Приказни за жени кои научија дека дискриминацијата не е „нормална“
Дискриминацијата врз жените ретко се препознава веднаш. Таа се крие зад „така функционира системот“, зад молк, срам и страв од последици. За многу жени, првиот чекор не е институционална пријава, туку внатрешна борба т.е дали тоа што го доживуваат е неправда или само нешто што мора да се прифати. Случаите со кои работат граѓанските организации покажуваат дека дискриминацијата како појава може да се манифестира на различни начини и во различни средини – на работното место, во институциите, на улица итн. Тие исто така покажуваат и нешто друго, дека промената започнува тогаш кога жените ќе добијат информации, поддршка и охрабрување да проговорат.
„Шетањето на кучето пред зграда, една од секојдневните рутини на една транс девојка, предизвикало интерес кај непознат маж кој ја снимал со мобилен телефон без нејзина согласност. Кога таа побарала снимките да бидат избришани, мажот негирал дека снимал и одбил да го покаже телефонот. По ова, вознемирена и понижена, таа го пријавила случајот во полиција, чекор што претходно не би се осмелила да го направи. Ова не било првпат да се почувствува понижено. Претходно ѝ бил одбиен влез во угостителски објект, а таксист што го повикала си заминал веднаш штом ја видел. Со години, ваквите ситуации ги доживувала како нешто што „така мора да биде“, ни раскажуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права – ХКЧП за едно од многуте искуства на девојките кои се соочиле со дискриминација.
Оваа транс жена долго време не знаела дека она што го доживува всушност има име – дискриминација. Уште помалку знаела дека постојат механизми за заштита и дека има право да побара помош. Преку повеќекратни разговори со параправничка од Коалиција Маргини, таа постепено почнала да ги препознава различните облици на дискриминација врз основа на родов идентитет. Поддршката не била само информативна, туку и охрабрувачка. Праправничката ѝ помогнала да разбере дека не е сама и дека нејзините искуства не може да се опишат само како „преосетливост“, туку како реално кршење на нејзините права.
Иако сите ситуации не добиле формална разрешница, за неа најголемата промена било чувството дека е заштитена и информирана. Според ХКЧП, денес таа знае каде може да се обрати, како да поднесе претставка и повеќе не се плаши да пријавува дискриминација.
Слично чувство на беспомошност доживеала и Д.П (22), млада жена која се преселила во Скопје откако нејзините родители дознале за нејзината сексуална ориентација. Новиот град за неа значел обид за нов почеток, тргнувајќи од работа, самостоен живот и обид да изгради чувство на сигурност. Но една вечер, кога поради силни болки во стомакот побарала итна медицинска помош, се соочила со нешто што не го очекувала.
Во Ургентниот центар, наместо професионален однос, добила чудни погледи и навредливи коментари. Таа претпоставувала дека реакцијата е поврзана со нејзиниот изглед, кратка коса и мускулеста градба, поради што често е погрешно перципирана како машко.
Медицинската сестра ѝ поставувала прашања кои немале никаква врска со нејзината здравствена состојба и ја споредувала со други пациенти. „Болки во стомакот? Хм… дали е тоа поврзано со нешто што сте правеле? Или можеби е хормонално, кај вас… таквите?“
Збунета и вознемирена, ДП се обидела да објасни дека болката се влошува, но била прекината со коментар: „Сигурно не е ништо. Вие девојките што не сте баш… девојки, често претерувате“, ни раскажуваат од ХКЧП.
И покрај сериозните симптоми, медицинската сестра и дала приоритет на друга пациентка. Подоцна, лекарот ѝ потврдил дека нејзиниот случај всушност бил поитен, додека медицинската сестра не покажала интерес или свест за направената грешка.
Иако овој настан оставил силен впечаток, таа одлучила да не поднесе формална пријава, сметајќи дека процесот би бил долг и исцрпувачки. Сепак, разговорот со параправничка ѝ помогнал да ги разбере своите права и можностите за заштита од дискриминација во здравствениот систем, а чувството дека некој ја слушнал и ѝ ги објаснил нејзините права ѝ донело сигурност. „Важно ми е што сега знам дека ова не е во ред и дека имам права“, споделила таа.
За друга транс жена, дискриминацијата се појавила во момент кога се обидувала да најде работа. Охрабрена од оглас во кој било наведено дека не е потребно претходно искуство, се пријавила на огласот за вработување во салон за масажа. По првичниот разговор, ѝ било кажано да дојде на интервју. Но откако ги испратила своите лични податоци, наместо потврда, добила порака: „Извини, машко си“. При што таа одговорила дека е транс девојка и прашала дали тоа претставува проблем. По ова, истата вработена повторно ја повикала телефонски и ѝ поставувала прашања за нејзиниот родов идентитет, како: „А што е тоа?“ и „Како тоа транс девојка?“.
Неколку часа подоцна, добила и порака: „Здраво, извини, разговарав со газдата. Бара стриктно девојка да биде. Ако имате да ми препорачате.“ Овој случај бил документиран со поддршка од параправничка и е јасен пример на дискриминација врз основа на родов идентитет во процесот на вработување, област која е клучна за економската сигурност, а пристапот често е нееднаков за транс лицата. Иако овој случај не продолжил во формална постапка за дискриминација, процесот на разговор и информирање ѝ помогнал да го надмине чувството на понижување и отфрлање, да се стекне со поголема самодоверба во заштитата на своите права.
Дискриминацијата има и други основи. Една жена Ромка, самохрана мајка која се преселила во Скопје за да му обезбеди на своето дете подобро образование и живот, се соочила со понижување при обид да користи фризерска услуга. Наместо поздрав, добила навреди, викање и исмевање пред други луѓе.
„Кога ја отворила вратата, во салонот се наоѓале фризерката, сопственичка на салонот, и уште две жени кои во тој момент користеле услуги. Веднаш по нејзиното влегување, корисничката забележала чудни и непријатни погледи од двете муштерики. Наместо поздрав или прашање за услугата, сопственичката на салонот ја погледнала луто и извикала: „Бегај од тука! Доста барате“, ни раскажуваат од ХКЧП.
Вознемирена и исплашена, долго време не се осмелила повторно да влезе во друг салон. Иако имала можност да го пријави случајот, таа одлучила да не го стори тоа поради претходни негативни искуства со институциите. Но контактот со параправничка не завршил со првиот разговор. Преку повеќе средби, таа добила информации, поддршка и простор да ги сподели своите стравови. Таа покажувала интерес за начините на заштита од дискриминација, поставувала прашања за постапките за пријавување и споделувала и други искуства од секојдневието. Иако недовербата кон институциите останува, за неа овој процес значел важен чекор – чувство дека некој ја слуша, ѝ верува и ја третира со достоинство.
Овие приказни се дел од работата на проектот „Еднаквост сега – зајакнување на маргинализираните заедници за социјална инклузија и недискриминација“, кој го спроведува Хелсиншкиот комитет за човекови права – ХКЧП, во партнерство со ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција Маргини, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Преку бесплатна правна и параправна помош, обуки и директна работа со жени од маргинализираните заедници, проектот придонесува за зајакнување на нивната информираност, самодоверба и доверба во механизмите за заштита од дискриминација.
Не секоја приказна завршува со пријава. Но секоја започнува со сознание дека дискриминацијата не е нешто што мора да се прифати како „нормално“. Патот до правдата често е долг и тежок, но информираноста и поддршката се првиот чекор кон промена. Понекогаш, првата и најважна победа е кога жените ќе кажат:
„Сега знам дека имам права – и дека не морам да молчам.“








