските институции. „Проблемот не е само во патријархалниот конзервативизам, туку и во егалитаризмот наследен од социјалистичкиот период, кој во минатото подразбираше формална еднаквост, но без реални механизми за нејзино унапредување.“
    Таа истакнува дека автономијата на универзитетите треба да значи автономија на академската заедница, а не на индивидуалните професори. „Наместо бирократски наметнати решенија, академијата треба сама да создава механизми за селекција на квалитет.“
    Според Колозова, современиот свет веќе не функционира според принципите на неолибералниот глобализам од 90-тите години. „Сега зборуваме за нешто што се нарекува ‘планетарна политика’ – геополитичка стратегија која го става технолошкиот развој во центарот на глобалната конкуренција. Европските функционери постојано го користат овој термин, а Македонија мора да го разбере неговото значење.“
    Таа повикува на образовен систем кој ќе произведува кадри способни за критичко размислување, иновација и адаптација кон новите геополитички и технолошки реалности. „Ако сакаме да изградиме општество засновано на вредности како праведност, солидарност, слобода и еднаквост, мораме да ја преиспитаме улогата на образованието и да му овозможиме вистинска трансформација“, заклучува Колозова.
    Фондацијата Фридрих Еберт го покрена списанието „Предизвици“ во 2019 година како платформа за анализи и дебати за клучните политички и општествени предизвици со кои се соочува Северна Македонија. Во изминатите пет години, издадени се 20 броја, покривајќи различни актуелни теми со прилози од истакнати автори од земјата и регионот. Анализите се фокусираа на реформите и политиките од стратешко значење, како и на критичка проценка на нивната имплементација.

    Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  
    Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

  • АЛИ ПАЈАЗИТИ: НЕДОСТАТОКОТ НА ИНВЕСТИЦИИ ВО НАУКАТА ГО ПОПРЕЧУВА ТЕХНОЛОШКИОТ РАЗВОЈ И ИНОВАЦИИТЕ 

    Недостатокот на инвестиции во образованието и научниот развој негативно влијае врз севкупниот општествен напредок, особено во ерата на знаењето и иновациите, изјави експертот Али Пајазити, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово.
    „Државите што предводат во оваа област, како Израел, Јужна Кореја, САД, Шведска и Швајцарија, инвестираат значителен процент од нивниот БДП во истражување и развој. Израел, познат како ‘Startup Nation’, потроши 5,56% од БДП во овој сектор во 2021 година, додека Јужна Кореја, лидер во 5G технологијата, инвестираше 4,93%“, истакна Пајазити. 
    Наспроти тоа, земјите со ниски инвестиции во истражување и развој се соочуваат со ограничени иновации, бавен технолошки напредок и загуба на таленти. „Научниците и истражувачите кои не добиваат доволна финансиска поддршка, универзитетот го претвораат во простор исклучиво за предавања, без вистински истражувачки перформанси,“ додаде тој, нагласувајќи го ризикот од „fake science“ – производство на формално, но не и иновативно знаење. 
    Според него, недоволните инвестиции во науката и технологијата го забавуваат подобрувањето на продуктивноста и конкурентноста, попречувајќи го наоѓањето решенија за современите предизвици во секторите како здравството, образованието, енергијата и животната средина. 

