Во нашата држава како и во останатите држави кои се базираат врз начелата на владеење на правото и поделба на власта, судството е главниот носител на заштитната функција во остварувањето на индивидуалните слободи и права на човекот и граѓанинот. Таа своја функција и надлежност судството може да ја оствари само доколку се заснова и се раководи од начелата на уставност и законитост, негова независност и непристрасност и тоа како од институционален така и од функционален аспект. Постојат различни правни инструменти кои се предвидени во легислативата и кои стојат на располагање за остварување и заштита на фундаменталните права кои претставуваат неизбежна основа на демократијата и демократскиот напредок.