ОДГОВОР НА ПОТРЕБИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ ПОГОДЕНИ ОД КОВИД-19: 15 АКЦИИ ПРОТИВ КОВИД-19
Да се помогне тогаш кога е најпотребно, тогаш кога нема кој или кога никој друг не може толку брзо да ја даде помошта – ете за тоа беа наменети Ад хок грантовите на Цивика мобилитас со кои 15 граѓански организации им излегоа во пресрет на потребите на нивните крајни корисници, граѓани на оваа земја. А брзата реакција понекогаш е поважна од количината на помош. Овие грантови не беа големи според буџетот, ама им покажаа на оние на кои итно им беа потребни дека некој мисли на нив и дека кризата во која се најде целиот свет можеме да ја пребродуваме заедно, чекор по чекор.
Оваа кратка брошура се осврнува на постигнувањата на корисниците на овие грантови. Во центарот на тие постигнувања се луѓето: жени и деца жртви на насилство, работниците, учениците соочени со проблемите за пристап до образование, младите, воспитувачите, сиромашните и маргинализирани по различни основи итн. Покрај другите, сите имаа една заедничка црта – беа особено погодени од кризата што ја предизвика Ковид-19.
Граѓанските организации брзо се мобилизираа, нивните контакти на терен им помогнаа да ги видат потребите на граѓаните и да ги „скројат“ активностите според тие потреби. Ова е нашиот начин да им оддадеме признание за брзата реакција, за враќањето на вербата кај граѓаните дека може да се победи во оваа битка. Ова е признание за нивните постигнувања.