Author: Здружение ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Скопје

  • Повик за ангажирање експерт

    Општи информации 

    Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот „Зајакнување на националните заштитни механизми против говор на омраза во Република Северна Македонија” финансиран од страна на Европската Унија како дел од програмата EuropeAid/174503/DD/ACT/MK, согласно Договорот за грант потпишан меѓу Хелсиншкиот комитет за човекови права и Европската Унија бр. NDIZI-THE-NEAR/2022/441-698, oбјавува повик за ангажирање на јавен обвинител како експерт за одржување на четири дводневни обуки за зајакнување на капацитетите на судиите и јавните обвинители за постапување во случаи на говор на омраза. 
     
    Главната цел на проектот е да се зајакнат ефективните механизми за заштита на правата на граѓаните во Република Северна Македонија при практикување на слободата на изразување и борба против говорот на омраза во согласност со меѓународните и европските стандарди. Влијанието на акцијата е специјално дизајнирано да овозможи синергија помеѓу работата на секторот на граѓански организации и релевантните институции како заштитни механизми од говор на омраза, врз основа на собирање податоци и директен ангажман со избраните целни групи. Ова ќе се постигне преку отворен политички дијалог со цел да се обезбеди посветеност на Владата за понатамошно подобрување на целокупната ситуација преку оперативно и институционално зајакнување на капацитетите за справување со говорот на омраза во согласност со најдобрите европски практики.  
     
    Позиција 
     
    Експерт – јавен обвинител за одржување четири дводневни обуки за зајакнување на капацитетите на судиите и јавните обвинители за постапување во случаи на говор на омраза 
     
    Тема на обуките 
     
    Избраниот експерт ќе треба да одржи четири дводневни обуки за јавни обвинители и судии од четирите апелациони подрачја за препознавање, спречување и борба против говорот на омраза, за постапување во случаи на говор на омраза и собирањето докази, со посебен фокус на најдобрите практики на Европската Унија, особено на судската пракса на Европскиот суд за човекови права.  
     
    Обуките ќе бидат спроведувани од три експерти избрани на јавен повик, еден јавен обвинител, еден судија и еден претставник на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика.  
     
    Избор на експерт 
     
    На овој повик имаат право да учествуваат сите јавни обвинители што ги исполнуваат следниве критериуми: 
     

    Работно искуство како јавен обвинител од најмалку 5 (пет) години, особено со постапување во случаи на говор на омраза, дела од омраза, дискриминација или заштита на човекови права; 

    Минимум 5 (пет) обуки посетени во текот на работното искуство како јавен обвинител (или претходно) во областа на говорот на омраза, дела од омраза, дискриминација или заштита на човекови права; и 

    Минимум 3 (три) обуки во кои кандидатот бил обучувач. 

     
    Искуството се докажува по пат на приложена кратка биографија (CV) во кои се наведени обуките што се посетувани и обуките каде што кандидатот бил обучувач, којашто треба да содржи и краток опис на содржината на обуките. 
     
    Работни задачи 
     

    Подготвување на концепт и методологија за спроведување на обуките 

    Утврдување на целите на обуката 

    Подготовка на тестови за учесниците пред одржување на обуката за оценување на моменталните капацитети и тестови за евалуација 

    Подготовка на писмени материјали и вежби за проширување на знаењата 

    Постојана комуникација со проектниот тим на Хелсиншкиот комитет за човекови права за спроведување на сите задачи, вклучително и утврдување на роковите за нивно завршување 

     
    Спроведување на работните задачи 
     
    Времетраењето на ангажманот ќе започне на почетокот на април по склучување на договорот со ангажираното лице и ќе трае до завршување на активностите, односно до јуни 2025 година. 
     
    Дводневните обуки ќе бидат спроведени во периодот од април-мај 2025 година. 
     
    Хелсиншкиот комитет ќе потпише договор со надворешниот соработник каде што ќе бидат дефинирани меѓусебните права и обврски.  
     