    Во процесот на преговори за членство во ЕУ се опфатени и кластерот 3, кој содржи поглавја што се однесуваат на неопходните реформи за усогласување на нашиот образовен систем со европскиот. Што можете да направите во оваа насока? 
    Али Пајазити: Со мојата експертиза во областа на етиката, можам да придонесам за афирмација на кодекс за научни истражувања, кој се однесува на принципите на интегритет во научното истражување, достоинството на професијата, развојот и подобрувањето на моралните и етичките вредности, заштитата на вредностите на знаењето и слично.
    Во социолошки контекст, можам да помогнам во афирмацијата на биномот „наука-општество“, во создавањето на профилот на јавниот интелектуалец, како и со учество во заеднички истражувачки проекти. Друг аспект каде што можеме да помогнеме е промоцијата на културната разновидност, унапредувањето на културното и уметничкото изразување на секој ентитет во Северна Македонија, од најголемите до најмалите заедници. Во таа насока, нашите студии за мултикултурализмот во контекстот на Северна Македонија по Охридскиот договор (2001) претставуваат основа за интеграција на културата во одржливиот општествен развој.
    Како да се убеди јавноста и властите за потребата од меѓусекторски пристап, со посебен фокус на основните вредности како што се правото на студирање, правото на работа и правото на добра администрација? 
    Али Пајазити: Меѓусекторската методологија, како пристап на соработка меѓу различни актери и засегнати страни за одредена кауза или проблем, е неопходна за здравото функционирање на општеството. Јавноста и носителите на одлуки треба да бидат убедени дека парцијалниот пристап е неефикасен, дека сектори како образованието, вработувањето и доброто управување се меѓусебно зависни, а предизвиците во еден сектор директно влијаат врз другите. Нема здраво и стабилно општество (како што се покажа и во поранешна Македонија) ако на дел од населението му се негира правото на образование, ако се соочува со дискриминација при вработување или ако администрацијата не функционира ефикасно. Заедницата треба да се убеди дека пристапот мора да биде заснован на перформанси, а не на етничка, религиозна или регионална припадност. Без социјална правда, нема економски напредок, благосостојба и одржлив развој. Функционалистичкиот пристап, кој го гледа општеството како еден организам, е особено важен во овој контекст. Неефикасната администрација создава проблеми за сите – за владата, граѓаните, бизнисите и граѓанските организации. Затоа, сите треба да бидат вклучени во градењето на одржливо, динамично и праведно општество.
    Дали Болонскиот процес се спроведува правилно и дали ја овозможува неговата основна вредност – мобилноста? 
    Али Пајазити: Северна Македонија од 2003 година е дел од Болонскиот процес, односно Болонската филозофија, како нов пристап во високото образование. Според извештајот на Европската комисија за 2024 година, главен предизвик во земјата останува подобрувањето на квалитетот на високото образование преку развој на процесите на акредитација и обезбедување на квалитет. Потребно е усвојување на нов модел за финансирање на високото образование. Според Светската банка (2017), компаниите во Северна Македонија имаат потешкотии во пронаоѓањето на работници со технички вештини, како и со пошироки когнитивни, социјални и емоционални способности. Една третина од дипломираните имаат квалификации кои не се соодветни за нивните работни места, додека друга третина се преквалификувани за работите што ги извршуваат (ETF, 2017). Во нашата земја, Болонскиот процес повеќе се сведува на форма отколку на суштина. Дополнителен проблем се кредитите – студентите со 180 кредити, поради проблемите со вработување, се принудени да продолжат со магистерски студии. Во периодот 2014-2020, во рамките на различни проекти, 3.291 студенти (во студии и практикантска работа) и 893 професори реализирале академска мобилност меѓу Северна Македонија и земјите-членки на ЕУ и кандидатите за членство, додека 107 наставници (обука, предавање) биле испратени во земји кои не се членки. Можностите се големи, но искористеноста на фондовите за мобилност од албанските универзитети е незадоволителна. Понекогаш мобилноста повеќе се доживува како авантура и туризам, отколку како искуство и шанса за академски и професионален напредок.
    Како да се подигне свеста на стручната и пошироката јавност за значењето на Болонскиот процес? 
    Али Пајазити: Потребни се едукативни кампањи; државните институции, универзитетите и професионалните организации треба да го објаснат Болонскиот процес, неговите цели и придобивки не само за академската заедница (предавачи и студенти), туку и за пошироката јавност преку семинари, работилници и онлајн ресурси. Тие треба да ги истакнат долгорочните предности за студентите, наставниците и економијата, да ја потенцираат важноста на поттикнувањето на истражувањата и иновациите, студентската мобилност, стандардизацијата на академските структури, образованието засновано на компетенции (а не само на теорија), меѓународното признавање на квалификациите, зголемената транспарентност и одговорност, како и учењето насочено кон студентот (student-centred learning). Во оваа насока може да помогнат и наставниците и студентите кои биле дел од мобилноста и се успешни приказни, како и јавни личности кои можат да влијаат врз перцепцијата за значењето на Болонскиот процес.

    Зошто во регионот сè уште постојат административни бариери за признавање на дипломите? Што треба да се направи за нивно елиминирање? 
    Али Пајазити: Државите треба да го разберат значењето на човечкиот капитал во модерната економија како еден од клучните фактори за севкупен општествен раст. Причините за бариерите може да се најдат во недостигот на стандардизирани процедури, балканскиот стил на бирократизација, бавните и комплексни административни процеси, разликите во наставните програми, различните системи за оценување, па дури и политичките проблеми, како што е случајот меѓу Косово и Србија. Решението лежи во хармонизацијата на академските структури, зајакнувањето на регионалната и меѓународната соработка и следењето на барањата на ЕУ за взаемно признавање на дипломите преку усогласување и искористување на стекнатите вештини. Сам Болонскиот процес, преку Европската област за високо образование (EHEA), има за цел да ја олесни мобилноста на студентите и наставниот кадар, да го направи високото образование подостапно и поинклузивно, како и да го зголеми атрактивноста и конкурентноста на европското високо образование на глобално ниво.
    Во земјата има околу илјада активни баратели на работа, додека во исто време недостигаат над 10.000 работници. Дали нашиот образовен систем одговара на потребите на пазарот на трудот?
    Али Пајазити: Овие бројки ја покажуваат разликата меѓу професионалната ориентација и реалноста на пазарот на трудот. Ова укажува дека образовниот систем не ги опремува поединците со потребните вештини и знаења за да ги задоволат барањата на работодавачите. Голем е јазот меѓу обуките и квалификациите што ги нуди образовниот систем и вистинските потреби на различните сектори. Образовниот систем ја запостави важноста на занаетчиските и трговските училишта, стручните училишта и техничките вештини неопходни за извршување на специфични задачи. Сè уште владее мислењето дека најдобрите ученици треба да одат во гимназија, додека послабите во стручни училишта, каде што „нема перспектива“. Сепак, денешните трендови покажуваат дека работниците со занаетчиски вештини се платени речиси исто како и академските кадри, а понекогаш и подобро, и се барани не само во земјата, туку и во западните држави. Гимназијата нуди широки можности, но истовремено остава многу млади луѓе во неизвесност за нивната иднина. Не секој мора да се движи во рамките на класичните „право, економија, медицина“. Многу млади го губат својот природен талент учејќи нешто што не им одговара. Откривањето на талентите треба да биде приоритет број еден за наставниците, во соработка со родителите.
    Државата одвојува помалку од 1% од БДП за наука и иновативен развој. Како тоа се одразува врз севкупниот развој?
    Али Пајазити: Ова негативно влијае врз развојот, особено во време кога живееме во општество на знаење и наука, каде што научниот напредок е столбот на севкупниот општествен развој.  Државите кои предводат во оваа област се Израел, кој во 2021 година инвестирал 5,56% од БДП во наука и развој (наречен Startup Nation), Јужна Кореја (4,93%), позната по својата 5G технологија, САД и Шведска со 3,46%, Швајцарија со 3,36%, Обединетото Кралство со 2,91%, Словенија со 2,13%. Кога ги споредиме овие бројки со нашата земја, веднаш станува јасно зошто сме таму каде што сме.  Ниското инвестирање во наука резултира со ограничени иновации, бавен технолошки напредок, намалена продуктивност и конкурентност, како и неспособност да се решаваат модерните предизвици во секторите како што се здравството, образованието, енергетиката и животната средина. Државата и граѓаните го губат чекорот со научните откритија и глобалната конкуренција. Се случува „талент дрејн“ (губење на таленти) и „брејн дрејн“ (одлив на мозоци), бидејќи најспособните научници избираат земји каде што ќе можат да го реализираат својот потенцијал. Научниците и истражувачите кои не се финансиски мотивирани, универзитетите ги сведуваат на места за предавање, без вистински истражувачки перформанси. Наместо автентична наука, се создава „лажна наука“ – научен формализам без реална содржина и иновации.

    Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  
    Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор