Домашните наспроти странските директни инвестиции во Република Македонија:Политики за поддршка и нивните ефекти
Во 2006 година, со доаѓањето на власт на новата десничарска влада, Република Македонија
започна агресивна политика на промоција на СДИ. Земјата направи целосна промена од претходната политика на пасивност кон СДИ, во амбициозна политика на промоција на СДИ. Се измени законодавството и институционалната рамка и започна проактивно барање странски инвеститори. Олеснувањата за локација (локациски олеснувања) се клучен дел од стратегијата на Македонија за промоција на СДИ и опфаќаат привремено намалување или елиминација на даноците, субвенции за увоз, субвенции за работничките придонеси, грантови за инфраструктура, субвенционирано градежно земјиште, како и дополнителни олеснувања. Олеснувањата им се нудат на нови гринфилд-инвеститори во посебни производствени сектори. Таквите инвеститори се ориентирани на извоз и можат да се категоризираат како инвеститори што бараат ефикасност. Олеснувањата првенствено им се нудат на инвеститори што се сместени во технолошко- индустриските зони што ги воспостави владата, но има и случаи на инвеститори што добиле олеснувања, а се сместени надвор од зоните. Посебниот износ на олеснителниот пакет се смета за класифицирана информација, која не е достапна на јавноста. Новата политика на промоција на СДИ стана поларизирачко политичко прашање во земјата. Клучните прашања на разидување се потенцијалната корист од олеснувањата, квалитетот на владино-субвенционираните работни места во новите странски фабрики, недостигот на транспарентност во обезбедувањето олеснувања и прашањето за нееднаков третман на странските и домашните инвеститори.