„Ако ние не се грижиме за јавните пари – кој ќе го прави тоа наместо нас?“ – прашуваат младите од Југоистокот
„Никој досега не ни објаснил зошто е важно да имаш личен буџет, а уште помалку како да го направиш тоа. Ова беше баш корисно и разбирливо“, рече еден од младите учесници на инфо-сесијата за лични финансии во Струмица. Таа едноставна, но длабоко искрена изјава совршено ја отсликува суштината на проектот „Младинска мрежа за финансиска писменост на Југоистокот“, што го спроведуваат организациите Промо идеа и Новус од Струмица, и Круна плус од Радовиш. Поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, проектот им овозможува на младите од регионот не само да научат како да управуваат со личните, туку да ги разберат и јавните финансии и да станат посвесни за влијанието што корупцијата го има врз нивната иднина.
Истражувањето за финансиските знаења и вештини на младите лица на возраст од 18 до 29 години во Југоисточниот регион, спроведено на самиот почеток на проектот, откри податоци кои потврдуваат дека оваа тема одамна требало да биде ставена на маса. Речиси 30 проценти од младите признале дека не водат никаква евиденција за месечните трошоци, што укажува на изразена потреба од практична едукација и градење капацитети за рационално управување со личните финансии. Од овие бројки произлегоа содржини, настани и простори за прашања и дијалог, особено околу темите што сè уште ретко се отвораат во формалното образование, како што се пензиските фондови, даноците, личното штедење и одговорното буџетирање.

Една од клучните активности беше дебатата „Кој ги плаќа пензиите?“ што се одржа во Струмица. Младите за првпат имаа можност да слушнат и зборуваат за трите пензиски столбови и за значењето на личната заштеда. „Не знаев дека има и доброволен пензиски фонд. Сега гледам дека треба навреме да размислувам за иднината“, рече Митко Ников, еден од учесниците на дебатата. Неговата реакција беше само една од многуте кои покажаа дека младите се желни за знаење што има практична вредност.
Во Радовиш, конференцијата „Финансиска писменост за млади“ собра повеќе од 30 учесници, меѓу кои и претставници на локални самоуправи, организации и бизниси. Тие разговараа со финансиски советници, службеници и претприемачи на теми како што се: како да се направи личен буџет, што треба да се знае при земање кредит, како функционираат дигиталните алатки за финансии и зошто е важно да се распознаат дезинформациите поврзани со финансиските одлуки. „Научив како да направам личен месечен буџет и како да препознаам неповолни услови за кредит“, сподели Мартина Газепова од Радовиш.

Инфо-сесиите, пак, беа замислени како интерактивни разговори во кои младите си поставија повеќе прашања: „Каде ми одат парите секој месец?“, „Што значи да се штеди?“, „Дали и како да одберам мобилна апликација за следење на трошоци?“. Одговорите ги водеа кон нешто повеќе од знаење, тие ги охрабрија да преземат одговорност за сопствените одлуки.
„Младите сакаат да учат, да се вклучат во нови иницијативи и да бидат дел од одлуките и решенијата кои се носат на локално ниво. Преку нивната директна и интерактивна вклученост, проектот придонесува кон финансиската писменост, ја подига свеста за зајакнување на вештините за критичко размислување и го поттикнува интересот за граѓански ангажман“, вели Марјан Димов од Промо идеа.

Проектот цели кон создавање на трајна, неформална мрежа на млади (регионален Хаб) – EduFin Hub – која ќе ги поврзува со експерти, институции и меѓусебно. Таа ќе биде извор на поддршка, инспирација и знаење, и ќе прерасне во простор каде младите ќе можат да иницираат промени во своите заедници, со посебен фокус на тоа како локалните и јавните финансии влијаат врз општествениот развој и евроинтеграцијата на државата. „Основачи и први учесници ќе бидат трите партнерски организации, а за да се придонесе за одржливост на мрежата, на крајот на проектот ќе биде изработен водич за одржување и развој на создадената Младинска мрежа. Покрај водичот, младинската мрежа ќе опстане и заради иницијативата на партнерите за редовна комуникација, годишни состаноци, како и имплементирање на нови иницијативи и проекти во областа на финансиското знаење и финансиската писменост во регионот и државата. Младите лица кои веќе беа дел од некои настани и кои ќе бидат дел од обуките, како и некои од експертите/обучувачите ќе бидат поканети да учествуваат во мрежата“, додава Димов
Според него, иако младите се дигитално писмени и користат технологија, недостигаат основни познавања за јавните финансии, за улогата на институциите, но и за секојдневното управување со лични пари. „Сега гледаме вистинска желба да се научи нешто повеќе за кредити, за штедење, за инфлација и за пензии. Обуките што следат ќе опфатат околу 70 млади директно, но индиректно, влијанието ќе биде уште поголемо“, додава тој.

Во следната фаза се предвидени обуки за управување со јавни и локални финансии, справување со корупцијата, и истражување на врската меѓу управувањето со јавните пари и евроинтеграциите. Планирани се и уште два регионални настани во Струмица и Гевгелија/Дојран.
Овој проект е доказ дека кога иницијативите се родени локално, поддржани со визија и работа на терен, тие создаваат реална вредност. Не само на хартија, туку во секојдневниот живот. Младите полека стануваат финансиски информирани, самостојни и вклучени граѓани, способни да носат одговорни одлуки и да го следат патот кон одржлива економска сигурност. Кога самите млади ќе прашаат: „Ако ние не се грижиме за јавните пари – кој ќе го прави тоа наместо нас?“, тогаш знаеме дека нешто важно почнало да се менува.