За цивилизациска придобивка се смета тоа дека човекот не само како личност и граѓанин, туку и како работник располага со одреден број права кои се пропишани и гарантирани со уставот и законите на земјата. Овие права не смеат да бидат сведени на празно слово на хартија и, со цел да не дојде до тоа, на човекот како личност, како граѓанин и како работник му стојат на располагање одредени механизми за нивна заштита, кои можат да бидат активирани во случај да му бидат нарушени правата.