Дали Македонија конечно ќе знае каде ѝ се стипендистите?
Македонија секоја година губи потенцијал на млади луѓе колку еден цел мал град. Само во Словенија, во последните неколку години, заминуваат просечно по околу 1000 македонски студенти. Додека најдобрите умови од нашите средни училишта ги освојуваат амфитеатрите во Виена, Берлин, Љубљана или Амстердам, државата со години се соочуваше со институционален јаз: немаше прецизен одговор на прашањето колку точно стипендисти имаме во странство, каде се тие и што работат откако ќе дипломираат?
Оваа административна „црна дупка“ со децении значеше изгубен контакт со дел од највредниот капитал што го имаме – човечкиот. Државата инвестираше милиони евра во стипендии (покривајќи и до 40.000 долари само за школарина), но без систем за следење, тие пари често се претвораа во еднонасочен билет за иселување. Студентите се чувствуваа невидливи за сопствениот систем, а домашната економија остануваше гладна за експертиза која самата ја платила.
„Густа плетка“ против институционалниот молк
Токму оваа „болна точка“ беше мотивот за почетокот на проектот „Застапување за инклузивен развој“, кој со поддршка на Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас, започна суштински да ја менува реалноста. Проектот го спроведуваат три партнерски организации: Форумот за разумни политики (ФРП), Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИОХН) и Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС).

Нивната анализа, насловена „Густа плетка: за потребата од вмрежување на образованието, науката и економијата базирана на знаење“, детално го нотираше недостатокот на правна и институционална рамка за систематско следење на кадарот во странство. Организациите, со документот повикаа на итни измени на Законот за високо образование за да се создаде информациски систем што ќе го опфати целосниот академски профил на нашите студенти надвор.
Патот до промената водеше преку серија на одделни средби со клучните институции, што кулминираше со настанот „Густа плетка: вмрежување 2.0“. На иста маса седнаа институциите, граѓанскиот сектор и економските чинители, создавајќи координиран пристап кон реформите. Паралелно, дебатата излезе и во јавноста преку серијалот подкасти „Што го врти светот?“, реализиран во соработка со Здружението „ЗМАИ“. Со ова, темите како што е „Кластер 3 – Компетитивност и инклузивен развој“ станаа достапни за пошироката јавност. Подкастот послужи како простор за јавно застапување каде што се дебатираше за тоа како образованието и иновациите мора да бидат во служба на економијата, подготвувајќи го теренот за институционалната промена која следуваше.
Регистарот: Дигитален мост помеѓу науката и економијата
Токму овие активности, од теренските средби до дигиталниот етер создадоа критична маса на информации и притисок кои доведоа до конкретен резултат. На денешниот 24 јануари, датум кој светот го одбележува како Меѓународен ден на образованието, Македонија може да се пофали со чекор кон успех.
Министерството за образование и наука (МОН) и министерката Весна Јаневска ја препознаа вредноста на иницијативата произлезена од проектот. Со прифаќањето на предлогот за воспоставување на Централен дигитален регистар на стипендисти, државата конечно почна да ја гради дигиталната инфраструктура која и недостигаше со децении.
„Целта е да го искористиме нивниот потенцијал и да ги поврземе со компаниите и универзитетите во државата. Со овој регистар ќе знаеме дали студентите се вратиле, дали дипломирале и каде се ангажирани“, изјави Јаневска.

Според Јаневска, студентите сами ќе одлучат дали нивите профили ќе бидат јавни, што ќе им овозможи да бидат препознаени од заинтересирани институции, вклучувајќи универзитети, стопански комори и истражувачки центри. Регистарот не е само база на податоци, тој е алатка за вмрежување. Содржи информации за видот на студиите, работниот статус и контакт податоци.
Но, покрај дигитализацијата, државата воведува и појасни правила. Обврската за стипендистите по дипломирањето е да работат во земјава двојно подолго од времетраењето на студиите. Сепак, правилата се фер: доколку во рок од шест месеци по враќањето не им се понуди соодветна работа, нивната обврска престанува. За оние кои привремено ќе останат во странство заради професионално доусовршување, дозволено е задржување до три години.
„Доколку одлучат да не се вратат во државата, ќе мора да ги вратат средствата што Министерството им ги исплатило. Во минатото се бараше враќање на десеткратно поголем износ, што беше неприменливо,“ објасни Јаневска, додавајќи дека веќе околу 50% од досегашните стипендисти се вратени и ангажирани во приватниот сектор.

Субвенции и економски раст
Визијата на ФРП и партнерите оди и чекор понатаму. Анализата „Густа плетка“ предлага воведување на субвенции за компании што ќе вработуваат повратници од странство со дефицитарни квалификации. Ова подразбира вклучување на министерствата за економија и труд, и за финансии во креирање мерки кои ќе ги мотивираат младите експерти, било од дијаспората, било странски кадар и да ја изберат Македонија за нивен професионален дом.
Денес, на Меѓународниот ден на образованието, ја посветуваме оваа успешна приказна на граѓанското застапување кое покажува дека промените се можни кога постои издржана анализа и конструктивен дијалог.
Наместо „непријателска критика“, овие организации понудија стручна анализа и готов модел за дигитализација кој е во согласност со европските вредности и принципот на „двојната транзиција“ на ЕУ – дигиталната и зелената.




![Sre]ni praznici(2)](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2025/12/sreni-praznici2-768x432.jpg)



