Проектот „Набљудување на судските случаи во кои новинари се обвинети за клевета и навреда“ веќе втор пат се спроведува низ судовите на Република Македонија, од страна на Коалицијата „Сите за правично судење.“ Неговата реализација се базира на набљудување определен број кривични предмети во кои новинари и главни и одговорни уредници се обвинети за клевета и навреда, а со цел да се извлечат соодветни заклучоци за движењето на споменатите казнени дела во домашната судска практика, ефикасноста во постапувањето од страна на надлежните органи и посебно, почитувањето на човековите слободи и права, загарантирани со Уставот и законите пред судовите во кривичната постапка.