„Градете силни врски со заедницата!“
На неодамнешната работилница на Цивика мобилитас, „Добри практики за одржливост на граѓанските организации“ , која ја водеше Сајмон Форестер, Центарот за младински активизам КРИК го презентираше своето искуство. Ова беше поводот да поразговараме со Мила и Ангела за напорите на организацијата да функционира и да се справува во ôд со сите предизвици.
„Ни беше драго што ја имавме можноста да ја претставиме одржливоста на нашата организација како добра практика. Особено беше чест да се направи тоа со Сајмон Форестер. Во суштина, сметаме дека одржливоста треба да е едно од основните начела кон кои граѓанските организации треба да целат“, вели Ангела.
Зборувајќи за добрите пракси, Ангела раскажува за, според неа, најуспешната и иновативна мобилизација на поддршка на КРИК досега која се одвива преку кампањите за собирање средства за „Инклузивните летни кампови за млади“. „Првиот камп во 2017 година беше целосно финансиран од УНИЦЕФ, но од тогаш КРИК се соочи со значителни тешкотии во обезбедувањето на потребните средства за континуирано организирање на овие кампови. Во изминатите две години организацијата се сврте кон иновативен пристап – онлајн кампања за собирање средства со креативен елемент. За секоја донација што ја добиваат, поддржувачите можат да изберат накит или уметничка фотографија, изработени рачно од корисниците на КРИК. Ова не само што ги обезбедува потребните средства, туку и им дава на донаторите значајна и лична врска со корисниците, овозможувајќи им директно да ги поддржат креативните напори на луѓето кои ги поддржува КРИК“, вели таа. За да си го олесни мобилизирањето, секоја година, КРИК спроведува истражување за идентификување компании со силна посветеност кон социјалната одговорност, особено оние кои се заинтересирани за поддршка на инклузијата и развојот на млади. Откако организацијата ги идентификува потенцијалните партнери, ги контактира овие компании, објаснувајќи ја мисијата и влијанието на камповите и начинот на кој нивните донации директно ги користат учесниците.
„Работејќи 12 години со целни групи на кои им треба поголема видливост и инклузија се покажа природно да работиме многу повеќе на видливост, особено затоа што сметаме дека сите луѓе и сечија приказна заслужува да биде чуена. Оттука произлезе и потребата за план за социјален маркетинг“, ја објаснува Ангела придобивката од работилницата со Форестер.
Центарот за младински активизам „Крик“ е граѓанска организација која веќе 12 години активно работи со младите и со ранливите групи, поттикнувајќи младински активизам и партиципација. Главните активности се насочени кон критичко размислување, заштита на животната средина и подобрување на условите за лица со попреченост. Нивната визија е да бидат гласот на младите кои сакаат да бидат слушнати и да го променат општеството. Соработката со Цивика мобилитас им помогна да развијат стратегии за одржливост на организацијата, да изградат долгорочна стабилност и видливост на нивната работа.
„На некој начин таков план ги соединува сите наши активности и цели, работата со млади и волонтери од Европскиот солидарен корпус (European Solidarity Corps) програма на ЕУ, Мултифункционалниот дневен центар „Крикни“ и работа со лица со попреченост, трите станбени единици како дел од процесот на деинституционализација кои ја нудат услугата за живот со поддршка и социјалното претпријатие „Принт колектив“. Разбравме дека одржливоста не само што ни помага директно во делувањето, туку ни овозможува да го запознаеме општеството и предизвиците со кои оваа категорија се соочува. Од друга страна, им овозможуваме на останатите чинители да дадат придонес во заедничката мисија за подобро општество“, вели таа.
Обуките од Цивика мобилитас им помогнале да се надградуваат и да акумулираат нови знаења, „а од друга страна, напорите вложени во континуираниот развој преку обуките ни даваат голема поддршка и заедништво. На работилницата се запознавме со важноста за правилно поставување на планот за социјален маркетинг со што можеме полесно да го трасираме патот до целта“, додава Ангела.

Стратегијата на КРИК за зголемување на финансиската одржливост вклучува понатамошен развој на социјалните претпријатија, како што се претпријатието за директно печатење на текстил и продажба на производи создадени од корисниците во трудо-терапевтскиот центар на КРИК. Овие иницијативи обезбедуваат алтернативен извор на приходи што може да помогне во елиминирање на зависноста од надворешни донатори и грантови, истовремено овозможувајќи им вработување на лицата со попреченост. Покрај онлајн кампањите за собирање средства, КРИК планира да ги зајакне и прошири своите односи со социјално одговорни компании. Преку развој на долгорочни, взаемно корисни партнерства, организацијата верува дека може да создаде поконзистентна поддршка и да ги усогласи целите со активностите за корпоративна социјална одговорност.
Бидејќи КРИК е лиценциран како давател на социјална услуга од Министерството за труд и социјална политика и активно е вклучен во процесот на деинституционализација во земјата, организацијата ќе продолжи да бара поддршка од владата. Зајакнувањето на соработката со општините, како Кисела Вода, и застапувањето за постабилна и долгорочна финансиска поддршка од националните и локалните власти ќе бидат клучни за одржување на социјалните услуги и единиците за независно живеење.
„Луѓето, нивната желба за работа и чувството на припадност кон организацијата се исто така голем дел од одржливоста“, вели Мила. Важно им е да ја градат меѓусебната доверба, а тоа го прават со искреност и вклученост. „Тука сме постојано и тие се тука. Секој ден учиме еден од друг и постојано ја градиме таа доверба“, додава таа. „Како тим, се трудиме да посветуваме време и внимание на анализата на нивните потреби, кои ги подобруваме преку развој и спроведување на активности. Кога ова се случува во континуитет, довербата расте и се одржува“, се надоврзува Ангела.
„Пет скопјани некако завршивме во потрага по едукативни активности во Куманово и супер ни беше“, се сеќава Мила. По една младинска размена во Ирска, каде учеле за методи на невербално изразување, петмината решаваат да го применат знаењето дома и така ја почнуваат соработката со Специјалното училиште „Партение Зографски“ која трае и денес. „Кога почнувавме имавме голема поддршка од Центарот за интеркултурен дијалог, преку обуки за раководење со проекти, организациски развој и слично. Тие ни помогнаа да ја напишеме и првата проектна апликација, со која ги добивме првите средства. Тоа беше младинска размена за лица со оштетен вид, финансирана од Национална агенција за европски образовни програми и мобилност“, вели Мила.
Ниту Мила ниту Ангела немаат дилема дека овие 12 години работа дефинитивно се показател дека ЦМА Крик имаат долгорочен план за делување. „Предизвик има, но резултатите се стимул да продолжиме со раст и развој“, вели Ангела и додава дека кога „ќе формирате заедница, тоа ве обврзува на некој непосреден начин, бидејќи придобивките и предизвиците ни се заеднички“, вели таа.

„Никогаш да не се откажувате“, им порачуваат двете на граѓанските организации. „Дури и кога не е лесно, кога не можете да ги обезбедите сите средства или кога се случуваат неуспеси. Продолжете да работите на целта, ќе дојде време кога ќе имате и одржливост“. Препораката е да се излезе на терен, да се направи анализа на потребите и да се дејствува со цел, никогаш да не се престанува да се бараат нови начини.“
За мобилизацијата која ќе ја олесни одржливоста, Мила и Ангела велат: „Градете силни врски со заедницата! Никогаш не давајте отпор на новата технологија, алатките или методите кои ќе ја подобрат вашата ефикасност!“
Драго ни е што Цивика мобилитас придонесува за дел од растот на оваа организација. Веруваме дека нивните добри пракси можат да бидат добро четиво и за големите и за малите граѓански организации. На крајот, сите учиме едни од други, за да им излеземе во пресрет на нашите заедници.


