Граѓаните за промена #8
ЈАНУАРИ-МАРТ 2021
Овој број на Граѓаните за промени, носи интересни содржини инспирирани од работата на граѓанските организации. Опфативме широк спектар на теми и активности кои се спроведувале во сите краеви на државата. Веруваме дека во дел од нив ќе го пронајдете и вашиот личен или професионален интерес.
Неколку важни работи на полето на овозможувачката околина му се случуваат на граѓанското општество во земјата во овој период. На почетокот на април завршува мандатот на првиот состав на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор. Кога ќе ги читате овие редови, ќе биде почнато гласањето за новиот состав кој, според роковите, се очекува да биде познат до крајот на мај оваа година. Вклучете е и гласајте за кандидат од областа во која работи вашата организација. Изберете го кандидатот кој сметате дека ќе ги застапува вашите интереси во ова тело.
Работата на Советот беше предмет на анализа, чии резултати се надеваме дека ќе бидат објавени. Ова е важно за да се објективизираат оценките на работата на Советот, а научените лекции да ги имаат предвид новите членови. Исто така е важно Советот да се гледа како целина, заедно претставниците на граѓанските организации и на органите на државната управа. Оти Советот е за соработка. Составот во заминување, ги разгледуваше препораките од оценката и предложи на Владата да направи измени во Одлуката за формирање на Советот. Ако Владата ги прифати насоките, Советот ќе го смени името во Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. Наместо да иницира носење нови или измена и дополнување на постојните прописи за унапредување на правната и институционалната рамка за делување на организациите, Советот ќе се ограничи на спроведување активности за подигање на свеста за промовирање на култура на соработка и партнерства. Регулирањето на присуството се ублажува па наместо неоправдано отсуство од шест месеци или две седници се предлага да биде три последователни седници итн.
Покрај ова, новина е уписот во регистарот на вистински сопственици на граѓанските организации. Обврската произлегува од Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам. Обврската за упис треба да се направи најдоцна до 27 април оваа година. Се очекува граѓанските организации да станат активни чинители во овие прашања значајни за заштита на граѓанското општество и градење на овозможувачка околина што ќе ги штити од злоупотреба, но нема да биде рестриктивна за нивното работење.
Кон крајот на април се очекува да биде објавена финалната верзија на Насоките на ЕУ за граѓанското општество 2021-2027 год. Ние кратко се осврнавме на процесот на консултации воден од проектот ТАКСО 3.
Пријатно читање!