Финансиската писменост кај младите во Југоисточен регион
Во текот на месеците ноември и декември 2024 година беше спроведено истражување за финансиските знаења и вештини на младите лица на возраст од 18 до 29 години во Југоисточен регион. Истражувањето имаше за цел да го процени и утврди нивото на финансиско знаење кај младите.
Според добиените резултати, младите во регионот го самооценуваат своето финансиско знаење со просечна оценка од 3,4 на скала од 1 до 5. Дополнително, истражувањето покажа дека речиси 30% од младите не ги евидентираат и не ги следат своите трошоци на месечно ниво.
Од аспект на управувањето на јавните и локалните финансии, младите генерално имаат познавање за улогата на клучните институции, но постои простор за подобрување особено во делот на улогата на Народна Банка и на Собранието.
Врз основа на резултатите од истражувањето, ќе бидат изготвени тренинг модули кои ќе им овозможат на младите да ги подобрат своите финансиски знаења, особено во областите на личните финансии, јавните финансии и улогата на институциите во нивното управување.
Истражувањето беше спроведено како дел од проектот „Младинска мрежа за финансиска писменост на Југоистокот“, кој е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас. Проектот го спроведуваат здруженијата Промо Идеа и Новус од Струмица, како и Здружение Круна Плус од Радовиш.