Lab Post 30

Од отпад до иновација: Младите како носители на еколошка трансформација

Промената започнува од нас, но најмногу од младите. Токму тие, со нови знаења и свесност, можат да бидат носители на позитивни промени во своето опкружување. Кога младите се запознаваат со предизвиците во нивната околина, стануваат активни учесници во процесот на трансформација.

Ме инспирираа одржаните едукативни работилници на тема „Техники за трансформација на биоотпадот“, што ги организираше Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) во партнерство со Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија. Работилниците се одвиваа во биотехнолошката лабораторија во средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ во Скопје а беа наменети за ученици од основните училишта. Имав привилегија да присуствувам на една од работилниците и лично да ги набљудувам експериментите во друштво на учениците од ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ од Кисела Вода.

Тивки, многумина од нив срамежливи, учениците пристигнаа во лабораторијата. Како што ми објаснува Тамара Радовановиќ од РЕЦ, многу од учениците, овде, за прв пат се сретнуваат со ваков тип настава. „На почетокот се малку скептични и срамежливи, но како што напредуваат активностите, гледаат дека навистина станува збор за нешто интересно и значајно за нивната иднина“, вели таа, додека учениците ги облекуваат белите мантили и ги подготвуваат рацете за работа.

Работилницата ја отвораат експертите Горан Трајковски и Само Суљовиќ од Јавното претпријатие „Дрисла“, како и Викторија Брндевска Стипановиќ од Факултетот за шумарски науки. Учениците заинтересирано слушаат, а атмосферата полека се менува. Од срамежливи ученици, тие станаа ентузијасти, подготвени да се вклучат во експериментите за одржливо управување со органски отпад.

„Особено се интересни разновидните реакции на учениците кога успешно ќе го завршат експериментот. Во секој случај, со активностите кои ги правиме во текот на работилниците, ретко кој останал рамнодушен, ниту тие, ниту ние“, додава Тамара со насмевка.

„Дали знаевте дека од кора од јаболка може да се добие пектин, кој потоа се користи за правење слатки и крем за лице? Или дека од масло од сусам може да се произведе биодизел?“ прашуваа експертите, пред да започнат со експериментите кои ги поттикнаа креативните способности на учениците.

На работилницата се случуваше „хакирање на биоотпадот“. Процес кој звучи како нешто од научно-фантастичен филм, но во реалноста беше прилично практичен и инспиративен. Учеа како од кора од јаболка може да добијат пектин. Сведочеа и учествуваа во процесот на создавање биодизел од масло од сусам. Тоа беше свет на бескрајни можности, а јас го делев воодушевувањето на учениците од него.

„За мене беше фасцинантно како од лушпи од јаболка можевме да создадеме материјал кој може да се користи за слатки или други производи“, ја сподели својата зачуденост со мене Сара Данова, ученичка од осмо одделение. Учениците беа целосно фокусирани, а телефоните исклучени. Тие активно учеа за процесите на преработка на биоотпадот и можностите за добивање на нови производи. Неколку часа подоцна, за прв пат ги употребија своите телефони за да ги фотографираат своите достигнувања, уверени дека она што го создале е вредно да се документира.

„Процесот на чекање до финалната фаза и крајниот производ кога ќе се направи таа биопластика беше доста интересен. Имав чувство како да беше вистинска пластика“, рече Сара. Времето летна. По четири часа, се најдовме опкружени со малите научни достигнувања на учениците. Се гледаа само среќни лица и насмевки. „Првпат сум во ваква лабораторија, а делот кога го правевме пектинот ми беше посебно интересен“, рече Давид Цветановски, ученик од деветто одделение. „Прво што помислив беше дека тој може да биде корисен за правење колачиња, а со тоа и да не се фрлаат лушпите од јаболка за џабе. Нешто што е корисно во секојдневниот живот“.

Искуствата од работилницата не беа само забава. Разговорот со обучувачите отвори нови перспективи за важноста на циркуларната економија. Според резултатите од едно истражување на Асоцијацијата на биогасни централи и производители на биомаса, 50 проценти од компаниите не се свесни за регулативите поврзани со биоотпадот, а 93 проценти веруваат дека нивниот отпад НЕ влијае негативно на животната средина. Токму овие бројки укажуваат на потребата од едукација и свест, нешто што беше евидентно на оваа работилница.

Проектот продолжува со успешни активности, кои не само што ја зголемуваат свеста за циркуларната економија, туку и создаваат нови генерации што ќе придонесат за поодржлив развој на нашето општество. Досега се одржаа пет работилници на кои учествуваа 95 ученици и 9 наставници од основните училишта „Димо Хаџи Димов“ од Општина Карпош, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од Кисела Вода, како и „Војдан Чернодрински“ и „Страшо Пинџур“ од Ѓорче Петров. Овие се дел од планираните 20 работилници, кои ќе продолжат да се реализираат до октомври 2026.

„Среќни сме што благодарение на овој проект, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, имаме можност да продолжиме да работиме и повторно да ја користиме лабораторијата. Во неа е вложено многу и едноставно е добро кога се користи за нејзината намена “, рече Мина Дамјановиќ од РЕЦ.

„Овие експерименти не само што ни помогнаа да научиме нови работи, туку и да ги поврземе нашите знаења со она што се случува во природата и секој ден“, кажаа учениците, уверени дека она што го научиле ќе им биде корисно и во иднина.

На крајот на денот, сите излеговме од лабораторијата со нова перспектива и ветување дека ќе ги пренесеме овие знаења. Инспирирани да продолжиме со истражување, учење и делење на она што го научивме.

„Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ е проект на Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) во партнерство со Здружението за заштита и унапредување на животната средина Еко Логик и Флорозон-Центар за еколошка демократија од Скопје.

Продолжи со читање

  • Дали Македонија конечно ќе знае каде ѝ се стипендистите?

    Македонија секоја година губи потенцијал на млади луѓе колку еден цел мал град. Само во Словенија, во последните неколку години, заминуваат просечно по околу 1000 македонски студенти. Додека најдобрите умови од нашите средни училишта ги освојуваат амфитеатрите во Виена, Берлин, Љубљана или Амстердам, државата со години се соочуваше со институционален…

  • Приказни за жени кои научија дека дискриминацијата не е „нормална“

    Дискриминацијата врз жените ретко се препознава веднаш. Таа се крие зад „така функционира системот“, зад молк, срам и страв од последици. За многу жени, првиот чекор не е институционална пријава, туку внатрешна борба т.е дали тоа што го доживуваат е неправда или само нешто што мора да се прифати. Случаите…

  • „Граѓанскиот сектор помага да се затвори јазот меѓу институциите и народот“

    „Ниту една влада, колку и да е силна, не може сама да ги носи промените. А ниту едно граѓанско општество, колку и да е развиено, не може да ја исполни својата улога без институции кои се отворени, транспарентни и подготвени за дијалог“, рече премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на Националниот…

  • Кога штедењето станува политичка одговорност

    „Штедењето на државно ниво не значи одрекување од трошоци, туку нивно рационализирање и насочување кон политики што создаваат додадена вредност – образование, здравство, инфраструктура и иновации“, вели Благица Петрески, извршна директорка на „Фајнанс Тинк“ (Finance Think), и така концизно ја објаснува суштината на јавните финансии: „Владата треба да штеди на…

  • Помалите општини предводници во отвореноста: дигиталните алатки ја зајакнуваат довербата  меѓу граѓаните и локалната власт

    Дали општината каде што живеете е навистина отворена кон вас? Одговорот на ова прашање го дава Индексот на отвореност за 2025 година, кој открива дека некои од помалите општини се меѓу најдобрите примери за транспарентност и отчетност. На врвот на листата се Крива Паланка (71%), Берово (69%) и Демир Хисар…

  • Граѓанска иницијатива за превенција од шумски пожари во Берово и Тетово

    Летото 2025 година, Р.С. Македонија се соочи со зголемен ризик од шумски пожари. Од почетокот на јули, кога властите воведоа забрана за влез во шумите и прогласија кризна состојба, па сè до крајот на август, речиси секојдневно беа пријавувани нови пожари. Според податоците од Центарот за управување со кризи (ЦУК),…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор