Водејќи се од идејата дека нема демократија без добро владеење и нема добро владеење без транспарентност и одговорност, НВО Инфоцентарот, во партнерство со Центарот за граѓански комуникации од Скопје и Едукативно – хуманитарната организација ЕХО од Штип, во 2009 година, започна со спроведување на Проектот на УСАИД за транспарентно владеење. Преку воведување и заживување на механизми за потранспарентно, поодговорно и поотчетно работење на општините, преку охрабрување на граѓаните за поголемо учество во процесот на донесување одлуки на локално ниво, како и преку размена на добри практики меѓу општините, проектот се фокусираше на зголемувањето на довербата и соработката меѓу граѓаните, бизнис заедницата, невладините организации и локалните власти.