Граѓаните за промена #9
АПРИЛ-ЈУНИ 2021
Во кварталот на кој се однесува овој број на „Граѓаните за промена“, државата направи еден голем чекор кон подобра заштита на природата – ја заштити Шар Планина со тоа што ја прогласи за Национален парк. Конечно, по 27 години од првата иницијатива во 1994 година, сите вклучени можат да здивнат, еден дел од патот успешно е поминат и сите им честитаме за тоа. И, им благодариме, оти тоа што го направија за Шара, не засега сите нас. „Долг и макотрпен беше процесот“, велат вклучените, „со многу вклучени страни, многу експерти, повеќе домашни отколку странски“, и баш поради тоа што имаше толку засегнати страни во процесот, задоволството е поголемо. Но, сега, пред сите нас се нови предизвици – како сите потреби, желби, барања кои добија форма на закон ќе се спроведуваат во пракса.
Не се малку примерите на неспроведување на добри закони, па веројатно и затоа еуфоријата од прогласувањето не смее да надвладее. Министерот Нуредини во една изјава за Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС) рече дека рече министерството се обврзува да го основа јавното претпријатие кое ќе раководи со националниот парк во првите три месеци од носењето на законот, рок што истекува во почетокот на октомври, ако се земе предвид датумот на објавувањето на законот во Службен весник. Потоа ќе се воспостави и чуварска служба која ќе го штити националниот парк. До тогаш, заштитената Шара се уште не е заштитена. Или, како што вели еден вљубеник во планината што го запознав на Шара, „има еден вакуум кој е многу опасен, не смее ништо да се прави, ама никој не ја чува“. Затоа, сите досега вклучени, сите вљубеници во природата кои „крстарат“ по Шар Планина, локалното население и сите ние, треба да бидеме особено внимателни – да не правиме, што би рекле старите „од готово – вересија“.
Колку што ни треба Шара нам, толку и требаме и ние нејзе. Носечката тема на овој број е граѓанскиот ангажман, па во тој дух, меѓу текстовите ќе најдете голем број активности на организациите за заштита на водните ресурси, чистење на езерата, мониторирање на реките, но, и такви кои го свртуваат вниманието на ранливите групи луѓе, втората „Парада на гордоста“, запознавањето со Законот за спречување и заштита од дискриминација за ЛГБТ заедницата, ХИВ позитивните лица, лицата со оштетен вид итн. Во соработка со институциите или самостојно, граѓанските организации пополнуваат критични празнини со своето работење.
Центарот за управување со промени дигитализираше дел од услугите на Министерството за образование и наука, Бравура Кооператива работи на економско јакнење на децата без родители и родителска грижа, а РЕСИС им се посветува на комуникациските права на ранливите групи. Конект по втор пат ги додели наградите за одржлив развој, а Рурална Коалиција го истражуваше државното финансирање на локално ниво.
И уште нешто, како најава. Се подготвува новата Стратегија на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество. Одделението за соработка со НВО најави широки консултации со граѓанските организации, не пропуштајте ја можноста да ги кажете вашите размислувања и забелешки, пред да се затвори процесот.
Пријатно читање!