Граѓанските организации се подготвени да им помогнат на институциите во борбата против пандемијата. Таа помош, сметаат тие, треба да биде системска, соодветна на потребите на граѓаните и канализирана преку Центарот за управување со кризи кон соодветните институции. Ова беше главниот заклучок до кој дојдоа седумдесетина претставници од исто толку граѓански организации кои разговараа за тоа како заеднички да придонесат за надминување на кризата предизвикана од Ковид-19. Дискусијата се водеше за време на тематскиот форум на Цивика мобилитас што се одржа на 30 ноември 2020 година преку платформата Зум (ZOOM).

Водени од искуствата што ги собрале од секојдневната работа на терен, активистите зборуваа за тоа кои се потребите  на граѓаните и со какви предизвици се соочуваат. „Постои општо уверување дека луѓето се добро информирани, но на терен работите не се баш такви“, рече Заге Филиповски кој со организацијата Центар за добро владеење и интегритет – Хаб го поддржуваат општинскиот штаб за заштита и спасување на општина Карпош. Според него, мора да се работи на свеста на граѓаните, но и на практиките на општините и институциите кои понекогаш, водејќи се од потребата да создадат позитивен имиџ, преземаат активности кои не помагаат во справувањето со пандемијата. Недостатокот на информации и присуството на дезинформации го истакна и Кристина Нацева од Полио плус како проблем кој особено ги засега лицата со попреченост. „Тешко е да се работи на терен“, истакна Лулзим Хазири од Асоцијацијата за демократска иницијатива од Гостивар. Тој укажа дека луѓето кои се разболеле од Ковид-19 често се стигматизирани или игнорирани од заедницата. „Треба да градиме свест за живот во ваква состојба, свест без предрасуди“, додаде Хазири. Душко Христов од Банка за храна се осврна на основните потреби на граѓаните. „Секојдневно доставуваме храна на ранливи категории граѓани и има се поголема потреба од ваква помош“, рече тој. Имајќи ги предвид ризиците кога се работи со граѓаните позитивни на Ковид-19, Христов истакна дека организацијата обезбедила опремено возило за вакви намени кое можат да го стават на располагање и на други институции. 

Учесниците во дискусијата истакнаа низа други потреби на нивните целни групи како што се оние поврзани со одвивањето на образовниот процес, особено кај децата со попреченост и децата од руралните средини, обезбедувањето на медицинските терапии за хронично болните, справување со зголеменото семејно насилство, потребата од психолошка поддршка итн. Тие констатираа дека пандемијата ги направила повидливи проблемите биле присутни и претходно.  

Присутните се согласија дека активностите треба да продолжат и да се прошират, особено ако се имаат предвид зголемените потреби на терен. Затоа, неодминливо беше прашањето дали е време за повик до донаторите за нова поддршка на активностите поврзани со Ковид-19? Ова е особено важно ако се има предвид дека од почетокот на кризата во март оваа година, голем број граѓански организации, во рамките на своите можности, направија прилагодувања на активностите за да излезат во пресрет на потребите на нивните конституенти. Сега, голем дел од поддршката што ја имале е завршена или се ближи кон завршување.

Со нова поддршка или без неа, граѓанските организации се тука за да ги понудат своето знаење, искуство, вештини, добри релации со граѓаните и да им помогнат на институциите да се справат со пандемијата, како партнери, затоа што тоа е од интерес на сите, а најмногу на граѓаните.