Author: Фондација Метаморфозис

  • Повик за организации – обуки за дигитална безбедност

    Фондација Метаморфозис активно работи на зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за сајбер безбедност во поддршката на нивните конституенти, особено ранливите групи, за да ја зголемат нивната отпорност на сајбер закани и да практикуваат редовна сајбер хигиена.
    Како дел од активностите за подобрување на познавањата од полето на сајбер безбедноста, а во рамките на проектот „СајберШтит: Омоќени граѓани за сајбер отпорност“, Фондација Метаморфозис планира две еднодневни обуки за претставници на граѓанските организации и граѓански активисти.
    Првата обука ќе се одржи на 9-ти април 2025 година, додека втората обука ќе се одржи на 7-ми мај 2025 година. Двете обуки ќе се одржат во Скопје, во канцелариите на Фондација Метаморфозис. За учесниците кои доаѓаат надвор од Скопје ќе бидат подмирени патни трошоци во висина на повратен автобуски билет.
    Обуката ќе вклучува практични совети за создавање и управување со силни лозинки, важноста на двостепената автентикација (2FA), како да се препознаат фишинг напади и малициозен софтвер, безбедно користење на јавни Wi-Fi мрежи, како и препораки за заштита на личните податоци на социјалните мрежи. Покрај тоа, ќе се разговара за ризиците од користење на несигурни апликации и линкови, важноста на редовно ажурирање на софтверот и користење на антивирусни решенија. Обуката има за цел да ги зајакне дигиталните навики на учесниците и да ги заштити од потенцијални сајбер закани во нивното секојдневно користење на интернетот.
    Организациите кои ќе бидат дел од обуките ќе имаат можност да се пријават за менторство за дизајнирање на персонализирани планови за дигитална безбедност, со цел да се зајакнат нивните капацитети и да се поттикне ефектот на зајакнување на колективната отпорност на сајбер закани преку овие омоќени активисти.
    Формуларот за пријавување е достапен на следниот линк.
    Пријавувањето на учесници е до 1-ви април 2025 година.

    Проектот „СајберШтит: Омоќени граѓани за сајбер отпорност“ е поддржан со грант Национална интервенција на регионалниот проект „СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“ имплементиран од Centar za promociju civilnog company (CPCD), Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институтот за демократија и медијација (ИДМ, а финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

  • Кликови, пари и избори: Политичките онлајн реклами да имаат дигитални отисоци

    Онлајн рекламите требаат да имаат т.н. (дигитални) отисоци, како би можело да се следи кој плаќа за тие реклами, за или против кого се наменети. А, ваквите отисоци од рекламите не само што треба да содржат што е можно повеќе информации и детали, туку треба и да бидат собрани во соодветни датотеки и како би можело да има поголема транспарентност и би можело истите полесно да се следат. Ова беа некои од заклучоците коишто д-р Магнус Оман, виш советник за политички финансии при Меѓународната фондација за изборни системи (IFES), ги сподели на денешниот брифинг со новинарите во Скопје, организиран од Фондацијата Метаморфозис и IFES, во рамки на проектот „Парите, медиумите и изборите во Северна Македонија“. Д-р Оман даде компаративна перспектива на политичко рекламирање низ светот, како и некои од добрите практики, велејќи:
    – Платеното онлајн финансирање, како што е очекувано, претставува најголем дел од политичкото финансирање за време на изборите. На пример, само последните два месеци од минатогодишните претседателски избори со САД беа потрошени 700 милиони долари и тоа само на Мета и Гугл, од вкупните 1.2 милијарди што биле потрошени за онлајн рекламирање за време на кампањата.
    Д-р Магнус Оман (Фото: лична архива)
    Д-р Оман нагласи дека не треба да се земе една држава како пример и целосно да се препише системот, законот за пријавување на финансиите, особено затоа што, според него, многу од регулаторните рамки и закони доцнат зад новите начини на политичко рекламирање. Тука го издвои примерот на Доналд Трамп кој за претседателските избори имал одвоено помалку средства за политичко рекламирање и повеќе се осврна кон инфлуенсерите и интернет коментаторите.
    Токму за ова зборуваше и Емилија Петреска Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на минатонеделната панел дискусија. Таа посочи дека медиумската регулатива ги опфаќа инфлуенсерите што споделуваат видеа на онлајн платформите со цел да ги информираат, забавуваат или едуцираат корисниците, и од тоа остваруваат економска добивка. А со новиот правилник што Агенцијата треба да го донесе оваа година, ќе се прецизираат критериумите за тоа кои инфлуенсери ќе бидат предмет на законска регулација.
    „Доволно е во [изборниот] законик да се спомене онлајн рекламирање“ вели д-р Оман, со што ќе се даде соодветен надзор и со тоа ќе им се даде можност на регулаторните комисии може да го појаснат каков би било начинот на пријавување и известување за средствата на онлајн рекламирањето, што би се сметало како онлајн политичко рекламирање, а што не.
    Исто така, тој потенцира дека не се само „државите“, односно политичките субјекти, должни да бидат максимално транспарентни за рекламното финансирање, туку и самите платформи и огласници каде се пласираат овие реклами. Со други зборови, колку средства одвоиле кандидатите, колку и од кого имаат добиено платформите.
    Тој потенцира дека ЕУ регулативите дури сега ќе треба да се усогласуваат меѓу земјите членки, особено заради тоа што и самите имаат различни закони за политичко рекламирање. Така, ќе се
    мониторираат усогласувањето сите членки посебно, а ЕУ комисија ќе го прави мониторингот во земји кандидати како С. Македонија.
    Понатаму, д-р Оман сподели и неколку добри практики што е добро да се применат. Неколку пати беа нагласени т.н. (дигитални) отисоци или imprints, со кои би можело да се следи кој колку плаќа за тие реклами, за или против кого се наменети. Ваквите отисоци би се собирале во некакви датотеки, слично како библиотеките на реклами на Мета и Гугл. Како позитивен пример што наликува на ваков систем беше издвоен „Political Advert Repository“ (Складиште за политички реклами) или PADRE од Јужна Африка.
    PADRE всушност e иницијативна на јужноафриканската изборна комисија што цели да ги систематизира токму онлајн и дигиталните политички реклами во лесно достапни библиотеки, кои ќе ја зголемат транспарентноста во изборните процеси.
    Фото: Скриншот од јужноафриканската библиотека на политички реклами, PADRE
    Иако, како што сподели д-р Оман и како што може да се види од самата веб-страница, библиотеката е празна и допрва треба да се наполни, целта е да се овозможи што полесно и побрзо да се постигне процесот. Ова е втората препорака за добра практика што д-р Оман ја сподели. Тој смета дека овој процес на известување за политичкото рекламно финансирање треба да се направи да биде поедноставен, за да може да биде мониториран.
    Последен пример што го сподели д-р Оман е додавање на некаков вид на кодови на самите реклами. Тие кодови би оделе под рекламата и би можеле да се проверат во датотеката како PADRE. Или, пак, кодови кои би имале линк што ќе пренасочи до библиотеките каде што би можело да се види кој стои зад рекламите и колку средства биле платени за нив.

    Преземено од Вистиномер

  • Меѓународна конференција на тема „Кликови, пари и влијание: улогите и одговорностите на онлајн медиумите во изборите“

    Со задоволство Ве известуваме дека Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) во соработка со Метаморфозис организира меѓународна конференција на тема „Кликови, пари и влијание: улогите и одговорностите на онлајн медиумите во изборите“, која ќе се одржи на 4-5 март 2025 година во Хотел Holiday Inn, Скопје.
    Овој дводневен настан ќе ги собере на едно место експертите и засегнатите страни за да се дискутира како на изборите да се зајакне транспарентноста и надзорот на платеното политичко рекламирање за време на медиумската кампања, вклучително и на интернет порталите. Сесиите ќе опфатат повеќе теми, вклучувајќи платените политички реклами, институционалните улоги и променливите услови во динамичната дигитална ера; ќе бидат споделени добри практики, технолошки решенија и регулаторни пристапи за да се обезбеди транспарентност, отчетност и точност во надзорот на интернет порталите.

    Конференцијата е организирана во рамките на проектот „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија“, поддржан од Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој (FCDO) на Владата на Обединетото Кралство.

  • Работилницата за имплементација на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судир на интереси (2021-2025) и патоказ за развој на нова антикорупциска стратегија (2026-2030)

    Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ беше дел од работилницата со засегнати страни за имплементација на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судир на интереси (2021-2025) и патоказ за развој на нова антикорупциска стратегија (2026-2030) што се одржа на 27 февруари 2025 година, во Скопје. Настанот го орагнизираше Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во соработка со Бирото на Обединетите нации за дрога и криминал (UNDOC) и Регионалната антикорупциска иницијатива (RAI), со поддршка на Австриската агенција за развој и соработка.
    Програмската директорка Данче Даниловска-Бајдевска беше говорничка на сесијата „Патот до Новата стратегија“ во чии рамки се дискутираше за временската рамка, приоритетите и предизвиците за исполнувањето на активностите од актуелната Национална стратегија а се разменија и идеи во насока на изготвување на нова квалитетна, јасна и спроведлива Национална стратегија.
    На оваа сесија и претходеше сесија во која претставниците на граѓанските организации имаа свои обраќања во однос на рефлексиите од граѓанското општество и приватниот сектор за имплементацијата на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судир на интереси 2021–2025, а воедно изнесоа свои предлози и препораки за процесот на изготвување на новата стратегија.
    На работилницата учество земаа претставници на граѓанското општество, приватниот сектор и меѓународните организации, како и претставници на државните.

  • Иницијативата на Фондација Метаморфозис за усогласување на законодавството со Законот за дигитални услуги вклучена во Програмата за работа на Владата за 2025

    Иницијативата на Фондацијата Метаморфозис за усогласување на нашето законодавство со Законот за дигитални услуги на ЕУ е прифатена од Владата на Република Северна Македонија и вклучена во нејзината Програма за работа за 2025 година.
    Усогласувањето на законодавството со Законот за дигитални услуги ќе ги поддржи целите на Северна Македонија за интеграција во ЕУ, ќе ја подобри нејзината дигитална регулаторна рамка и ќе обезбеди побезбедна и попредвидлива дигитална средина за граѓаните и бизнис заедницата.
    Оваа одлука претставува признание за напорите на Фондација Метаморфозис во промовирањето на дигиталните права и безбедноста на интернет, како и за важноста на создавање фер и отворена онлајн средина, а од друга страна оди во прилог на целисходноста на консултативниот механизам.
    Фондацијата Метаморфозис изработи анализа за подготвеноста на Северна Македонија за усогласување на националното законодавство со Законот за дигитални услуги на ЕУ, која нуди детален преглед на постојната правна рамка, ги идентификува правните празнини и предизвици и дава конкретни препораки што може да послужат како водич за ефективно усогласување.

  • Ден на побезбеден интернет 2025: Со Законот за дигитални услуги на ЕУ кон побезбедна дигитална иднина

    Безбеден интернет за сите!

    Дигиталниот свет носи многу можности, но и предизвици. На Денот на побезбеден интернет ја нагласуваме важноста на дигиталните услуги и нашите права!
    Погледнете го видеото и дознајте како Законот за дигитални услуги (DSA) на ЕУ го прави интернетот побезбеден за сите, односно како новите правила на Законот за дигитални услуги нè штитат онлајн – од транспарентност на алгоритмите до борба против дезинформациите.

    Заедно можеме да создадеме подобар и побезбеден интернет!

  • Отвореноста започнува со знаење и соработка: Менторска поддршка за транспарентни и отчетни општини

    Во тек е менторската поддршка за зголемување на отвореноста и транспарентноста на општините во Република Северна Македонија која Рурална коалиција во соработка со Фондација Метаморфозис ја обезбедува за девет општини од осумте плански региони каде што се спроведува или се планира да се спроведува дигиталната алатка мЗаедница.
    Меѓу првите општини што ја добија оваа можност за зајакнување на капацитетите на општинската администрација во насока на проактивно објавување документи, подобрување на транспарентноста и отвореноста, како и надминување на актуелните предизвици, со цел да се поттикне поинформирано граѓанско учество во локалните одлуки, се општините: Кочани, Крива Паланка, Валандово, Аеродром, Демир Хисар, Гостивар, Неготино, Струга и Штип.
    Менторирањето се спроведува онлајн во јануари и февруари 2025 година, врз основа на методологија за јакнење на капацитетите на општините развиена според Индексот на отвореност на локалната самоуправа, со акцент на систематизација и приоретизација на информации врз основа на резултатите од Индексот на отвореност.
    Менторирањето се спроведува онлајн во јануари и февруари 2025 година, засновано на методологија за јакнување на општинските капацитети, развиена според Индексот на отвореност. Главниот фокус е ставен на систематско приоритизирање на информации согласно последните резултати од мониторирањето на отвореноста на локалната самоуправа прикажани во Процената на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија преку Индексот на отвореност.
    Крајната цел на оваа активност се обучени јавни службеници кои самостојно ќе може да работат на доследно унапредување на отвореноста на нивните општини.

    Оваа активност е дел од проектот (ДИГИЛОК) Дигитална трансформација на локално ниво – Вклучена заедница за отпорност на корупција кој е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Партнери на проектот се Фондација за Интернет и општество Метаморфозис, Рурална Коалиција и Центар за социјални иновации Блинк 42-21.

  • Започнува мерењето на отвореноста на единиците на локалната самоуправа за 2025 година преку Индексот на отвореност

    Фондација за интернет и општество Метаморфозис во партнерство со Рурална Коалиција, започнува со спроведување на овогодинешното мерење на отвореноста на единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија.
    Мерењето на отвореноста на сите 81 единица на локална самоуправа ќе се спроведува согласно Индексот на отвореност кој претставува композитен показател што го определува степенот на отвореност на институциите кон граѓаните и општеството и е создаден со цел да дефинира до кој степен граѓаните добиваат погодни и разбирливи информации од институциите.
    За да се измери степенот на отвореноста на локалната самоуправа, следејќи ги законските регулативи, меѓународните стандарди, препораки, како и добри практики, мониторирањето преку Индексот на отвореност се изведува според посебни квантитативни и квалитативни показатели, кои се однесуваат на пристапот до информации на официјалните веб страни, објавени податоци за работењето на институцијата, јавните набавки, информации за трошењето на јавни пари, итн.
    По завршување на мерењето на отвореноста на единиците на локалните самоуправи, а врз основа на анализираните податоци, Фондацијата Метаморфозис ќе изработи документ за јавни политики кој ќе го искомуницира со локалната самоуправа и јавноста, со цел да помогне во унапредувањето на отвореноста на локалната самоуправа кон граѓаните.
    Повеќе информации за последното изведено мерење на отвореноста на единиците на локалната самоуправа се достапни во публикацијата Процена на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија преку Индексот на отвореност.

    Оваа активност е дел од проектот (ДИГИЛОК) Дигитална трансформација на локално ниво – Вклучена заедница за отпорност на корупција кој е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Партнери на проектот се Фондација за Интернет и општество Метаморфозис, Рурална Коалиција и Центар за социјални иновации Блинк 42-21.

  • Индекс на отвореност: Започна деветиот бран на мерењe на отвореноста на извршната и законодавната власт

    Започна деветиот бран на мерење на отвореноста на извршната и законодавната власт во четири земји од регионот на Западен Балкан, односно Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Србија и Црна Гора, преку Индексот на отвореност. Мерењето го спроведува мрежата ACTION SEE – Мрежа за Одговорност, Технологија и Институционална Отвореност во Југоисточна Европа со поддршка на Национален фонд за демократија преку проектот „Искористување на технологијата за промовирање на институционална одговорност и транспарентност“.

    Индексот на отвореност претставува композитен показател којшто веќе осум години по ред го определува степенот на отвореност на државните институции од Западен Балкан кон граѓаните и општеството и е создаден со цел да дефинира до кој степен граѓаните од Западен Балкан добиваат погодни и разбирливи информации од институциите.
    За да се измери степенот на институционалната отвореност, партнерите од ACTION SEE мрежата, следејќи ги меѓународните стандарди, препораки, како и примери на добри практики, ги мониторираат институциите според посебни квантитативни и квалитативни показатели, како на пример: пристап до информации на официјалните веб страници на институциите, квалитетот на правната рамка за одделни прашања, други извори на информирање на јавноста, објавени податоци за работењето на институцијата, јавните набавки, информации за трошењето на јавни пари, итн.
    Врз основа на осмиот бран на мерења кој се спроведе во текот на 2024 година, се изработија публикациите „Процена на доброто владеење на извршната власт во Северна Македонија и во регионот преку Индексот на отвореност“ и „Процена на доброто владеење на законодавната власт во Северна Македонија и регионот преку Индекс на отвореност“ кои даваат детален приказ на отвореноста на одделните институции, и содржат конкретни препораки и чекори за подобрување на отвореноста на истите.

    Проектот „Искористување на технологијата за промовирање на институционална одговорност и транспарентност“ го спроведува Центар за демокраска транзиција (Црна Гора) во партнерство со Фондацијата за интернет и општество, „Метаморфозис“, Граѓанско здружение Зошто не? (Босна и Херцеговина) и Партнери за демократски промени Србија (Србија), со финансиска поддршка на Национален фонд за демократија.

  • Фондација Метаморфозис на „Недела на приватност 2025“ во Белград: Приватност за сите

    Фондацијата Метаморфозис беше дел од петтата годишна конференција „Недела на приватност“, организирана од Партнери за демократски промени Србија (Партнери Србија), што се одржа под слоганот „Приватност за сите“ од 29 до 31 јануари 2025 година во Белград.

    Во фокусот на овогодинешната конференција беа заштитата на приватноста и заштитата на податоците, со посебен фокус на заштитата на правата на најранливите, активистите и новинарите.
    На 30 јануари 2025 година, пак, беше централниот настан на „Недела на приватност“ со кој беше одбележан и Меѓународниот ден на заштита на личните податоци. За време на централната конференција се дискутираше за синергијата на заштитата на личните податоци и борбата против дискриминацијата, заштитата на дигиталните права на граѓаните надвор од регулаторниот простор на Европската унија и т.н. Бриселски ефект, потоа заштитата на медицинските податоци при развој на модели за вештачка интелигенција и ред други теми.

    Програмската директорка на Метаморфозис, Данче Даниловска-Бајдевска, беше модераторка на панелот „Бриселски ефект – Поглед од периферијата“ кој беше посветен на влијанието на европските регулативи, како што се Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR), Законот за дигитални услуги (DSA) и Законот за дигитален пазар (DMA), на дигиталниот пазар и на човековите права во земјите надвор од регулаторниот простор на ЕУ. Панелистите во рамките на оваа сесија го анализираа ефектот од овие регулативи, со посебен фокус на механизмите за заштита на правата достапни за граѓаните и предизвиците во нивната примена надвор од ЕУ. За време на дискусијата беа споделени успешни иницијативи за заштита на дигиталните права на граѓаните надвор од ЕУ, како и можностите и предностите за интеграција на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар.

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор