K.10
|

Достапните и доверливи услуги создаваат силна основа за промени во Пелагонија

„Со години трпев семејно насилство, но не знаев каде да се обратам. Немав финансиски средства да платам адвокат, ниту поддршка од семејството. Преку проектот ‘Нејзин глас – нејзина моќ’, добив бесплатна правна помош. Тоа ми помогна да разберам дека имам права и дека не мора да бидам жртва до крајот на животот. Благодарение на тимот, поведов постапка за заштита. Сега сум посилна и сигурна во себе. Овој проект ми го смени животот“, вели 32 годишна жена од општина Долнени.

Недостигот од информации и пристап до услуги влијаеа на квалитетот на животот на населението во Пелагонискиот регион. Девојките од руралните средини ретко зборуваа за анксиозност или депресија, и кога ќе се охрабреа, немаа каде да побараат доверлива психосоцијална помош. За да се исполнат овие празнини, Центарот за граѓанска иницијатива – Прилеп, заедно со Здружението за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА ПЕТ и Мултиетничкото здружение за сите возрасти од Црнилиште, Долнени, во 2024 година го започнаа проектот „Нејзин глас – нејзина моќ: зајакнување на маргинализираните жени и девојки во Пелагонија“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

„Жените сè почесто бараат помош за случаи поврзани со семејно насилство и дискриминација на работното место. Голем дел од корисничките се од рурални средини во Пелагонискиот регион, најчесто жени со ниско ниво на образование,  невработени или економски зависни. Тие се соочуваат со тешкотии кои подолго време биле премолчувани поради страв, неинформираност или изолација“, вели Талија Петреска, правната советничка на проектот.

Но проектот, иако насочен најмногу за жените, не е резервиран само за нив. „Како самохран татко, се соочував со многу тешкотии – особено со административни пречки за остварување на правото на здравствено осигурување за моето дете. Не знаев каде да се обратам, документите ми ги враќаа по неколку пати. Тогаш дознав за проектот и добив бесплатна правна помош. Правникот ми помогна да ја подготвам потребната документација. Благодарение на поддршката, денес моето дете има редовен пристап до здравствена заштита“, го раскажува своето искуство 48 годишен самохран татко од Прилеп.

На терен работат тимови од психолог, правник и психијатар, кои им нудат бесплатни совети на жителите во општините Прилеп, Битола, Кривогаштани, Долнени, Могила и Новаци.

„Како советник за психосоцијална поддршка имам комплексна улога која ги интегрира сите аспекти на психосоцијалната поддршка. Секој случај го третираме со висока етичност, доверливост и културна сензитивност.Најпредизвикувачкиот дел од оваа работа е емотивната длабочина на секоја приказна и потребата секој клиент да биде третиран како уникатна личност со свој глас, потреби и право на унапредување на менталното здравје и зајакнување“, вели Маја Петанческа, советник за психосоцијална поддршка.

Од септември 2024 до април 2025 година, тимовите реализираа 33 услуги за психосоцијална поддршка, претежно насочени кон жени и девојки во Прилеп и Долнени.

„Промоторите ги посетуваат и најоддалечените села“, објаснува Т. Ц., родов промотор во Општина Прилеп. „Учеството во Школата за родова еднаквост беше едно извонредно искуство за мене – не само од аспект на знаење, туку и на личен раст. Ми помогна да ги разберам структурните нееднаквости со кои се соочуваат жените и девојките, да ги препознам родовите стереотипи и активно да се залагам за еднаквост и правда во мојата заедница. Сега имам знаење, алатки и мотивација да придонесувам кон инклузивно и праведно општество каде што секој глас е важен – особено гласот на жените“, додава тој.

Институциите во Прилеп, Битола, Кривогаштани, Долнени, Могила и Новаци, ја прифатија идејата за соработка и активно учествуваат во промоцијата и реализацијата на активностите. Во ЦГИ велат дека се задоволни од реализацијата на проектот и довербата на заедницата и дека континуираната комуникација и бесплатните, доверливи услуги создаваат силна основа за промени.

Родовите промотори, меѓу кои Т. Ц. од Прилеп и М.И. од Долнени, секојдневно организираат интерактивни сесии и теренски активности. „Како родов промотор, мојата улога е да бидам мост помеѓу заедницата и корисниците преку подигнување на свесноста за родова еднаквост, споделување на информации на јазик и начин разбирлив за заедницата како и информирање за достапните услуги. Преку директна комуникација на терен, добивме увид во реалните потреби и предизвици, но и увид во капацитетот и потенцијалот што жените го имаат кога им се дава поддршка. Работам на тоа жените да не бидат само кориснички на услуги, туку активни чинители во процесите на донесување одлуки преку локално организирање“, објаснува Ц.Џ., промоторка за ромската заедница.

Вкупно 20 волонтери се вклучија во Школата за родова еднаквост, а 10 станаа родови промотори и започнаа да делуваат на терен. По завршувањето на проектните активности, тие ќе продолжат да ги применуваат стекнатите знаења и капацитети со делување во своите заедници како граѓански активисти.Додека медиумската кампања, „Караванот за еднаквост“ и предавањата за превенција и репродуктивно здравје продолжуваат да ги собираат жителите на јавни настани, „Нејзин глас – нејзина моќ“ веќе стана чувствителен пулс на Пелагонија со втемелена доверба, солидарност и конкретни резултати за оние кои најмногу имаат потреба. Со ова, сведочиме на движење што го враќа гласот и самодовербата на оние кои долго време беа маргинализирани, со јасна цел за трајна родова еднаквост и праведно општество во Пелагонија. Движење на кое навистина треба да сме горди дека веќе се случува.

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор