Користењето дроги и живеењето со ХИВ во образованието
Образованието е во исто време самото човеково право и неопходен предуслов за остварување на останатите човекови права. Образованието, како човеково право, е предвидено уште во самата Универзална декларација на човекови права со член 26, во кој, освен што се гарантира правото на образование за секого (член 26 (1)), се определува и дека образованието ќе биде насочено кон целосниот развој на човековата личност и кон зајакнување на почитувањето на човековите права и основни слободи (член 26 (2)). Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права дополнително ја определува улогата на образованието како алатка за оспособување на секој човек активно да учествува во слободното општество, да промовира разбирање, толеранција и пријателство.