Вести од граѓанските организации

Содржината на информациите презентирани во овој дел од веб странaта се единствена одговорност на грантистите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат. Информациите се презентирани како што се пристигнати и печатните или други грешки во нив се одговорност на самите автори.

  • Социјалните мрежи, интернет порталите и говорот на омраза

    Во денешниот дигитален свет, социјалните медиуми играат централна улога во креирањето, дистрибуцијата и консумирањето на информации. Сепак, оваа дигитална револуција донесе и сериозни предизвици, особено во контекст на регулирањето на содржините што се објавуваат онлајн. Прашањата за одговорноста на платформите за кориснички содржини се сè поактуелни, бидејќи социјалните медиуми стануваат главно бојно поле за ширење дезинформации, говор на омраза и други форми на злоупотреба.
    Во контекст на младите, кои се меѓу најактивните корисници на социјалните мрежи, прашањето за медиумската писменост е клучно. Истражувањата покажуваат дека младите се ранливи на дезинформации и говор на омраза, што укажува на потребата од поголема едукација за критичко размислување и одговорно користење на дигиталните платформи. Исто така, постојат и глобални иницијативи за регулација на онлајн содржините, како што се Европскиот акт за дигитални услуги (DSA) и други меѓународни и регионални политики, кои имаат за цел да создадат баланс меѓу слободата на изразување и заштитата од злоупотреби.
    Во 2024 година, Хелсиншки комитет спроведе истражување поврзано со дигиталните права – Процена на знаење, вештини и ставови кај средношколците[i], во кое 49% од испитаниците посочиле дека не добиле формално образование за медиумска писменост, 19,5% од испитаниците посочиле дека не се запознаени со механизмите што постојат за известување и борбата против лажни вести и дезинформации на одредени онлајн платформи, а 60% од испитаниците сметаат дека образованието за медиумска писменост треба да биде задолжителен дел од училишната програма.
    Сепак, во една лавина од информации и размени во онлајн просторот и на социјалните мрежи, покрај говорот на омраза кој се шири преку објавите од приватните профили, интернет порталите подзабораваат за обврската за модерирање на коментарите кои преставуваат ширење на говор на омраза, омаловажување и повикување на насилство кон одредени групи.
    Пресудата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во случајот “Делфи АС против Естонија” од 2015 година е преседан кој ја отвори оваа дискусија, поставувајќи го прашањето: До кој степен треба да бидат одговорни интернет порталите за содржината што ја објавуваат нивните корисници?

    Насловна страница: Институт за медиуми и анализа (ИМА)

    Во продолжение е целата анализа 

  • Анастасовска: Медиумите да ги отстранат коментарите коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството

    Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) на 18 декември организираше панел – дискусија на тема: „Дискриминацијата и говорот на омраза во медиумите и јавната комуникација“,
    Панелистите  Лимко Бејзароски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Билјана Георгиевска, извршна директорка на СЕММ, Славица Анастасовска од Хелсиншки комитет за човекови права и Сара Миленковска од Коалиција Маргини,  ги претставија нивните наоди и анализи на оваа тема. Модератор беше Петрит Сарачини.
    Говорот на омраза и дискриминацијата се’ повеќе се засилува, особено во последните години на социјалните мрежи. За жал, оваа тема не допира доволно до јавноста, се согласија панелистите.
    Лимко Бејзароски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), рече дека според бројот на претставки  на второ место се  претставките за јавно информирање и медиуми.
    Посочи три примери за кои  Комисијата постапувала по службена должност – за изјава на „експониран политичар“ кој во дебатна емисија негирал постоење на турската етничка заедница во Македонија, пратеник кој со коментари на Фејсбук поттикнувал дискриминација на трансродови лица и свештеник на јавен настан на ТВ кој „извршил вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет кон ЛГБТ заедницата“.
    Билјана Георгиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), рече дека повеќе 90 отсто од пријавите се за онлајн-медиумите.
    Прекршување на кодексот за одговорно новинарство е секојдневие, особено во онлајн-медиумите. Модерирањето на коментарите на профилите на социјалните мрежи на медиумите и бришењето на навредливите и дискриминаторски коментари  треба биде сериозна задача зашто медиумите стануваат  платформа за натамошно ширење на говорот на омраза.
    Славица Анастасовска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права истакна дека се забележува континуиран говор на омраза особено на социјалните мрежи. Тргнувајќи од фактот дека се’ повеќе млади луѓе го користат овој простор, практично и делата од омраза кои што ги регистрира Хелсиншкиот комитет најмногу се случуваат помеѓу млади лица, сторители и жртви.
    „Гледаме континуиран и вирален говор на омраза, особено видлив на социјалните мрежи, но резултати од кривичните пријави до надлежните институции нема.
    Секоја година алармираме до институциите дека треба да се покрене постапка, заради тоа што во овие случаи и кога станува збор за ваков говор на омраза, повикувањето на насилство и одобрување на геноцид, кои се две категории коишто Европскиот суд за човекови права ги смета како особено отежителни и наша обврска како држава да се справуваме со ваквиот тип на говор на омраза – стои“, рече Анастасовска.
    Таа истакна дека досега Хелсиншкиот комитет поднел десетици пријави, но нема ниту едно покренато обвинение и укажа дека порталите мора да внимаваат како ги модерираат коментарите и да ги отстранат тие со говор на омраза зашто стануваат вирални.
    „Оваа година имаме регистрирано повеќе од илјада случаи на говор на омраза. Не се сите кривични, има и вознемирување и поттикнување на насилство во смисла на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Оваа година пикот беше за време, пред и по изборите и вториот врв на говорот на омраза е за Парадата на гордоста, што се случува секоја година“, рече  Анастасовска.
    Во коментарите на онлајн-медиумите има и одобрувања на убиства, семејно насилство и фемициди што дополнително охрабруваат насилни однесувања. Таа заклучува дека тешките и загрозувачки форми на говор на омраза, особено оние кои стануваат вирални, може многу лесно да се пресликаат во физичкиот простор, па затоа е неопходно медиумите проактивно да ги модерираат коментарите на објавените содржини.
    Сара Миленковска од Коалиција „Маргини“ рече дека се забележливи антиродови движења кои веќе се институционализирале и сега креираат антиродиви политики што водат кон замолчување на активисти и уметници кои се занимаваат со овие теми.
    Самата држава, рече, не учествува во заштита на трансродовите лица и главен аргумент на Обвинителството за непостапување по вакви случаи е што кај нас не е регулиран статусот на трансродовите лица поради што и не можат да бидат заштитени.
    Најчесто дискриминацијата и говорот на омраза е по основа на етничка припадност, сексуална ориентација и родов идентитет.

    Во продолжение анализата на Славица Анастасова Социјалните мрежи, интернет порталите и говорот на омраза.

  • Делувањето во партнерство и соработката се едни од клучните фактори за ефективно учество во креирање политики на локално ниво

    „Делувањето во партнерство со што е можно поголем број на граѓански организации и други релевантни чинители, како и одржување на редовни консултации и градење добри релации со носителите на одлуки се едни од клучните фактори за ефективно застапување и учество во креирање политики на локално ниво” беше истакнато на онлајн дебатата: Учество на граѓанските организации во креирање политики на локално ниво, организирана од страна на тимот на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2” на 17 декември 2024 година на платформата ЗООМ.

    Целта на настанот беше да се поттикне дискусија за улогата на граѓанските организации како катализатори на позитивни промени во заедниците и како тие можат да влијаат врз локалните политики за подобрување на квалитетот на животот во заедницата.
    За различните форми и механизми за консултации и граѓанско учество во креирање политики, носење одлуки, комуникација со локалните власти и мобилизација на заедницата зборуваше Златко Талевски, регионален експерт за Пелагонскиот плански регион во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2”, осврнувајќи се, меѓудругото и на демотивацијата за активизмот и граѓанското учество: „Има случаи кога резултатите се целосно спротивни од договореното помеѓу граѓаните и носителите на одлуки и ваквиот исход во најголем број случаи ги демотивира луѓето да се активираат и да иницираат промени“ рече тој.

    Во понатамошниот дел од дебатата воведничарите зборуваа за улогата на граѓанските организации во процесите на донесување одлуки и капацитетите на граѓанските организации за ефективно застапување на локално ниво, споделувајќи притоа практични примери и научени лекции.
    Мери Нашоку од Младинскиот културен центар Битола зборуваше за партиципативниот начин на донесување на Стратегијата за развој на волонтерството во општина Битола за периодот 2023-2026 година, посебно истакнувајќи дека клучниот предуслов за успешноста на оваа иницијатива била политичката волја на локалните власти за поддршка на граѓанското учество. Самет Скендери од Институт за социјална промена ИнСоК, Гостивар го сподели со присутните искуството за застапување за остварување на правата на лицата без документи (лица неевидентирани во матичните книги на Република Северна Македонија). „Најголемите предизвици со кои се соочивме беа: комплексност на административните процедури, недоволна јавна свест за проблемот, ограничен пристап до правни ресурси и финансии и отпор од заедницата поради културни причини“ истакна тој.
    Настанот послужи  и за презентирање на новата онлајн алатка на ГРЦ за промоција, поддршка и следење на иницијативи за застапување на граѓанските организации. Алатката ја презентираше Валентина Величковска од Граѓанскиот ресурсен центар, истакнувајќи дека алатката претставува база со релевантни информации за граѓанските иницијативи за застапување и ќе придонесе кон зголемување на видливоста и ширење на овие информации како и поттикнување за здружување на силите со други групи и/или организации кои ја имаат истата заедничка цел.

    Во вториот дел од настанот, присутните имаа можност да дискутираат  за можностите и предизвиците со кои се соочуваат граѓанските организации во процесите на нивно учество во креирање на политики на локално ниво, а беа поврзани главно со: законските одредби и правни поуки за добивање одговор од локалните власти за поднесени иницијативи, особено во случаи кога локалните власти ги игнорираат поднесените иницијативи и не одговараат во законски пропишаните рокови, дури и во случаите кога се работи за информации од јавен карактер.
    Настанот е дел од проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија. Спроведуван е од Националната фондација за развој на граѓанското општество „Граѓански ресурсен центар“, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Асоцијацијата за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар и Медиа плус, Штип.

    < Пред   Следно >

  • Благодарница за велешките извидници од ЗГ “Акцијаш – Ветерани“

    На 19.12.2024 год. (четврток) во просториите на здружението на граѓани “Акцијаш-Ветерани“ Управниот одбор на здружението додели Благодарница на извиднички одред “Димитар Влахов“ – Велес за поддршката која што нашиот одред ја даваше во реализацијата на голем број на активности на  “Акцијаш-Ветерани“. Поаѓајки од фактот дека членството на “Акцијаш-Ветерани“ се луѓето…

  • Мрежата за заштита од дискриминација бара итно да се повлечат законските измени за основно и средно образование

    Усвојувањето на овие измени ќе ги направи законите за основно и средно образование контрадикторни на одредбите и духот на Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој го препознава родот, сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација. Усогласувањето и дополнувањето на законските решенија, особено оние закони во чиј центар се наоѓа добробитта на детето, мора да бидат проследени со вистински и значаен придонес од стручната јавност, односно професионалци кои својот професионален капацитет го посветиле на овие области. Недостатокот на ваквиот придонес кон креирањето на законските измени и втората причина за нашата реакција. За жал, уште еднаш бевме сведоци на нетранспарентна постапка, без вклучување на стручната јавност и со оневозможување на општата јавност да учествува во процесот заради фактот што текстот на измените и дополнувањата ја доби својата последна форма и клучни измени по истекувањето на рокот за доставување на коментари преку алатката ЕНЕР.

    Поради тоа, потенцираме дека можните објаснувања од надлежните институции дека експерти биле вклучени во изработката на овие закони е погрешно прикажување на фактите. Нацрт-законите веќе ја пројдоа првата фаза на процесот на усвојување пред Собранието на Република Северна Македонија, а Законодавно-правната комисија и Комисијата за образование, наука и спорт одлучија дека законите се подобни за да продолжат на пленарна седница на Собранието. Пленарната седница на Собранието помина во исклучително краток рок, нетранспарентно и без јавна расправа, и покрај тоа што истата беше побарана и од Комисија за спречување и заштита од дискриминација и Мрежата за заштита од дискриминација.

    Сакаме уште еднаш да потенцираме дека исклучувањето на овие заштитени групи од законот ќе резултира со непостоење на мерки за спречување на насилство и/или физичко малтретирање, но и ќе испрати сигнал дека дејствијата на исклучување и угнетување на овие групи во општеството не се казнува, се охрабрува, а со самото тоа и дека се очекува.

    Со ваквите постапки , Министерството за образование и наука одлучува да ги игнорира постојните информации и истражувања од терен, а коишто говорат за исклучителната ранливост на ЛГБТИ децата и девојчињата, непосредно загрозувајќи ја нивната безбедност, и придонесувајќи кон условите коишто креираат состојба на кревко ментално здравје кај овие деца. Имено, истражувањата укажуваат дека ЛГБТ младите четири пати почесто се изложени на малтретирање од своите врсници во училиштата, а оваа тенденција постојано расте, со можност да стане нормализирана. ЛГБТИ децата во Северна Македонија се меѓу најранливите групи, со зголемен ризик од сајбер насилство, семејно и окружувачко насилство. Речиси 30% од нив три пати почесто се жртви на сајбер насилство во споредба со хетеросексуалните врсници. Дополнително, 15-годишници со хомосексуална и бисексуална ориентација почесто страдаат од психосоматски симптоми (74%), чувства на тага и безнадежност (47%) и сериозни самоубиствени мисли (30%), што укажува на недостаток на семејна поддршка и посебни предизвици со менталното здравје.

    Малтретирањето, исклучувањето од врсничката група и недостатокот на препознавање и поддршка од семејството и наставниците се фактори кои директно влијаат на менталното здравје на децата.

    Имајќи го предвид горенаведеното, бараме итно повлекување на предложените законски измени, отворање на транспарентна јавна дискусија во која ќе бидеме вклучени како експерти во областа на дискриминацијата и правата на маргинализираните деца и млади, и Министерството јавно да покаже дека животите и безбедностa на сите ученици, вклучително и на на ЛГБТИ децата и девојчињата, се подеднакво вредни и ценети.

  • Современи надворешни тоалети и тушеви во ИЦ “Голозинци“

    Инспирацијата за создавање на современи тоалети и тушеви дојде од подигање на квалитетот на живеење во извидничкиот центар Голозинци и зголемување на квалитетот на престој во него и создацвање на услови за подобар развој на извидништвото. Проектот “Надворешни тоалети и тушеви во ИЦ “Голозинци“ го финасираше Европската скаутска фондација и…

  • Работилници на тема „Техники за трансформација на биоотпадот“

    Во рамки на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, што се спроведува од страна на Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, во партнерство со ЕкоЛогик и Флорозон Центар за еколошка демократија, на 6 декември 2024 година се одржа 3-та еднодневна работилници на тема „Техники за трансформација на биоотпадот”, овој пат со учество на основното училиште ООУ “Војдан Чернодрински” од Општина Карпош.

    Учениците учеа за циркуларна економија и нејзиното значење за поздрава животна средина. Учениците беа прашани дали знаат дека од лушпата од јаболкото се добива пектин и што може понатаму со него да се произведува? Откако ја завршија подготовка на пектинот,се пристапи кон подготовка на состојки за добивање на растителни масла. Низ работата, учениците се запознаа и со постапката за добивање на биодизел, што беше потполно ново искуство за нив.

    Добивме навистина интересни реакции од учениците во моментот кога успешно ќе ги завршеа експериментите, и со свои очи да го видат резултатот од тоа што го
    работеле. Тие се разновидни, некои се восхитуваат, некои се радуваат а пак некои фотографираат со телефоните.

    Поминавме уште еден убав работен ден со активности од кои никој не остана
    рамнодушен, ниту ние ниту учениците!

    Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија и Амбасадата на Швајцарија во Македонија (Embassy of Switzerland in North Macedonia) преку Цивика мобилитас.

  • Учество на редовното изборно Собрание на СИМ

    Врз основа на одлуката на последниот одржан состанок на старешинство на ден 6.11.2024, на 15.12.2024 год. се одржа редовното годишно изборно собрание на Сојуз на извидници на Македонија. Собранието се одржа во Младински Центар МАТИЧНО во Скопје. Делегацијата на извиднички одред “Димитар Влахов“ од Велес беше во состав: Ангелче Гушев,…

  • Средба за вмрежување на Цивика мобилитас

    На 4 и 5 декември 2024 година во Скопје, се одржа средба за вмрежување на Цивика мобилитас, на која учествуваа над 90 претставници од 58 граѓански организации.
    Промо Идеа Струмица заедно со партнерите во спроведувањето на проектот „Младинска мрежа за финансиска писменост на Југоистокот“ финансиран преку програмата Цивика Мобилитас, учествуваа на средбата за вмрежување и се вклучија во дискусиите за унапредување и развој на граѓанскиот сектор.
    Паралелно со средбата за вмрежување учесниците поминаа низ процесот на политичко-економска анализа. Дел од работата започна уште пред самата сесија, кога граѓанските организации ја започнаа анализата на актерите кои се клучни за спроведувањето на нивните проекти.
    Проектните партнери дефинираа и нови актери кои се клучни за спроведувањето на проектот, што ќе бидат инкорпорирани во идните активности.

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор