Во текот на 2016 година, Коалицијата СЗПМЗ не бележи напредок во однос на подобрувањето на состојбите со сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници, вклучително и заштитата од дискриминација и насилство. Со оглед на тоа што во 2016 година се организираа парламентарни избори и земјата се наоѓаше во политичка криза, можностите за застапување за подобрување на почитувањето на човековите права на маргинализираните заедници пред институциите речиси и да не постоеја. Повеќето од активностите на граѓанските организации беа фокусирани на застапување на локално ниво, јакнење на капацитетите на локалните самоуправи, други надлежни институции и самите заедници, застапување кон политичките партии во предизборниот период, активности за зголемување на свеста за правата на маргинализираните заедници и, секако, давање директни услуги и сервиси на маргинализираните заедници.