Graganska vklucenost 2024

Граѓанската вклученост во Македонија

Истражувањето Граѓанска вклученост 2024 открива важни наоди за учеството на граѓаните во различни форми на здружување, политички непартиски активности и волонтерство, како и причините за (не)вклученост и мотивацијата за граѓански ангажман. Речиси половина од граѓаните (46,8%) не знаат кои би биле облиците на здружување кои придонесуваат за нивните потреби. Од оние кои одговориле потврдно,  најбројни се (23,1%) граѓаните кои сметаат дека црквите и верските заедници се обликот на здружување кој придонесува за поддршка на нивните потреби. За разлика од нив, политичките партии се најретко избрани од испитаниците (5,3%).

Graganska vklucenost cover

Што се однесува до политичките непартиски активности, граѓаните најчесто практикувале потпишување петиција и учество во мирен протест (21,1% и 24,8%). Споредено со 2021 година, има пораст кај овие две активности од 15,0%, односно 14,1%). За жал, пораснал и бројот на оние кои никогаш не би учествувале во вакви активности, а разликите се меѓу 6,4 и 24,5 процентни поени. Уште една лоша вест е падот на потенцијалните учесници, т.е. оние што не учествувале ама би го направиле тоа во иднина. Намалувањата се движат од 17,9 до 24,2 процентни поени. Демографски гледано, разликите според возраста се најизразени, младите (18–29 години) се поподготвени за  учество, а со зголемувањето на возраста расте и процентот на оние што воопшто не би учествувале.

Личните причини, односно недостатокот на интерес или волја за учество се најчестите причини за 46,8% од испитаниците да не учествуваат во непартиски, политички активности. Втора најчесто спомнувана причина е презафатеноста (25,3%), а трета е неинформираноста (10,3%). Личните причини преовладуваат кај повозрасните испитаници, особено кај оние над 65 години (55,9%), додека кај младите (18–29 години) тоа е презафатеноста (28,9%) или недостигот на информации (10,2%).

Членството во граѓански организации е на исклучително ниско ниво, само 4,2% од испитаниците изјавиле дека членуваат во граѓанска организација. Причините за не членување на околу една третина од испитаниците (33,8%) биле лични (недостаток на интерес или одбивање да се членува), а презафатеноста и неинформираноста за 24,5% и 7,9% од испитаниците.

Граѓаните најмногу сакаат да волонтираат во социјални и хуманитарни организации. Вкупно 30,1% од испитаниците изјавиле дека веќе волонтирале или би сакале да волонтираат во таков тип организации. Подготвеност за вклучување исто така има за еколошки организации (26,5%) и организации за култура и образование (23,3%).

Истражувањето е спроведено со теренска анкета на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници кои вклучуваат население постаро од 18 години, а критериумите за репрезентативност вклучуваа пол, етничка припадност, возраст, место на живеење и региони. Податоците се обработени со честота и пропорција на одговорите, со ниво на доверба од 95% и грешка од +/- 3%. Анкетата беше спроведена во периодот од 20 април до 25 мај 2024 година, а за МЦМС анкетата ја спроведе М-Проспект.

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор