Граѓаните за промена #14
ЈУЛИ - СЕПТЕМВРИ 2022
Охрабрувачки ми прозвучеа дел од резултатите од последната анкета на МЦМС „Општествена одговорност на граѓаните“, особено делот кој покажува дека има пораст во членството на граѓанските организации. Податоците велат дека повеќе од 1/3 од граѓаните кажале дека членуваат во некоја организација. Од нив, повеќе се активни (20,7%) отколку неактивни (16,2%). Би рекол некој дека не е значајна бројка, ама споредено со ситуацијата во 2010 година, кога вкупното членство било 24,6%, а активни (9,5%) биле помалку од неактивни (15,1%), промената е видлива.
Носечката тема на овој број на Граѓаните за промена е граѓанскиот активизам или ангажман. Го следиме низ неколку текстови и области каде нашите соборци од секторот сакаат да направат промена без разлика дали станува збор за здравје, животна средина, поддршка на семејства кои живеат во сиромаштија, родови прашања или нешто друго.
Како граѓански организации, веруваме дека она што го правиме и резултатите што ги постигнуваме, влијаеле на одлуката на граѓаните да се вклучат во нашата работа. Можеби граѓаните не одбрале постоечка организација, можеби на основа на нивните интереси решиле да основаат ново здружение и на тој начин мобилизирале свои сограѓани или пријатели со намера да стигнат до посакуваната промена. Во овие бројки не спаѓаат граѓаните кои се активираат преку неформални иницијативи. Формално или неформално, важно е дека на некој начин решиле да го артикулираат нивниот интерес за промени.
Но зошто толку ни е важен граѓанскиот активизам и активните граѓани? Веројатно затоа што се неизоставен дел на секоја промена кон која се стремиме. Оние со искуство велат дека активист се станува кога ќе разбереш дека нема кој ако не го направиш ти. А за да стигнат до целта, мораат да бидат оптимисти, да бидат отворени да учат и да имаат силна волја да придонесат. Граѓанскиот активизам е сериозна работа и бара многу време и волја. Но она што е особено важно да разбереме, дека активизмот не е нешто што се случува само на улица. Навистина, таму најмногу се слуша, но, тој се случува и дома, во канцеларија, на кафе со пријателите и секаде каде што имаме прилика да ја придвижиме промената. Не треба да се грижиме ако на почетокот сме малубројни. Движењата кои направиле промени исто така почнале со неколку поединци кои работеле посветено и знаеле како да ги мобилизираат останатите за да се направи притисок и да се случи промената.
Во духот на активизмот, имајте на ум дека нови граѓански активисти треба да создаваме сите. Тоа се оние кои ќе ја продолжат борбата за работите за кои денес се бориме. Покрај тоа, погледнете ги и текстовите во другите теми на магазинот, граѓанското учество, соработката и овозможувачката околина.
Пријатно читање!