Thumbnail 2

Помалите општини предводници во отвореноста: дигиталните алатки ја зајакнуваат довербата  меѓу граѓаните и локалната власт

Дали општината каде што живеете е навистина отворена кон вас? Одговорот на ова прашање го дава Индексот на отвореност за 2025 година, кој открива дека некои од помалите општини се меѓу најдобрите примери за транспарентност и отчетност.

На врвот на листата се Крива Паланка (71%), Берово (69%) и Демир Хисар (68%), додека најзатворени се Демир Капија (8%), Сопиште (10%) и Лозово (13%). Иако во 2025 година е забележан раст на просечната отвореност на општините за 3 процентни поени (40% во 2025 година за разлика од 37% во 2024 година) јасно е дека станува збор за скромна отвореност и големи предизвици во нејзиното постигнување.

Овие наоди ги преставија Фондацијата „Метаморфозис“, Рурална коалиција и Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ на тематскиот форум „Отворена општина – активна заедница“, што се одржа на 24 септември во Скопје, со поддршка на Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

„Зајакнувањето на довербата во локалната самоуправа преку транспарентност е клучно за сузбивање на корупцијата на локално ниво“, рече Данче Даниловска-Бајдевска, програмска директорка на Фондација „Метаморфозис“. Таа објасни дека Индексот на отвореност ја мери не само транспарентноста, туку и пристапноста, консултациите со граѓаните, интегритетот и ефикасноста на локалната власт. „Ако транспарентноста треба да е повисока за да се спречи корупцијата, сметаме дека тоа треба да го направиме преку дигиталните алатки и трансформацијата,“ истакна таа.

Проектот „Дигитална трансформација на локално ниво (ДИГИЛОК) – Вклучена заедница за отпорност на корупција“, обезбеди менторска поддршка за девет општини: Крива Паланка, Кочани, Штип, Аеродром, Демир Хисар, Струга, Валандово, Неготино и Гостивар. Резултатите покажуваат дека ова довело до подобрување на отвореноста од 2% до 13%.

„Во рамките на процесот на менторска поддршка имавме три до четири средби во текот на една недела во јануари и февруари 2025 година, а беа вклучени над 20 службеници. Целта ни беше да опфатиме по една општина во сите плански региони. Работевме со општините кои ни ја искажаа својата подготвеност да се вклучат во процесот, и на почетокот беа осум, додела ошштина Штип се вклучи дополнително. Ние сме отворени за сите општини кои сакаат да се вклучат во овој процес за менторска поддршка“, истакна Лилјана Јоноски, претседателка на Рурална коалиција.

Според неа, човечките ресурс е голем предизвик кај повеќето општини, но важно е и колку од нив се посветени, па затоа е потребно да се работи и на мотивацијата, на подобрување на внатрешната координација и комуникација и особено на свесноста.

Индексот за 2025 година покажува дека отвореноста не зависи од големината на општината, туку од посветеноста и иницијативата на локалната администрација. Највисоки оценки годинава добиле Кочани и Крива Паланка, додека најнискиот резултат го има Демир Капија, која во периодот на мониторинг била без функционална веб-страница. Резултатите во споредба со 2024, покажуваат дека има мал напредок во отвореноста на општините, но и јасно укажува на потребата од континуирана работа и соработка.

„Воспоставивме пракса да биде видливо како е потрошен секој денар од општинската каса на месечно ниво. Организираме јавни расправи, консултации, форуми за граѓаните директно да учествуваат во донесувањето на одлуките, средби на кои граѓаните ги запознаваме со планираните проекти, а имаме и електронска комуникација преку која граѓаните можат директно да ги пренесат своите проблеми и забелешки“, вели Звонко Пекевски, градоначалник на општина Берово, една од трите најотворени општини.

„Нема поента да зборуваме за други технологии како вештачка интелигенција, кога општините се соочуваат со најосновни проблеми, како пристап до интернет, посовремена опрема и сл. Не можеме да постигнеме да ја зголемиме довербата само преку објавување онлајн кампањи во медиумите. Додека не се симнеме на терен, не ја посетиме општината, не го отвориме дијалогот – лице в лице, и не ги слушнеме директно мислењата на граѓаните, тогаш е напразно одржување и на тематски форум и на оваа дискусија“, вели Александар Јовановски, проектен координатор од Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“.

Еден од најсилните инструменти за зголемување на отвореноста е дигиталната платформа „мЗаедница“. Започната како пилот проект во 2018 година во општина Карпош, денес таа функционира во 11 општини, вклучувајќи ги и Валандово, Аеродром, Демир Хисар, Струга и други. Оваа мултифункционална платформа им овозможува на граѓаните да ги дигитализираат сите јавни услуги (субвенции, пријави за стипендии, пријави за социјална помош и сл.).

Граѓаните преку „мЗаедница“ до општините адресирале најмногу прашања поврзани со општинската инфраструктура (23%), паркови и зеленило (17%), јавно осветлување (13%), како и отпад и чистота. Овој канал на комуникација овозможува забелешките директно да стигнуваат до надлежните во општинските служби, го скратува времето на комуникација и ги зголемува можностите за решавање на проблемите.

Добар пример е општина Карпош, каде бројот на регистрирани корисници надминува 7000 или над 10% од жителите, а апликацијата овозможува полесен пристап до општинските служби, особено преку мобилни телефони. Во општина Валандово, граѓаните ја користат „мЗаедница“ за пријавување проблеми, предлози и аплицирање за субвенции, како и за учество во креирање на годишниот буџет. Досега пристигнале околу 30 пријави за инфраструктурни проблеми, 20 предлог идеи и над 150 барања по повици за субвенции. Општина Аеродром пак, бележи над 2500 пристигнати предлози и пријави, најчесто за уредување на јавни површини, одржување на зеленило, јавно осветлување, инфраструктурни проблеми и предлози за подобрување на сообраќајот.

Од оваа година и граѓаните на Струга, Демир Хисар и Неготино имаат пристап до „мЗаедница“. Игор Дамјановски, раководител на одделението за управување со човечки ресурси во општина Демир Хисар, и корисник на мЗaедница, за алатката истакна дека „дигитализацијата на општините е од исклучителен приоритет, што се покажа особено важно во периодот на Ковид-19“. Општина Демир Хисар со приклучувањето кон мЗаедница им овозможи на граѓаните да придонесат за подобра заедница, да бидат дел од активностите на општината и да остварат двонасочна комуникација со општината. Граѓаните на општина Демир Хисар досега имаат креирано 30 профили и поднесено околу 10 предлози за инфраструктурни и комунални проблеми. Алатката мЗаедница овозможува олеснување не само за граѓаните во добивањето на услугите, туку и за администрацијата во нивната испорака.

„Многу ни е мило, што за една година и само со еден циклус менторирање, видовме дека тие општини кои се дел од мЗаедница покажуваат поголеми резултати. Најголема придобивка од  проектот поддржан од Цивика мобилитас, се јавните консултации и анкетите. Секој службеник кој е задолжен за ова прашање во општината, може да креира анкета за било кое прашање од јавен интерес.

Треба да сме свесни колку чини да се развие оваа технологија. Ние благодарение на проектот им ја даваме „мЗаедница“ на користење на општините бесплатно. Овие технологии чинат и треба да се одржуваат,  да се ажурираат, па да се додаваат нови функционалности, се со цел да се олесни работата на службениците. И мислам дека не сме доволно свесни дека ваков тип на алатка им даваме на општините “на тацна“, со која во реално време се генерираат податоци“, додава Јовановски.

Форумот „Отворена општина – активна заедница“ беше платформа за отворен дијалог меѓу граѓаните, институциите и граѓанскиот сектор, каде се слушнаа предизвиците и решенијата, но и се пренесе пораката дека  свеста за транспарентноста не е процес што се завршува преку една активност, туку континуиран труд. За да се изгради доверба, да се зголеми отчетноста и да се намали корупцијата на локално ниво, потребна е соработка, дигитализација и директна комуникација. Алатката „мЗаедница“ е пример како технологијата може да ја овозможи таа промена, да ги доближи граѓаните до институциите и да создаде услови за поотворено, поодговорно и поинклузивно локално управување.

Продолжи со читање

  • Кога штедењето станува политичка одговорност

    „Штедењето на државно ниво не значи одрекување од трошоци, туку нивно рационализирање и насочување кон политики што создаваат додадена вредност – образование, здравство, инфраструктура и иновации“, вели Благица Петрески, извршна директорка на „Фајнанс Тинк“ (Finance Think), и така концизно ја објаснува суштината на јавните финансии: „Владата треба да штеди на…

  • Граѓанска иницијатива за превенција од шумски пожари во Берово и Тетово

    Летото 2025 година, Р.С. Македонија се соочи со зголемен ризик од шумски пожари. Од почетокот на јули, кога властите воведоа забрана за влез во шумите и прогласија кризна состојба, па сè до крајот на август, речиси секојдневно беа пријавувани нови пожари. Според податоците од Центарот за управување со кризи (ЦУК),…

  • „Ако ние не се грижиме за јавните пари – кој ќе го прави тоа наместо нас?“ – прашуваат младите од Југоистокот

    „Никој досега не ни објаснил зошто е важно да имаш личен буџет, а уште помалку како да го направиш тоа. Ова беше баш корисно и разбирливо“, рече еден од младите учесници на инфо-сесијата за лични финансии во Струмица. Таа едноставна, но длабоко искрена изјава совршено ја отсликува суштината на проектот…

  • Младинска моќ против климатските закани во Охрид, Струга и Дебар

    Како изгледа кога три граѓански организации здружуваат сили за да им овозможат на младите да станат двигатели на промени? Како изгледа кога Eзерото станува училница, а бродот подиум за гласот на младоста и науката? Проектот „Да учиме за климатските промени“ ја даде токму таа можност за генерациите кои учат, соработуваат,…

  • Достапните и доверливи услуги создаваат силна основа за промени во Пелагонија

    „Со години трпев семејно насилство, но не знаев каде да се обратам. Немав финансиски средства да платам адвокат, ниту поддршка од семејството. Преку проектот ‘Нејзин глас – нејзина моќ’, добив бесплатна правна помош. Тоа ми помогна да разберам дека имам права и дека не мора да бидам жртва до крајот…

  • Жените од руралните средини охрабрени и организирани за промени во локалните заедници

    „Се чувствувам охрабрена, посамоуверена и доволно информирана за моите права, но и за обврските на општината да одговори на барањата на жените од руралните средини и да ги вклучи во креирањето на локалните политики. И што е најважно, за првпат осознав  дека во овој процес не сме осамени, туку дека…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор