Граѓаните за промена #1
ЈАНУАРИ - ЈУНИ 2019
Пред вас е првиот број на списанието „Граѓаните за промени“, гласник на Цивика мобилитас, програма за поддршка на граѓанското општество на Швајцарската агенција за соработка и развој (СДЦ), но и гласник на целото граѓанско општество. Името на списанието е преземено од слоганот на програмата кој, веруваме, јасно ги одразува заложбите не само на Цивика мобилитас, туку и пошироко. Граѓаните се тие што се и ќе бидат во фокусот на интересот, граѓаните како корисници на услугите на граѓанските организации но, исто така и како иницијатори и учесници во општествените промени.
Цивика мобилитас ги поддржува граѓанските организации и нивниот развој. Резултат на тоа се зајакнати организации, не само финансиски туку и во нивните знаења и вештини, во нивната гласност и во нивната битка да бидат прашани и слушнати, да бидат суштински дел од дискусиите и креирањето на политиките во државата.
Цивика мобилитас беше и се уште е една од најзначајните програми за таа поддршка. Речиси 200 граѓански организации од претходната фаза на програмата станаа дел од големото семејство грантисти. Но, Цивика мобилитас не e ексклузивна заедница и програмата се стреми да допре до сите граѓани и граѓански организации, да ги сподели информациите и знаењата што се создаваат во текот на нејзиното спроведување.
Затоа сме отворени за сите организации, за сите чинители на граѓанското општество кои ќе овозможат да го зајакнеме граѓанското учество, да ја подобриме соработката, да ги изградиме врските со нашите конституенти да ја направиме околината во која функционираме подобра за работа.
Списанието „Граѓаните за промени“ на Цивика мобилитас треба да е нова точка во која ќе се собираат и од која ќе се дистрибуираат информациите за граѓанското општество и за темите релевантни за него, место каде ќе ги споделиме анализите, дилемите и дискусиите за важните прашања за функционирањето на граѓанското општество.
Ова списание е уште еден дел од мозаикот на Цивика мобилитас, со која Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) веќе 10 години дава поддршка на граѓанскиот сектор и која не е само финансиска, туку и содржинска и суштинска, а таа поддршка не само што го зајакна секторот, туку го направи и погласен и повидлив.
Ова е најава но, и повик до сите колеги да бидат дел од Граѓаните за промени. Да ги споделиме информациите затоа што тие вредат тогаш кога ќе стигнат таму каде што е потребно.