Жените од руралните средини охрабрени и организирани за промени во локалните заедници
„Се чувствувам охрабрена, посамоуверена и доволно информирана за моите права, но и за обврските на општината да одговори на барањата на жените од руралните средини и да ги вклучи во креирањето на локалните политики. И што е најважно, за првпат осознав дека во овој процес не сме осамени, туку дека ја имаме поддршката од граѓанските организации за заедничко делување и остварување на нашите потреби. Сега знам дека гласот на една жена може да стане силен кога е поддржан од заедницата и здружен со други жени кои веруваат во промени“, вели Анита Ритовска од кривопаланечко село Мождивњак.
Нејзиното зајакнување за граѓански агажман во локалната заедница е резултат на активното учество во информативно-едукативните работилници во рамките на проектот „Активни жени“, кој го спроведува Хуманитарно Здружение „Мајка“ од Куманово, во партнерство со Регионален центар за одржлив развој од Кратово, РЦС „Спектар“ од Крива Паланка и Фондација за развој на мали и средни претпријатија од Куманово. Целта е примена на модели за учество на граѓаните во носење одлуки на локално ниво преку родово сензибилизирање на алатките за да одговaраат на потребите на руралните жени за самостојно делување и придонес при донесување на програмите и буџетите на Општините Куманово, Крива Паланка и Кратово. Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас, што ја спроведува МЦМС.



Младата Ристовска како локална аниматорка покажа способност за мобилизација на жените од нејзината заедница. Жителките на Мождивњак досега не биле запознаени со надлежностите на локалната самоуправа и нејзината обврска да одговори на барањата на граѓаните. По едукацијата, тие се запознаа со можностите за комуникација со институциите, значењето на заедничкиот настап и со методите за идентификување на приоритетните проблеми. Истовремено, пројавија интерес и за вклучување во застапувачки акции.
„Преку работилниците сфативме дека имаме можности и моќ да направиме промени во нашата заедница доколку настапуваме самоуверено и организирано, а не стихијно и поединечно. Особено е важно што заеднички ги утврдивме најголемите приоритети за нашата заедница како што се потребата од реконструкција на старата училишна зграда, нецелосната покриеност со водоводна мрежа, нефункционалната канализациска мрежа, немање лекар и амбуланта, локален превоз и слично. Сега сме доволно освестени и обучени да знаеме каде да ги адресираме нашите барања, како да настапиме пред надлежните и што да очекуваме од нив. Нашата сплотеност е нашата најголема предност, жените од руралните заедници можат да бидат главните актери на локалниот развој“, вели Ристовска.


Драгана Мицевска од истото село истакнува дека за првпат била информирана дека постои механизам за барање информации од јавен карактер, преку кој може да се запознае со развојните планови на општината и со начинот на трошење на буџетските средства.
„Досега никој не побарал мислење од нас за тоа што е најпотребно во нашата заедница. Но, со учество на работилниците не само што се информиравме како да ја следиме работата на општината, туку и дека имаме право да учествуваме на јавните расправи за буџетот, да даваме предлози и да бараме информации што се однесуваат на нас,“ додава Мицевска.
Со помош на Здружението на млади правници, жените веќе подготвуваат конкретно барање за информации од јавен карактер за најгорливите проблеми во Мождивњак, кое наскоро ќе биде доставено до Општина Крива Паланка.


Покрај информираноста и едукацијата, жените од Мождивњак веќе презедоа и иницијатива за уредување на детско игралиште во селото. Проблемот е особено значаен бидејќи децата моментално играат на магистралниот пат, што претставува сериозен безбедносен ризик.
„Видовме дека општината инвестира во детски игралишта во други населби. Сега знаеме дека имаме право да бараме, да предложиме да се уреди локација за еден ваков објект и во нашето село и да настапиме пред надлежните. Ова ќе биде наш прв организиран настап пред градоначалникот и општинските служби, со кој ќе ја покажеме својата подготвеност, ангажираност и влијание,“ велат жените од селото.
По завршувањето на досегашниот циклус работилници, жените се чувствуваат мотивирани да продолжат со активно учество во процесите на донесување одлуки. Не се гледаат веќе како пасивни набљудувачи на општествените процеси, туку стануваат лидерки и гласни застапнички на промените што сакаат да ги видат во своите заедници.
Преку проектот „Активни жени“ досега се мобилизирани околу 220 жени од 8 локални заедници во Куманово, Крива Паланка и Кратово. Следната фаза на проектот предвидува обуки за презентациски вештини, полесен пристап до пазарот на трудот, регионално вмрежување, мониторинг на програмите и буџетите, како и учество на јавни настани. Со нивното активно учество во консултативните и застапувачки процеси, се очекува општините да развијат методологија за постојано и суштинско вклучување на жените од руралните средини во планирањето и одлучувањето за локалните политики – на добробит на целата заедница.