Books student libra universitet.jpg

МОН ЈА ПРИФАЌА ИНИЦИЈАТИВАТА ОД ПРОЕКТОТ „ЗАСТАПУВАЊЕ ЗА ИНКЛУЗИВЕН РАЗВОЈ“: ВОВЕДУВА РЕГИСТАР НА СТИПЕНДИСТИ

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави воспоставување централен дигитален регистар за сите државно стипендирани студенти кои студираат или студирале во странство. Регистарот ќе овозможи поефикасно следење на нивниот академски и професионален статус. Според Јаневска, целта е нивно поефикасно вклучување на домашниот пазар на труд и во научно-истражувачките институции.

„Целта е да го искористиме нивниот потенцијал и да ги поврземе со компаниите и универзитетите во државата. Со овој регистар ќе знаеме дали студентите се вратиле, дали дипломирале и каде се ангажирани“, изјави Јаневска.

Овој регистар е една од клучните препораки содржани во неодамнешната анализа на Форумот за разумни политики (ФРП) „Густа плетка: за потребата од вмрежување на образованието, науката и економијата базирана на знаење“. Во анализата се нотира недостаток на правна и институционална рамка за систематско следење на кадарот што се образува во странство. Документот повикува на измени на Законот за високо образование, со цел воспоставување законски основ за информациски систем што би го опфатил целосниот академски и контакт-профил на македонските студенти надвор од државата.

Според Јаневска, регистарот ќе биде доброволен во делот на јавната видливост на профилите, со што ќе се овозможи студентите да бидат препознаени од заинтересирани институции, вклучувајќи универзитети, стопански комори и истражувачки центри.

Обврските за стипендистите по дипломирањето се исто така прецизирани: тие ќе мора да работат во Северна Македонија двојно подолго од времетраењето на нивните студии. Ако во рок од шест месеци по враќањето не им се понуди соодветна работа, обврската престанува. За оние што ќе најдат работа во странство, дозволено е времено задржување од максимум три години, по што мора да се вратат или да ги вратат добиените средства.

„Доколку одлучат да не се вратат во државата, ќе мора да ги вратат средствата што Министерството им ги исплатило, и тоа најдоцна две години по завршувањето на студиите. Во минатото се бараше враќање на десеткратно поголем износ, што беше неприменливо“, рече Јаневска, додавајќи дека околу 50% од досегашните 400 стипендисти се веќе вратени и ангажирани во приватниот сектор.

Конкурсите за новите стипендии за академската 2025/2026 година се веќе објавени. Финансирањето покрива до 40.000 американски долари за школарина на универзитетите рангирани на Шангајската листа, како и дополнителни трошоци за живот, сместување и превоз.

Покрај регистарот, анализата на ФРП предлага и воведување субвенции за компании што ќе вработуваат повратници од странство со дефицитарни квалификации. Предлогот предвидува вклучување на Министерствата за труд, економија и финансии во креирање мерки за поттикнување на ангажман на високо квалификуван кадар – било од дијаспората, било странски експерти – со цел подобрување на конкурентноста на домашната економија.

Со ваквите чекори, властите се обидуваат да ги надминат слабостите на претходните програми, кога недостигот од координација и законска основа овозможуваше дел од стипендистите трајно да останат во странство, без да го вратат вложениот јавен ресурс.

Инаку, анализата „Густа плетка: за потребата од вмрежување на образованието, науката и економијата базирана на знаење“ е изработена во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, што го спроведуваат три партнерски организации – Форум за разумни политики, Институтот за општествени и хуманистички науки и Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС).

Проектот, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас, има за цел подигнување на свеста кај стручната и пошироката јавност за доследна примена на Болоњскиот процес, особено неговата темелна вредност – мобилноста, преку измени на Законот за високо образование. Главната цел е да се придонесе за подобро и поквалитетно високо образование, длабоко интегрирано во економските текови во државата и надвор од неа, каде истражувањето и науката се преточуваат во реалниот сектор и стануваат составен дел од креирањето јавни политики. Така, младите успешни студенти би добиле стабилно академско и економско прибежиште, што би придонело и кон намалување на одливот на мозоци.

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

This post was originally published on this site

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор