Граѓаните за промена #21
АПРИЛ-ЈУНИ 2025
Новиот број на Граѓаните за промена #21 магазинот е посветен на овоможувачката околина.
Граѓанските организации и нивниот придонес во програмите на кандидатите на локалните избори
„Ни треба институционална култура за слушање на гласот на сите граѓани и сите ранливи групи“ – рече еден од граѓанските активисти, учесници на Средбата за вмрежување на Цивика мобилитас која се одржа на крајот на јуни оваа година. Оваа изјава, дадена во дискусиите за приоритетите и очекувањата на граѓанските организации од идните градоначалници и членовите на општинските совети, е сé во едно!
Граѓаните се пред нов изборен циклус кој, според најавите, ќе се случат во текот на октомври. Овде нема да зборуваме за „застојот“ што се случува во секој изборен циклус, туку за можностите кои би требало да ги искористиме, а се однесуваат на креирањето на програмите на кандидатите за градоначалници и членови на советите кои ќе влезат во трката за места во општините во земјава.
Често сме зборувале за тоа дека локалните власти и граѓанските организации треба да бидат партнери, не непријатели, не конкуренти, не „завојувани“ страни. И едните и другите имаат иста цел, граѓаните да имаат поквалитетен живот. И едните и другите имаат ресурси и планови како да стигнат до целта, ама зошто тоа да не го направат заедно, особено ако ефектите од здружените ресурси сигурно ќе направат поголема промена за граѓаните.
Дискусиите за време на Средбата за вмрежување беа во таа насока, да им ја предочат на кандидатите за градоначалници и општински советници граѓанската перспектива за потребите и предизвиците и да им дадат предлози.
Дигитализацијата е тема за која многу се зборува. Ја посакуваат и граѓаните и општинската администрација. Се стекнува впечаток дека на сите ќе ни олесни ако ја има. Сепак, патот кон целосно користење на дигиталните алатки не е секогаш едноставен. Граѓанските организации, преку обуки и оспособување на граѓаните со дигитални вештини, можат многу да помогнат за полесно и побрзо прифаќање на овие иновации во функционирањето на општината. Така, надоврзувајќи се едни на други, да го заокружат целиот процес на воспоставување и употреба на новите дигитални услуги.
Поддршката на граѓанските организации од страна на општината со финансиски средства, простор, поддршка и слично не треба да биде на маргините на програмите. Сите овие ресурси со кои ќе им помогне општината на ГО, ќе бидат ставени во функција на подобрувањето на животот на граѓаните. Општината, низ јасни, јавно објавени критериуми, може да ги одреди темите во кои сака да се спроведуваат проектите со доделените средства. Теми кои се дел од програмите на општината можат да ги спроведат граѓанските организации, како дел од заедничките напори на двете страни.
Редовните консултации со сите засегнати страни беа една од најчесто спомнуваните можности. Тие, велат грантистите на Цивика мобилитас, ќе ги промовираат ГО како сојузник во надминувањето на предизвиците на локално ниво. „Најважно е да се започне некаде“, велат тие и додаваат „Понекогаш е доволно општината едноставно да ги собере сите на едно место и да рече: ‘Еј, имаме еден заеднички проблем, да видиме како можеме заедно да го решиме’. Кога бизнисите, граѓанскиот сектор и јавните институции почнуваат да работат рамо до рамо, солидарноста престанува да биде концепт, а станува нешто што се чувствува на секојдневно ниво“.
Сите заедно можат да ги промовираат резултатите од заедничката работа. Признанието за добро спроведениот проект е мотивација за следниот, мотивација за другите да ги следат овие постапки.
И за крај, барањата на граѓанските организации за транспарентност и отчетност, нивните истражувања и препораки не се критики заради критики, тоа се сугестии за подобрување, можности за развој кој ќе ја усовршува работата на општината и ќе ги подобрува услугите кон граѓаните. А тоа е крајната цел на сите.