Социјалното претприемништво во Македонија сѐ повеќе се гледа како алтернативен и иновативен модел за промоција на социјалната инклузија, ресоцијализацијата, интеграцијата на пазарот на трудот и вработувањето за лицата од ранливите групи граѓани. Во литературата, како и во правната легислатива во Македонија, нема консензус за тоа што претставува социјалното претприемништво, кои се моделите што се најсоодветни и применливи во Македонија, ниту постои подетална економска анализа во кои индустрии потенцијално треба да развиваме социјални претпријатија во иднина, кои би биле во согласност со побарувачката на локалниот пазар, за да бидат претпријатијата долгорочно одржливи. Иако нема стратегиски национални документи, документирајќи го и следејќи го развојот на социјалните претпријатија во Македонија, може да забележиме дека постои зголемен тренд на невладини организации што почнуваат да основаат социјални бизниси, а дел од нив да вршат активна едукација за развој на социјалната економија и социјалното претприемништво. Се поголем е интересот за вработување на ранливи категории луѓе: млади долгорочно невработени лица, лица со посебни потреби, жени жртви на семејно насилство, лица што користат дроги итн.