Група од 30 волонтери веќе две и пол години без речиси никакви ресурси, но со огромен ентузијазам се бори за заштита на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица. Тие се нарекуваат Охрид SOS и се најгласните чувари на охридските природни убавини од опасностите на кои се изложени поради несовесното однесување на институциите и граѓаните.

„Сакаме да им покажеме на граѓаните дека можеме да направиме промена и да го спречиме ова што се случува со Охридското Езеро и Националниот парк Галичица. Ако успееме да ја промениме сегашната ситуација, се надевам ќе ги охрабриме и останатите граѓани да се активираат за заштита на средината“ – вели Илина Арсова, активен член на Охрид SOS.

Што се промени?

Тие ја спречија нелегалната изградба на хотелот во Лагадин. Дополнително, како што тие ги обелоденуваа пред јавноста еколошките проблеми со кои се соочува Охрид, во последните години се активираа и други групи на граѓани кои работат на заштитата на охридското крајбрежје.

Што направија?

Досега имаат организирано помали и поголеми јавни настани на кои преку креативни методи се обидуваат да ја прикажат итноста на проблемот и да ја нагласат личната одговорност на сите жители за заштита на јавните добра. Нивната работа е насочена и кон децата, кои досега ги анимирале преку едукативни настани, работилници за рециклирање, театарски перформанси и сл.

„Свесни сме дека потешко ќе го промениме мислењето на повозрасните и затоа акцентот ни е малку повеќе на младите кои сега учат како да се однесуваат кон околината. Се надеваме дека дури и преку децата можеме на некој начин да влијаеме нивните родители да се однесуваат поодговорно“ – рече  Илина.

Покрај подигање на свеста кај граѓаните, Охрид SOS водат и правни битки со институциите за сопирање на изведбите кои го нарушуваат еко-системот на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица. Благодарение на грантот од Цивика мобилитас, сега можат да работат заедно со професионални адвокати кон правно решавање на детектираните проблеми.

Граѓанската организација ТАКТ која веќе била корисник на грант од Цивика мобилитас го препознала потенцијалот за соработка со иницијативата Охрид SOS и користејќи ја можноста да добијат финансиска поддршка тие заедно развиле предлог-идеја како да придонесат во борбата за зачувување на езерото и преку едноставен процес на апликација ја доставиле својата програма.

Како се мобилизираа?

За да ги информираат граѓаните за нивната работа и да ги вклучат во активностите кои ги организираат, првенствено ги користат социјалните медиуми, а за посеопфатно информирање пишуваат написи за оваа проблематика кои или ги објавуваат на сопствената веб-страница или ги проследуваат до домашни и меѓународни медиуми. Повремено користат флаери кои, во линија на залагањата за заштита на животната средина, ги изработуваат од садлива хартија (рециклирана хартија која може да се засади и да израсне во цвет).

Зошто се здружиле?

Нивното здружување е реакција на Нацрт-извештајот за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина за измените и дополнувањата на Генералниот урбанистички план за Охрид (2014-2024). Тие се почувствувале засегнати од одлуката да се пресуши и бетонира Студенчишкото Блато – последниот и најголем блатен екосистем околу Охридското Езеро кој е негов филтер. Но, тоа не бил единствениот ризик за уништување на регионот. Со промените во Планот за управување со НП Галилица (2011-2020) било предвидено да се изградат нови туристички развојни зони во регионот, експресен пат и ски-центар на Националниот парк Галичица, проектирани во заштитени зони. Поради сите овие закани за целосно и веројатно неповратно уништување на природата активистите на Охрид SOS  сметаат дека е нивно право, но и граѓанска должност да ја изразат својата загриженост за проектите чие спроведување, покрај другото, може да резултира со загуба на статусот УНЕСКО кој Охрид и езерото го имаат уште од 1979 година.

Кои се препораките на Охрид SOS за активно граѓанство?

„Храброст, упорност и искреност во намерите. Никогаш не се откажувајте – во борбата меѓу каменот и водата, водата секогаш победува. Не затоа што е посилна туку затоа што е поистрајна“.

Проектот „На Охрид му требаш“ е поддржан со ад хок грант од Цивика мобилитас, а се спроведува во периодот од април до август 2017 година од страна на неформална група граѓани со поддршка на Здружението за унапредување на меѓусебна доверба ТАКТ (spasovska.takt@gmail.com).

Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка- Swiss Agency for Development and Cooperation, кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU).

За повеќе информации околу Цивика мобилитас контактирајте ги на +389 2 3088 995 или на helpdesk@civicamobilitas.mk.