    Начин  на пријавување 
     
    За пријавување на овој повик кандидатите треба да достават: 
     

    професионална биографија (CV), вклучително со обуките што се посетувани и обуките каде што кандидатот бил обучувач, којашто треба да содржи и краток опис на содржината на обуките; и 

    финансиска понуда за спроведување на обуките 

     
    Документите за пријавување задолжително да се достават на имејл адресата natasha.petkovska@mhc.org.mk најдоцна до 17.04.2025 година со назнака „Избор на јавен обвинител за одржување дводневни обуки за говор на омраза“. По доставување на пријавите, тимот на Хелсиншкиот комитет ќе ги оценува во неколку чекори: проверка дали се доставени потребните документи; евалуација на персоналните биографии и евалуација на финансиските понуди. 
    За дополнителни прашања, Хелсиншкиот комитет за човекови права ви стои на располагање на горенаведената имејл адреса.   
     
     
    Скопје, 04.02.2025 година. 

  • Непостапувањето на институциите и неказнивоста на криминалците ја плаќаме со уште една трагедија

    Феноменот на неказнивоста, децениски присутен во нашето општество, уште еднаш доведе до трагедија во која животот го изгуби 22- годишната Фросина Кулакова.
    Судејќи според информацијата објавена од страна на Обвинителството, станува збор за сторител на повеќе тешки кривични дела од кои едното, исто така е сообраќајна незгода во која едно лице било повредено, а тој и понатаму продолжил да учествува во сообраќајот без да поседува возачка дозвола.
    Ваквото провлекување во правниот систем несомнено укажува на пропуст на институциите да превземат соодветни мерки за да се спречи понатамошното вршење кривични дела во сообраќајот.
    Се’ уште не се познати сите правни моменти во случајот и причините поради кои што му се овозможило на сторителот, на ваков начин, да го изигрува правниот систем, но тоа е прашање на коешто ќе треба да одговорат органите на прогонот и другите надлежни институции.
    Граѓаните  повторно се наоѓаат во состојба на правна несигурност, страв и уште повеќе зголемена недоверба во инстуциите и правосудниот систем.
    Трагедии од ваков вид треба да делуваат мотивирачки на институциите конечно да преземат неодложни мерки за спречување на влијанијата на корупцијата, кои што патем речено, се главните причини за постоење на неказнивоста во нашиот правен систем. Државата пред се’ и над се’ треба да презема мерки граѓаните да живеат во општество во кое што институциите треба да им ја овозможат правдата сигурноста и благосостојбата.
    Жртвите како младата Фросина се темна дамка и потсетник за тоа дека се додека постојат вакви случаи, државата не успеала да им го обезбеди на граѓаните она што им го гарантира со Уставот и законите на Република Северна Македонија.
    Хелсиншкиот комитет за човекови права во наредниот период ќе собира информации од надлежните институции и во зависност од констатираната фактичка состојба ќе предложи свои препораки до надлежните органи.

  • Реакција на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата на ставовите на пратеникот Бојан Стојаноски

    Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата остро реагира на обидите на пратеникот Бојан Стојаноски да ги поврзува реакциите на Платформата со влијанија на политички партии.
    Во услови кога сериозни аргументи против предложените измени на Законот за јавните набавки беа добиени и од Државата комисија за спречување на корупцијата, како и од Европската Унија, пратеникот Стојаноски изнесе лични ставови и информации против Платформата. Поради тоа, Платформата најостро реагира и бара Собранието да го осуди ваквото однесување на пратеникот.
    Платформата, која постои веќе 10 години, секогаш се води од принципи и начела кои произлегуваат од најдобрата пракса во борбата против корупцијата, како и од стручноста, искуството и истражувањата на нејзините членки. Во Платформата членуваат 14 организации како постојани членки кои со својата работа се докажале како искусни и стручни во дејноста и биле вклучени во многу консултативни процеси кои имале за цел да се унапредат одредени системски прашања за борба против корупција кои биле во согласност со меѓународните барања и пракса. Дополнително, сакаме да напоменеме, дека во рамки на Платформата сите одлуки се носат врз база на мнозинство, за кои постапки постојат децидно утврдени правила и процедури усвоени од страна на самите членки.
    Платформата го осудува овој обид да се наруши угледот на нејзините членки, кои исклучиво работат во корист на граѓаните, а тој е јавните институции да го штитат јавниот интерес, да ја спречат корупцијата и да испорачаат услуги во нивна корист.
    Дополнително, Собранието пропушти можност да овозможи експертска консултации, што е спротивно на искажаните заложби за креирање политики со вклучување на сите капацитети со кои располага македонското општество. Оваа пракса не треба да продолжи и во иднина доколку сакаме да носиме закони во интерес на граѓаните
    Во однос на соработката, Платформата останува посветена на своите принципи за креирање на политики преку транспарентен и консултативен процес, со активно вклучување на сите засегнати страни. Сметаме дека само преку отворен дијалог и партнерство меѓу граѓанското општество и институциите може да се создаде систем кој ќе одговара на потребите и барањата на сите граѓани. Граѓанското општество, претставено преку Платформата, ќе биде партнер на властите во процесите на креирање јавни политики и јавен интерес засновани на взаемна почит и професионален однос

  • Нов проект за регионално зајакнување на медиумите и медиумската писменост за демократски ангажман

    Земјите од регионот се лошо рангирани на меѓународните листи за слобода на медиумите, споделуваат слични проблеми во областа на слободата на медиумите и писменоста, а истовремено меѓусебно се поврзани со длабоки општествени, културни и политички врски, со политички влијанија кои често ги преминуваат границите, поради што е исклучително значајна заедничката интервенција од организации посветени на борбата за демократски стандарди, слобода на медиумите и подобрување на добрососедските односи, беше заклучено на првичниот состанок во рамки на проектот „МедиА – Лит (Зајакнување на медиумите и медиумската писменост за демократски ангажман)“.
    Проектот го спроведуваат Центарот. за граѓанско образование (ЦГО) во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, Атлантската иницијатива од Босна и Херцеговина, Хелсиншкиот комитет за човекови права од Северна Македонија и Центарот за извонредност на новинарството во Тирана (Албанија) со поддршка од Европската комисија.
    Општата цел на овој проект е подобрување на слободата на медиумите и медиумската писменост, како и регионалната соработка во Западен Балкан, преку зајакнување на професионалното новинарство и зајакнување на капацитетите на медиумските организации. Поконкретно, проектот ќе се фокусира на поттикнување на независното новинарство во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија преку промоција, едукација и градење капацитети на медиумски професионалци, како и подигање на свеста за важноста на медиумската писменост и борба против говорот на омраза на интернет.
    „Веруваме дека преку оваа иницијатива медиумските професионалци, граѓанските организации и институциите ќе имаат можност да разменат знаења, искуства и најдобри практики. Со заеднички напори, можеме да создадеме средина во која медиумите ќе бидат зајакнати да ја извршуваат својата клучна задача – да ја информираат јавноста, да повикуваат на одговорност и да придонесат за развојот на демократските општества чиишто основа се тие, а граѓаните ќе бидат образовани за да бидат доволно медиумски писмени за да ги избегнат замките од користењето на медиумите за пропагандни и манипулативни цели, нагласи Звездана Ковач, директорка за стратегија и комуникации во ЦГО. „Нашите партнери се реномирани организации од четири земји од Западен Балкан, а нивната експертиза и искуство го зајакнуваат кредибилитетот на овој проект“, посочи таа.
    „Овој проект ги собра партнерите од регионот за да заеднички ги решаваат проблемите со дезинформациите и интегритетот на медиумите. Медиумската писменост е еден од најголемите предизвици на денешницата – да се обезбеди луѓето да им веруваат на информациите што ги консумираат. „Со оглед на состојбата на медиумите, ова е предизвикувачка задача“, вели Едина Беќиревиќ, ко-основач на Атлантската иницијатива од БиХ. „Имавме многу продуктивен прв работен состанок. Значајно е што проектот е регионален; и тоа е најдобриот начин за решавање на овие проблеми. „Исто така, важно е што проектот го води Центарот за граѓанско образование од Црна Гора, организација со докажан интегритет и со која Атлантската иницијатива со задоволство соработува“, заклучува таа.
    Љиљана Палибрк од Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, исто така, го нагласува регионалниот опфат на проектот. „Со сите разлики што постојат меѓу земјите, ние се справуваме со истите основни проблеми – како граѓаните да добиваат информации од јавен интерес, дали добиваат вистинити или лажни информации, како медиумите се однесуваат кон нив, до кој степен медиумите се под притисок од владата?” Србија сега е еклатантен пример колку е ова важно, бидејќи сме сведоци дека не се информирани сите граѓани и дека не ги добиваат вистинските информации од институциите. „Важно е да се обидеме да им помогнеме на медиумите и да ги зајакнеме за да можат соодветно да ги информираат граѓаните“, вели таа.
    „Дезинформациите се можеби најголемата закана за безбедноста и демократијата на нашето време, и на глобално и на локално ниво, вклучително и во Албанија. Ова е негативна последица на технолошкиот напредок и зголеменото, но неограничено влијание на социјалните мрежи во нашите општества. Затоа, подобрувањето на медиумската писменост кај пошироката јавност, преку обезбедување на граѓаните со критички алатки за препознавање и анализа на реалната содржина од лажните наративи, е клучен предизвик што мора да се надмине за да опстанат и напредуваат демократските општества, а овој проект значително ќе придонесе на ова“, вели Димитер Ѓодеде. , извршен директор на Центарот за новинарска извонредност во Тирана.
    „Медиумската писменост е една од основните вештини, т.е. писменост во 21 век. Постојат бројни истражувања кои покажуваат дека значителен процент од луѓето, на ниво на вкупната светска популација, се залагаат медиумската писменост да стане официјална академска вештина. „Овој проект е многу важен поради неговата регионална димензија, особено во делот на медиумската писменост и зајакнувањето на медиумите и е против лажните вести, што е проблем со кој се соочуваат сите наши земји“, вели Александра Бубевска, координатор за комуникации. во Хелсиншкиот комитет за човекови права од Северна Македонија.
    Проектот „МедиА – Лит (Зајакнување на медиумите и медиумската писменост за демократски ангажман)“ ќе се спроведува 30 месеци, а географски ги опфаќа Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија.
    Центар за граѓанско образование – Црна Гора

  • Резултати од изборот за наградата КВИР МАКЕДОНИУМ 2024

     Комисијата составена од: 

    Биљана Тануровска-Ќулавковски (културна работничка и кураторка), 

    Ѓорѓе Јовановиќ (визуелен уметник), и 

    Дарко Алексовски (визуелен уметник) 

    на 26.12.2024 година одржа средба на која ги разгледа, дискутираше и направи селекција од вкупно 6 добиени апликации и одлучи  главната награда за квир творештвото - „КВИР МАКЕДОНИУМ 2024“ – да ја додели на Крсто Глигоријадис, за концептот на делото „Здолништето на мојот татко“. 
    Комисијата исто така како исклучителен го забележа и уметничкиот концепт на Ивана Секулоска, и им порачува на организаторите на фестивалот Скопје Прајд Викенд да го имаат предвид овој проект за реализација во текот на следното издание. 
    Наградата предвидува: 

    1.000 американски долари во бруто износ, 

    Презентација на делото на фестивалот Скопје Прајд Викенд 2025 – Фестивалот за квир култура, уметност и теорија, и 

    менторска поддршка од Биљана Тануровска-Ќулавковски и Славчо Димитров во процесот на доработка и финализација на поднесениот концепт. 

     
    Во објаснувањето за изборот на наградата, Комисијата изјавува: 
    „Комисијата на наградата Квир Македониум, одлучи наградата да ја додели на Крсто Глигорјадис за уметничко перформативниот концепт во кој го воочува континуитетот на работа и развојот на неговата досегашна практика, која во голем дел е посветена на преиспитување на личните и колективните истории поврзани со разложување на родот и машкоста, и ја демистифицира моралноста како условена општествено историска конструкција. Деконструкцијата на родот и машкоста и нејзината поврзаност со насилството тој ги истражува преку перформативно ритуализирање на телесноста испитувајќи ги интерсекциите на идентитетот и родот, прикажувајќи ја трансформацијата која е условена од општествената контрола и традиционалните културни норми. 
    Во предложениот концепт како особено важен го гледаме и фокусот на перформативните практики и изведбата на „нови телесни“ изразности како поле за истражување, кои Глигорјадис веќе ги користи во неговите претходни дела, но и ги предложува како метод за понатамошно развивање на дела од неговите тековни интереси. Со овој метод, како квир пристап, преку кој го адресира антагонизмот помеѓу индивидуалната изразност и изведбата на субјектот во неа, од една страна, и колективните општествени регулации, од друга страна, тој ги проширува границите на квир уметничката пракса во полето на визуелната уметност, и внесува постапки кои овозможуваат појавности во имагинативното, непознатото, возбудливото, и изненадувачкото кое се појавува во хоризонтот, вон воспоставеното во полето. 
    Покрај овој уметнички концепт, како исклучителен, во смисла на понудена уметничка квир методологија која ги реартикулира традиционално конструираните архетипови и бајки на/за женственоста и женскоста како фрагилност и нежност, во симбол на бунтовност и отпор, е уметничкиот концепт на Ивана Секулоска. Овој концепт исто така нуди еден нов визуелен вокабулар кој наговестува нов генерациски поглед и запис.“  
     
    Организаторите и комисијата им се заблагодаруваат на сите што аплицираа и ги охрабруваат останатите апликанти да земат учество и наредната година. 
    Наградата се доделува во рамки на проектот „Пристап до правда и човекови права“, кој го спроведува Коалиција МАРГИНИ Скопје, а во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје, ХЕРА и Еквалис, а е финансиран од страна на УСАИД. 
     

  • Дигитална писменост и кибербезбедност во Република Северна Македонија: Документ за политики

    Документот за политики за дигитална писменост и кибербезбедност во Република Северна Македонија е развиен со поддршка на регионалниот проект СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институт за демократија и медијација (ИДМ), а финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка. Содржината на документот е единствена одговорност на имплементаторите на проектот и не ги одразува ставовите на Кралството Норвешка.

    Во денешниот меѓусебно поврзан свет, во кој дигиталните технологии ги оформуваат нашите секојдневни интеракции и протокот на информации со невидена брзина, суштински неопходно е младите луѓе да ја разберат важноста на заштитата на личните податоци, правото на приватност, човековите права идигиталните права, медиумската писменост, кибернасилството и дигиталното родово насилство. Затоа, целта на овој документ за политики е да даде препораки за вклучените чинители – Министерството за образование и наука, средните училишта и различните тела (Државен испитен центар, Центар за стручно средно образование, Биро за развој на образованието) – да пристапат кон:
    Клучни пораки и препораки:
    Развој на национална рамка за подобрување на формалното образование во делот на дигиталните права
    Обука и професионален развој на наставниците
    Развој на инфраструктурата
    Образовни ресурси
    Следење и евалуација

  • Социјалните мрежи, интернет порталите и говорот на омраза

    Во денешниот дигитален свет, социјалните медиуми играат централна улога во креирањето, дистрибуцијата и консумирањето на информации. Сепак, оваа дигитална револуција донесе и сериозни предизвици, особено во контекст на регулирањето на содржините што се објавуваат онлајн. Прашањата за одговорноста на платформите за кориснички содржини се сè поактуелни, бидејќи социјалните медиуми стануваат главно бојно поле за ширење дезинформации, говор на омраза и други форми на злоупотреба.
    Во контекст на младите, кои се меѓу најактивните корисници на социјалните мрежи, прашањето за медиумската писменост е клучно. Истражувањата покажуваат дека младите се ранливи на дезинформации и говор на омраза, што укажува на потребата од поголема едукација за критичко размислување и одговорно користење на дигиталните платформи. Исто така, постојат и глобални иницијативи за регулација на онлајн содржините, како што се Европскиот акт за дигитални услуги (DSA) и други меѓународни и регионални политики, кои имаат за цел да создадат баланс меѓу слободата на изразување и заштитата од злоупотреби.
    Во 2024 година, Хелсиншки комитет спроведе истражување поврзано со дигиталните права – Процена на знаење, вештини и ставови кај средношколците[i], во кое 49% од испитаниците посочиле дека не добиле формално образование за медиумска писменост, 19,5% од испитаниците посочиле дека не се запознаени со механизмите што постојат за известување и борбата против лажни вести и дезинформации на одредени онлајн платформи, а 60% од испитаниците сметаат дека образованието за медиумска писменост треба да биде задолжителен дел од училишната програма.
    Сепак, во една лавина од информации и размени во онлајн просторот и на социјалните мрежи, покрај говорот на омраза кој се шири преку објавите од приватните профили, интернет порталите подзабораваат за обврската за модерирање на коментарите кои преставуваат ширење на говор на омраза, омаловажување и повикување на насилство кон одредени групи.
    Пресудата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во случајот “Делфи АС против Естонија” од 2015 година е преседан кој ја отвори оваа дискусија, поставувајќи го прашањето: До кој степен треба да бидат одговорни интернет порталите за содржината што ја објавуваат нивните корисници?

    Насловна страница: Институт за медиуми и анализа (ИМА)

    Во продолжение е целата анализа 

  • Анастасовска: Медиумите да ги отстранат коментарите коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството

    Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) на 18 декември организираше панел – дискусија на тема: „Дискриминацијата и говорот на омраза во медиумите и јавната комуникација“,
    Панелистите  Лимко Бејзароски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Билјана Георгиевска, извршна директорка на СЕММ, Славица Анастасовска од Хелсиншки комитет за човекови права и Сара Миленковска од Коалиција Маргини,  ги претставија нивните наоди и анализи на оваа тема. Модератор беше Петрит Сарачини.
    Говорот на омраза и дискриминацијата се’ повеќе се засилува, особено во последните години на социјалните мрежи. За жал, оваа тема не допира доволно до јавноста, се согласија панелистите.
    Лимко Бејзароски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), рече дека според бројот на претставки  на второ место се  претставките за јавно информирање и медиуми.
    Посочи три примери за кои  Комисијата постапувала по службена должност – за изјава на „експониран политичар“ кој во дебатна емисија негирал постоење на турската етничка заедница во Македонија, пратеник кој со коментари на Фејсбук поттикнувал дискриминација на трансродови лица и свештеник на јавен настан на ТВ кој „извршил вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет кон ЛГБТ заедницата“.
    Билјана Георгиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), рече дека повеќе 90 отсто од пријавите се за онлајн-медиумите.
    Прекршување на кодексот за одговорно новинарство е секојдневие, особено во онлајн-медиумите. Модерирањето на коментарите на профилите на социјалните мрежи на медиумите и бришењето на навредливите и дискриминаторски коментари  треба биде сериозна задача зашто медиумите стануваат  платформа за натамошно ширење на говорот на омраза.
    Славица Анастасовска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права истакна дека се забележува континуиран говор на омраза особено на социјалните мрежи. Тргнувајќи од фактот дека се’ повеќе млади луѓе го користат овој простор, практично и делата од омраза кои што ги регистрира Хелсиншкиот комитет најмногу се случуваат помеѓу млади лица, сторители и жртви.
    „Гледаме континуиран и вирален говор на омраза, особено видлив на социјалните мрежи, но резултати од кривичните пријави до надлежните институции нема.
    Секоја година алармираме до институциите дека треба да се покрене постапка, заради тоа што во овие случаи и кога станува збор за ваков говор на омраза, повикувањето на насилство и одобрување на геноцид, кои се две категории коишто Европскиот суд за човекови права ги смета како особено отежителни и наша обврска како држава да се справуваме со ваквиот тип на говор на омраза – стои“, рече Анастасовска.
    Таа истакна дека досега Хелсиншкиот комитет поднел десетици пријави, но нема ниту едно покренато обвинение и укажа дека порталите мора да внимаваат како ги модерираат коментарите и да ги отстранат тие со говор на омраза зашто стануваат вирални.
    „Оваа година имаме регистрирано повеќе од илјада случаи на говор на омраза. Не се сите кривични, има и вознемирување и поттикнување на насилство во смисла на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Оваа година пикот беше за време, пред и по изборите и вториот врв на говорот на омраза е за Парадата на гордоста, што се случува секоја година“, рече  Анастасовска.
    Во коментарите на онлајн-медиумите има и одобрувања на убиства, семејно насилство и фемициди што дополнително охрабруваат насилни однесувања. Таа заклучува дека тешките и загрозувачки форми на говор на омраза, особено оние кои стануваат вирални, може многу лесно да се пресликаат во физичкиот простор, па затоа е неопходно медиумите проактивно да ги модерираат коментарите на објавените содржини.
    Сара Миленковска од Коалиција „Маргини“ рече дека се забележливи антиродови движења кои веќе се институционализирале и сега креираат антиродиви политики што водат кон замолчување на активисти и уметници кои се занимаваат со овие теми.
    Самата држава, рече, не учествува во заштита на трансродовите лица и главен аргумент на Обвинителството за непостапување по вакви случаи е што кај нас не е регулиран статусот на трансродовите лица поради што и не можат да бидат заштитени.
    Најчесто дискриминацијата и говорот на омраза е по основа на етничка припадност, сексуална ориентација и родов идентитет.

    Во продолжение анализата на Славица Анастасова Социјалните мрежи, интернет порталите и говорот на омраза.

  • Мрежата за заштита од дискриминација бара итно да се повлечат законските измени за основно и средно образование

    Усвојувањето на овие измени ќе ги направи законите за основно и средно образование контрадикторни на одредбите и духот на Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој го препознава родот, сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација. Усогласувањето и дополнувањето на законските решенија, особено оние закони во чиј центар се наоѓа добробитта на детето, мора да бидат проследени со вистински и значаен придонес од стручната јавност, односно професионалци кои својот професионален капацитет го посветиле на овие области. Недостатокот на ваквиот придонес кон креирањето на законските измени и втората причина за нашата реакција. За жал, уште еднаш бевме сведоци на нетранспарентна постапка, без вклучување на стручната јавност и со оневозможување на општата јавност да учествува во процесот заради фактот што текстот на измените и дополнувањата ја доби својата последна форма и клучни измени по истекувањето на рокот за доставување на коментари преку алатката ЕНЕР.

    Поради тоа, потенцираме дека можните објаснувања од надлежните институции дека експерти биле вклучени во изработката на овие закони е погрешно прикажување на фактите. Нацрт-законите веќе ја пројдоа првата фаза на процесот на усвојување пред Собранието на Република Северна Македонија, а Законодавно-правната комисија и Комисијата за образование, наука и спорт одлучија дека законите се подобни за да продолжат на пленарна седница на Собранието. Пленарната седница на Собранието помина во исклучително краток рок, нетранспарентно и без јавна расправа, и покрај тоа што истата беше побарана и од Комисија за спречување и заштита од дискриминација и Мрежата за заштита од дискриминација.

    Сакаме уште еднаш да потенцираме дека исклучувањето на овие заштитени групи од законот ќе резултира со непостоење на мерки за спречување на насилство и/или физичко малтретирање, но и ќе испрати сигнал дека дејствијата на исклучување и угнетување на овие групи во општеството не се казнува, се охрабрува, а со самото тоа и дека се очекува.

    Со ваквите постапки , Министерството за образование и наука одлучува да ги игнорира постојните информации и истражувања од терен, а коишто говорат за исклучителната ранливост на ЛГБТИ децата и девојчињата, непосредно загрозувајќи ја нивната безбедност, и придонесувајќи кон условите коишто креираат состојба на кревко ментално здравје кај овие деца. Имено, истражувањата укажуваат дека ЛГБТ младите четири пати почесто се изложени на малтретирање од своите врсници во училиштата, а оваа тенденција постојано расте, со можност да стане нормализирана. ЛГБТИ децата во Северна Македонија се меѓу најранливите групи, со зголемен ризик од сајбер насилство, семејно и окружувачко насилство. Речиси 30% од нив три пати почесто се жртви на сајбер насилство во споредба со хетеросексуалните врсници. Дополнително, 15-годишници со хомосексуална и бисексуална ориентација почесто страдаат од психосоматски симптоми (74%), чувства на тага и безнадежност (47%) и сериозни самоубиствени мисли (30%), што укажува на недостаток на семејна поддршка и посебни предизвици со менталното здравје.

    Малтретирањето, исклучувањето од врсничката група и недостатокот на препознавање и поддршка од семејството и наставниците се фактори кои директно влијаат на менталното здравје на децата.

    Имајќи го предвид горенаведеното, бараме итно повлекување на предложените законски измени, отворање на транспарентна јавна дискусија во која ќе бидеме вклучени како експерти во областа на дискриминацијата и правата на маргинализираните деца и млади, и Министерството јавно да покаже дека животите и безбедностa на сите ученици, вклучително и на на ЛГБТИ децата и девојчињата, се подеднакво вредни и ценети.

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор