Граѓаните за промена #7
НОЕМВРИ - ДЕКЕМВРИ 2020
Во последните два месеци од необичната и на многу начини тешка 2020 година, кризата предизвикана од Ковид-19 го достигна својот максимум. Во секојa смисла. Бројот на заразени беше најголем, бројот на починати исто така. Здравствените капацитети беа целосно искористени, а здравствените работници на работ на своите можности. Добредојдовте во новиот број на Граѓаните за промена !
Никогаш не била попотребна соработка од сега и никогаш не било потешко да се направи. Сепак, на дистанца, преку разно-разни платформи, граѓанските организации покажаа дека можат да соработуваат и функционираат и во вакви (не)времиња.
Во овој период привршија ад хок грантовите на Цивика мобилитас кои беа наменети за надминување на некои од кризните состојби предизвикани од Ковид-19. Граѓанските организации корисници на овие грантови дистрибуираа над 2200 хуманитарни пакети, повеќе од 320 граѓани добија психо-социјална поддршка, а над 160 добија советодавна поддршка. Ова е особено важно за да ги гледаме негативните ефекти од Ковид-19 пошироко. Многу често, последиците од пандемијата ги изразуваме во број на инфицирани, број на починати или во суми кои ги отсликуваат економските загуби па на тој начин, ја губиме од вид штетата што ни ја направи на менталното здравје. Така, група погодени од здравствената криза се намалува за оние кои можеби успеале да се заштитат од вирусот.
Кризата успеа да ги мобилизира граѓанските организации, но и граѓаните. Тоа се покажа и преку зголемувањето на членството кај осум од ад хок грантистите, и преку зголемениот број волонтери кај 11 од организациите корисници на овие грантови. Дали кризата ја поттикна нашата солидарност? Дали го зголеми граѓанскиот активизам? Дали граѓаните ги препознаа граѓанските организации како актери преку кои најмногу можат да помогнат? Ова се прашања за анализите кои треба да си ги направи граѓанскиот сектор. Но не по завршувањето на кризата туку сега, додека се уште трае. Што е она што ги привлекло граѓаните? Зошто избрале своето слободно време да го донираат и да волонтираат? Ако сакаме да го задржиме овој тренд и по кризата, мораме сега да дознаеме која бил мотивот на граѓаните? Кој или што го притиснал/о прекинувачот и ја ослободил/о енергијата што се вложува за да им се помогне на другите?
Граѓанските организации, претежно грантисти на Цивика мобилитас, им ја понудија својата помош и поддршка на институциите. Свесни за вредноста на соработката, тие порачаа дека надминувањето на кризната состојба ќе биде полесно ако го правиме сите заедно. На форумот со Министерот за здравство Венко Филипче и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов ги потенцираа горливите прашања како што се пристапот до информации, пристапот до услуги, третманот на лицата со хендикеп и другите ранливи категории. Прашаа за планот за подготвителни активности за процесот на вакцинација, за информирањето во врска со вакцинацијата и сите предизвици што идат со него. И, повторно ја понудија својата помош и поддршка.
Затоа што соработката е клучна, а заедно е полесно!