Glasen tekstilec storija 7 2
|

И по 168 години, не престанува борбата на текстилните работнички за подобри услови за работа

Кога жените вработени во индустријата за облека и текстил јавно демонстрирале во 1857 година во Њујорк за подобри работни услови и плати започнале всушност серија протести чии барања низ годините се прошириле и на демократското право на глас на жените, барањето за еднакви права со мажите, за вршење јавна функција итн.

Промените што се случиле до денес се неспорни, но борбата е сѐ уште е актуелна. Во Македонија, работата на жените во текстилната индустрија останува неизвесна и предизвикувачка. На оваа тема, а по повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март, разговаравме со Кристина Ампева, претседателка на здружението „Гласен текстилец“, кое активно се бори за правата на текстилните работнички во Македонија, особено во Источниот регион.

Зборувајќи за почетоците, Ампева се сеќава на 2016 година кога, како што вели, „ние неколку работнички кои бевме дел од овој сектор, јавно проговоривме за се она што се случуваше зад тие врати од конфекциските погони. За мобингот, за дискриминацијата, за небезбедните и нечовечки услови, во погони во кои немаше ни греење во зима, ни ладење во лето. Или како што можат моите постари колешки да објаснат, до тогаш беше, од 6 до 6 за 6. Или работа од 6 до 18 часот за 6000 денари, бидејќи во тој период текстилните работници земаа плата под минималната загарантирана плата“. На промена на ваквата состојба работело здружението. „Од тогашната плата од 8000 денари за овие години на работа на здружението , стигнавме до 24.000 денари. Или слободно можам да кажам, она за кое молчеа синдикалците од осамостојувањето на државата, ние како активисти гласно го зборувавме и се изборивме“. Таа потсетува и на недостатокот на соработка со инспекцијата и стравот да се пријават неправилностите. „Со многу работа и објаснување на состојбите, направивме партнери од таа институција која работи согласно целта за која постои, заштита на работничките права. Бевме и иницијатори на недела да биде неработен ден па сега секторите каде претежно се вработени жени, имаат еден ден одмор во неделата што порано не беше случај“, вели претседателката на „Гласен текстилец“.

За жал, според Ампева, здравствената криза во 2020 година ја истакнала ранливоста на  економијата особено во текстилниот сектор. Недостатокот на јасна визија и инвестиции во секторот, го довела на прагот на изумирање, иако има огромен потенцијал. „Ова е гранка од која зависат околу 30.000 работници, претежно жени. Жените во овој регион, Источниот, ја носат економијата на своите плеќи, и за разлика од другите плански региони, ќе забележите дека тука имаме најголема вработеност на жените и нивна вклученост на пазарот на трудот.

За претседателката на „Гласен текстилец“, ова е вечна борба во земјите на Балканот. „Ни требаат силни граѓански организации, кои ќе јакнат жени особено во внатрешноста на државата, гласно ќе лобираат за решавања на локални проблеми во заедницата на локално но и национално ниво. Затоа сметам дека и проектот поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика Мобилитас кој го спроведуваме заедно со Едукативно-хуманитарна организација (ЕХО) од Штип и Иницијатива на невработени интелектуалци (ИНИ) од Виница и се имплементира во Штип, Делчево и Виница, е начин како жените да се наметнат како фактори во локалните заедници“. Со активистки и жени кои работат на терен ги идентификуваат локалните проблеми и приоритети на жените и девојките во Штип, Делчево и Виница. Потоа бараат од општинските власти да поддржат и решат дел од тие проблеми. Во акциите на застапување пред надлежните, ги вклучуваат жените за да им  покажат дека тие се важни и мора да бидат дел од процесите на креирање и носење на одлуки. „Мислам дека ваквите проекти се многу важни за јакнење на жените во одредена заедница, особено во помалите места, каде мажите се градоначалници, советници, директори, главни на сектори во општините, мажите го имаат главниот и последен збор и тие знаат што е најдобро, а жените се оние кои треба да работат, чуваат деца, возрасни лица, треба да гласаат, ама не и да се мешаат во тоа што мажите одлучиле дека е важно да се прави, без да помислат на разни лица, заедници, жени, лица со попреченост и слично“, вели Ампева.

Веќе девет години, „Гласен текстилец“ успешно работи на поддршка на текстилните работнички преку бесплатна правна помош, обуки и кампањи кои го зголемуваат нивното сознание за работничките права. „Текстилните работнички имаат право да бидат почитувани. Преку обуки и работилници ги охрабруваме да се борат за своите права и да бидат свесни дека се важен дел од работната сила,“ истакнува Ампева.

За да се постигне уште поголем напредок, здружението во март 2024 година го формираше и „Гласен синдикат“. „За една година имаме навистина важни резултати, имаме 300 членови кои сами пристапиле и покрај сите притисоци. Успеавме да зачуваме многу работни места, успеавме да потпишеме еден колективен договор на ниво на фирма и во сите компании каде имаме мнозинство членови да се почитуваат сите права од работен однос, како и целосна исплата на К-15 што не е случај во останатите фирми каде немаме синдикат. Мислам дека сме на вистинскиот пат“, вели Кристина Ампева иако е уверена дека ќе биде тешко заради нивниот интегритет но, така треба да изгледа вистински, работнички синдикат. „Сакам ова да е синдикатот кој го немаше да ме заштити мене додека јас работев под нехумани услови, а ми беше многу потребен. Затоа „Гласен синдикат“ ќе биде тука за сите кои ќе пристапат и  станат дел од него“.

На крајот, Ампева апелира до сите граѓани и институции да ги поддржат работничките во нивната секојдневна борба за подобри услови и плати. „Денес, додека Владата жестоко се спротивставува на покачувањето на платите, ние продолжуваме да се бориме за правата на работниците и за нивното признание како двигатели на економијата,“ вели таа и додава дека во 21 век „не смееме да дозволиме  да ни се случуваат откази на бремени жени, откази поради синдикално организирање, не исплаќање на плати, мобинг и дискриминација.“

„Гласен текстилец“ продолжува да ја слави оваа борба и преку активности за време на 8 Март. Здружението ќе организира отворен ден во Штип, каде ќе ги потсети текстилните работнички дека „тие, исто како и нивните претходнички, го започнале движењето за подобри услови, плати и права, и дека тоа не смее да запре, туку треба да продолжи.“

Заедно, можеме да ја промениме иднината и да осигуриме дека правата на работничките ќе бидат повеќе заштитени и почитувани!

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор