Author: bardhi

%d0%a1%d0%bb%d0%b8%d0%ba%d0%b0 2 1.jpg

ПРЕКУ МИРОВНИТЕ МИСИИ НА ЕУ МАКЕДОНИЈА СЕ ПОБЛИСКУ ДО ЗАЕДНИЧКАТА ЕВРОПСКА БЕЗБЕДНОСНА ПОЛИТИКА

ЕУ ја вклучува Македонија во своите безбедносни и одбранбени капацитети уште пред да стане членка
ЕУ го оценува нашиот регион како исклучително важен за севкупната европска безбедност
Автор: Афродита Рамос
Македонија својот пат за интеграција со ЕУ во делот на  безбедносите политки го започна со вклучување во мировната мисија на ЕУ во Босна и Херцеговина – АЛТЕА во 2006 година. Дваесет години потоа Македонија е земја-кандидат за членство во ЕУ која ја има целосно усогласено својата безбедносна и надворешна политика со таа на Европската унија.  Земјата денес имаме потпишано Партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ, што според експертите, ја сигнализира подготвеноста на Унијата целосно да нѐ интегрира во својот безбедносен механизам и пред официјално Македонија да стане членка.

Извор: EUforBiH – Припадници на АРМ во АЛТЕА на Денот на независноста – 8 Септeмври
Патот на Македонија до целосната усогласеност со европските безбедносни политики стартуваше со АЛТЕА каде од 2006 до денес биле распоредени вкупно 292 припадници на македонската армија во различни ротации и капацитети – воздухопловен хеликоптерски деташмент, медицински тимови, штабни старешини и правни советници. На 22 октомври 2024, македонското Собранието донесе одлука да испрати нови  32 припадници на Армијата во меѓународната операција на ЕУ АЛТЕА, за период од шест месеци, поточно до мај оваа година.
Освен во АЛТЕА припадници на АРМ учествуваа и во поранешната мисија на ЕУ за обука на Централноафриканската Република – „ЕУТМ ЦАР“, каде силите на ЕУ придонесуваа за постигнување на безбедна средина во областа Бангуи, важен дел од меѓународните напори за заштита на локалното население како и за создавање услови за непречено доставување на хуманитарна помош.  Во 2020 година двајца штабни офицери од Македонија беа испратени во мисијата ЕУТМ ЦАР, каде придонесуваа заедно со припадници од осум земји-членки на ЕУ и четири земји-партнери и земји-кандидати. Учеството на Македонија во оваа мисиј заврши пред две години, во февруари 2023 година.
Бенефитот од учествува во ЕУ мировни мисии
АЛТЕА е третата и најголема мировна операција што ја има започнато ЕУ. Таа е од исклучителна важност за европскиот мир и стабилност, со оглед на тоа што Босна и Херцеговина се граничи со земји-членки на Унијата и секоја нестабилност  на нивните граници носи опасност и за самата ЕУ, концепт кој Унијата го нарекува безбедна и сигурна средина. Усогласувањето со безбедносната политика на Европската унија е опфатено во 31 поглавје – надворешна, безбедносна и одбранбена политика, од преговорите за членство во ЕУ, во Кластерот шест – надворешни односи. Сите 27 земји-членки на ЕУ учествуваат во Европската заедничка безбедносна и одбранбена политика. Сите земји кои сакаат да станат членки на ЕУ треба да придонесуваат и соодветствуваат со критериумите на оваа европска политика, идеја која тие ја нарекуваат „давател на безбедност наместо безбедносен корисник“.
„Република Северна Македонија  ја потврдува стратегиската определба за достигнување членство во Европската Унија преку цврстата политичка определба за поддршка на Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП/CFSP) и со декларирање конкретен придонес кон цивилните и воените операции во рамките на Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП/CSDP) на Унијата”, се наведува во извештајот на Министерството за одбрана.
Претседателот на Синдикатот на одбраната и безбедноста – Ристо Ајтов, вели дека ако не беа мировните мисии на НАТО и на ЕУ каде учествуваше Македонија, земјата ќе немаше од каде да црпи искуство и ќе останеше само на теоретско знаење. Според него на македонската армија како млада армија од 30 години, иако веќе припаѓа на друштвото на НАТО армии каде некои членки имаат армии со повеќе од 100 години постоење, потребно и е собирање на искуство.
Ристо Ајтов, Претседател на Синдикатот на одбраната и безбедноста
„Втората придобивка од учеството во мировните мисии е интеркооперативностa со другите развиени армии на ЕУ членки. Мисијата не е еднократна, туку е циклична и сите припадници кои се враќаат од мировните мисии потоа го споделуваат знаењето и искуството со своите колеги во рамките на обуките внатре во АРМ. Опременоста на македонската армија е дискутабилно прашање, затоа трет голем бенефит е тоа што во овие мировни мисии, опремата ја носат најголемите армии а ние помагаме во обслужувањето на опремата и така учиме за неа“, вели Ајтов.
Ајтов е уверен дека каде и да се отвори нова мировна мисија предводена од ЕУ, на пример во Украина, Северна Македонија ќе испрати свои мировници бидејќи го следи примерот на Европската унија како земја-кандидат за членство.
„Ние сме со намера да влеземе во ЕУ. Кога Европската унија прави закони за безбедност, тие закони ќе треба да се пресликаат и во македонското законодавство. На пример, ние како членка на НАТО сме должни, согласно планот и програмата на одредена мисија и нашите капацитети и специјалности, да учествуваме во неа. Истото е и со мисиите поддржани од ЕУ – ние можеме да кажеме не, но тоа не е добро за нас, особено што зависиме од нивната помош и поддршка за армијата”, вели Ајтов.
Според него следењето и поддржувањето на безбедносни и одбранбени одлуки на ЕУ е добро за Македонија како земја-кандидат, бидејќи ако не ги почитуваме, ризикуваме да биде сменет начинот на кој ЕУ гледа кон Македонија како кон партнер и потенцијална членка.
Извор: Армија на РСМ – медицински тим на АРМ во АЛТЕА
Претседателот на синдикатот вели дека мировниците откако ќе се вратат дома од мисиите немаат лоши искуства, но негативен аспект кој го забележал е незадоволството кај некои од  нив во однос на работните односи.
„Нашите припадници на армијата некогаш се обесхрабрени од фактот дека заработуваат помалку од нивните колеги од другите армии, пример Германците или Французите, со кои заеднички учествуваат во мировните мисии и ги извршуваат истите задачи и работат на истите позиции а сепак заработуваат помалку од нив”, вели Ајтов.
Поактивно вклучување во безбедносната политика на ЕУ
На 19 ноември 2024, соработката помеѓу ЕУ и Северна Македонија во областа на одбранбената и безбедносна политика, дополнително се продлабочи и систематизира со потпишување на нова политичка рамка – Партнерство за безбедност и одбрана.
„Додека АЛТЕА беше конкретна операција со ограничен мандат, новиот договор создава постојана рамка за учество во повеќе мисии, заеднички вежби, размена на информации и развој на одбранбени способности. Ова значи дека Северна Македонија сега станува дел од пошироките механизми на Заедничката безбедносна и одбранбена политика (CSDP), што е значаен чекор кон нејзино интегрирање во европските одбранбени структури“, е ставот на Сеад Ризвановиќ, долгогодишен новинар и аналитичар во областа на одбраната и безбедноста.
Сеад Ризвановиќ, новинар и аналитичар
Ризвановиќ вели дека со ова Партнерство, ЕУ сигнализира дека сака поактивно да ги вклучи кандидатите во своите безбедносни политики дури и пред целосното членство:
„Потпишувањето на партнерството сега е дел од пошироките геополитички промени и зајакнувањето на одбранбената соработка во Европа по руската агресија врз Украина. ЕУ сè повеќе се фокусира на заедничката безбедност и одбрана, вклучувајќи ги и земјите кандидати кои се стратешки партнери. Ова партнерство дополнително ја зацврстува нашата улога во европската безбедносна архитектура а македонската одбрана ќе има корист преку пристап до експертиза, технологија и обука од европките партнери, што ќе ја зајакне нејзината способност за справување со закани“, вели Ризвановиќ.
Според него, преку учество во европски одбранбени иницијативи, армијата ќе може да се модернизира и да стане поконкурентна во рамките на НАТО и ЕУ.
Извор: Македонска информативна агенција (МИА)
Европски мировен фонд за Армијата
Од Европска служба за надворешна акција во септември 2024 објавија дека обезбедуваат поддршка од 13 милиони евра во рамките на Европскиот мировен фонд за македонската армија, што од домашните безбедносни експерти беше оценето како важна пресвртница во нашата безбедносна и одбранбена соработка со ЕУ.
„Одлуката ја одразува благодарноста на ЕУ за целосното усогласување на Северна Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, што е многу јасен израз на стратешкиот избор на Северна Македонија за иднината во ЕУ. ЕУ и Северна Македонија стојат обединети во нивната решеност да ја продлабочат соработката во решавањето на итните прашања поврзани со безбедноста и одбраната и да истражуваат нови патишта за заедничка акција“, се наведува во соопштението на Европската служба за надворешна акција.
Извор: Eurasia Review
Поранешниот заменик-началник на Генералштабот и член на Клубот на Генерали – Генерал мајор во пензија, Мухамет Рацај, тврди дека овие средства не се дадени за закупување на вооружени системи, но сепак Европа размислува за нашиот регион како потенцијално загрозен од руската агресија врз Украина, што значи дека ЕУ ни помага во усовршување на нашите одбранбени капацитети уште пред да станеме членка.
„Европа сметаше дека е безбедна и дека не треба да троши многу пари на одбрана и безбедност, па затоа земјите членки ги намалуваа своите армии. Но во последно време е доста сериозна ситуацијата и Европа се подготвува за одбрана. Има многу непредвидливи работи кои се однесуваат на одбраната, суверенитетот и интегритетот на европските земји настанати по кризата предизвикана од војната во Украина. Ние прифаќаме се што ЕУ одлучува да ангажира за да ја зацврсти безбедноста на своите членки и тие што сакаат да се приклучат и затоа ни се дадени овие средства”, вели Рацај.
Генерал мајор во пензија, Мухамет Рацај
Генерал мајор Рацај вели дека овие средства од Европскиот мировен фонд се наменети и за тековните безбедносните потреби на нашата армија со чие зајакнување земјата ќе придонесе кон регионалната безбедност, како на пример преку Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG) која се користи за потребите на ОБСЕ, ЕУ-предводени мировни мисии, ОН и НАТО.
„Овие средства се насочени и кон зајакнување на нашите капацитети за справување и спречување на нелегалниот проток на мигранти кои транзитираат низ нашата земја и се упатуваат кон ЕУ, што претставува безбедносен ризик и за нас, и за Унијата. Ценам дека овие средства можеме да ги искористиме и за подобра подготовка на нашите единици во бригадата на Југоисточна Европа која има седиште во Куманово до 2026 година”, вели Рацај.
Тој додека бил заменик-началник на Генералштабот и присуствувл на состаноци со ЕУ, вели дека во тоа време не се давало голема важност на развивањето на нашите единици, како што тоа го прави НАТО откако станавме негова членка. Сега во ЕУ веќе почнуваат сериозно да размислуваат за функционирање на овие бригади, вели Рацај, бидејќи овој дел од Eвропа е критичен и потенцијално загрозен од Русија.
Учеството на припадниците на АРМ во мировните мисии предводени од ЕУ редовно се поздравува од европските претставниц како позитивен чекор кон целосно усогласување со безбедносните потреби на Европската унија.
Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Tags:Безбедност ЕУ

%d0%a1%d0%bb%d0%b8%d0%ba%d0%b0 2 1024x682.jpg

НОВИ АВИОЛИНИИ ЗА ПОРАЗВИЕН ТУРИЗАМ, НО СО СТАРИ ПАТИШТА И НЕФУНКЦИОНАЛНА ЖЕЛЕЗНИЦА

Туристичкиот развој зависи од интегрираната транспортна мрежа на државата
Автор: Афродита Рамос
Од Меѓународниот аеродром – Скопје во зимскиот период оперираат 35 линии, од кои 28 се дестинации од ЕУ земјите, а во летниот период, тој број се зголемува на 34. На Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле”, пак во зимскиот период од четири дестинации, три пристигнуваат од градови од Европската унија, а во летниот период тој број ќе се зголеми на пет. Неодамна, најавенис е и шест нови авиолинии од градови од ЕУ – Париз, Барселона, Лион, Штутгард и Базел.
Наместо да се субвенционираат појдовни патници како што досега беше практика, со новата програма на државата, со финансиска поддршка тешка 375 милиони денари,  ќе се субвенционираат авиокомпаниите кои ќе носат патници до Северна Македонија и тоа 12 евра по патник превезен до Охридскиот аеродром и девет евра до Скопскиот аеродром. Авионите кои пристигнуваат од земјите на Европската унија се најбројни на македонските аеродроми.
Со оглед на најголемата бројност на ЕУ дестинациите и принципот на исплата „по пристигнат патник“, новите авиолинии би требало да го стимулираат и развиваат и туризмот во државата.
Објаснувањето на министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, зошто е одбран модел за поголемо субвенционирање на дојдовни, а не појдовни патници, гласи – дека владата сака да донесе нови патници во земјава, а не граѓаните да си одат од неа.
Но Државниот завод за статистика, покажува дека во просек туристите во државата остануваат само два дена и тоа во градовите каде има аеродроми, Скопје и Охрид, што укажува дека останатите градови и делови во земјата се ретко посетени.
За туристите подолго време да уживаат во убавините на Северна Македонија, освен субвенционирање на авиолетовите и развивање на разновидна туристичка понуда, потребно е брз и ефикасен превоз низ државата. Со оглед на тоа што во државата нема разгранет и функционален железнички превоз, ниту пак ефикасен и современ меѓуградски превоз, туристите кои ќе дојдат во земјава преку авиолиниите, честопати се лимитирани на двата града со аеродроми или пак се изложени на дополнителен трошок, како што е изнајмување на автомобил или користење на услугите на организиран превоз на туроператорите, за да патуваат до други места низ државата.
Што ќе значат за македонскиот туризам новите авио дестинации

Извор: ТАВ Аеродроми

Најавата за нови авиодестинации е добра вест како мерка за транспортниот развој на земјата, смета Трајан Ангелоски, претседателот на Сојузот на стопански комори. Според него, за поздравување е секој позитивен чекор кон подобрување на инфраструктурата и сообраќајни врски на Македонија со светот.

„Особено во авиосообраќајот. Сметаме дека навистина ни недостигаат директни конекции со многу важни градови и во Европа и во светот. Очекуваме дека бројот на патници на нашите аеродроми ќе расте. Мораме да работиме на осовременување на сообраќајните коридори и решенија и ги поздравуваме најавите за изградба на брза железница кон Солун и Белград, а оттаму и кон останати Европски дестинации. Секој чекор кој ќе придонесе кон развој на сообраќајната инфраструктура е добредојден”, вели Ангелоски.

Трајан Ангелоски, Сојуз на Стопански комори на Македонија
Полемо раздвижување на македонските аеродроми, токму поради тоа што новите авиолинии доаѓаат од големи или главни градови, е очекувањето на Влатко Сулев, претседателот на Националното здружение за дојдовен туризам.
„Кога отвораат нискобуџетните компании авиодестинации, се водат од тоа каде живее дијаспората, а за туристи се гледа аеродромот да е голем или пак да не е повеќе од еден час од главениот или поголем град. Но откако се објавија сега новите дестинации, мора да се работи со партнерите – авиокомпании, дека летовите се веќе воспоставени и да почнат со промоција на Северна Македонија како дестинација каде можат да отпатуваат туристите”, вели Сулев.

Влатко Сулев, Национално здружение за дојдовен туризам
Директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефаноска, очекува авиокомпаниите да учествуваат во промоција на Скопје и на Охрид како дестинации за европските туристи и пошироко, но вели дека на Македонија останува да го разработи пазарот и дополнително да ја промовира државата.
„Треба да докажеме дека нашиот пазар е интересен, атрактивен и нуди потенцијал. Само така ќе може да ги задржиме овие линии и ќе дадеме добар сигнал на останатите за отворање нови линии и привлекување на што поголем број на нови туристи, но и нашите од дијаспората”, вели Стефаноска.

Билјана Стефаноска, Агенција за промоција и поддршка на туризмот
Поради големиот број македонски иселеници во земјите од Европската Унија, очигледно е дека најчести и најбројни корисници на авиолиниите не се туристи, туку македонските државјани и нивните семејства кои живеат или патуваат во ЕУ. Тоа може да се заклучи преку официјалните статистики – низ Скопскиот аеродром во 2024 година поминале над 2,5 милиони патници, информираат од ТАВ Аеродроми, а бројот на странски туристи во Северна Македонија за 10 месеци од 2024 бил 750.471, според Државниот завод за статистика.
Истовремено, најголем број странски туристи во Северна Македонија во 2024, биле тие кои дошле во земјава по земен пат, и тоа, Срби, Грци и Бугари, што значи дека сѐ уште клучно за зголемен проток на странски туристи остануваат транспортните патни коридори.
Како и по какви патишта се патува

Извор: Македонија пат
За патиштата низ Македонија честопати се вели дека се очајни. Граѓаните кои ги користата секојдневно, но и странците, за да додјат од едно до друго место во Македонија имаат многу забалешки за состојбата и одржувањето на патната инфраструктура.
„Возиме на тоа што е останато од патот изграден за време на Југославија”, вели жителка на Општина Македонски Брод, општина која се издвојува по спелеолошкиот туризам.
„Одрони и свлечишта, некастрена и надвисната вегетација, искршени патна сигнализација, дупки како кратери кои од дождот се направиле базени, тесен пат”,  вака го опишува патот кој го поминал францускиот турист Доминик Пјер со изнајмен автомобил од Скопскиот аеродром, обидувајќи се да стигне до еден од најстарите градови во Македонија, Кратово, и да ја посети неговата околина и познатиот геолошки резерват – Куклици.
Викторија Митеска, локален водич во Охрид, која соработува со туристички компании, вели дека на туристите не им се верува кога ќе им кажат дека не можат да отидат до Охрид и да се вратат во Скопје во ист ден.
„Иако се само 173 километри одалечени, патот со автобус трае и по четири часа, се поминува по недоизграден пат, кој е и опасен, поради недостатокот од заштитни огради и сигнализација, а и по планинските превои патот е прилично дотраен, па поради дупките и одроните мора бавно да се вози”, вели Митеска.
Слична е состојбата и со другите патни правци низ државата, кои  водат до интересни места за љубителите на планинскиот, руралениот, гастрономскиот, винскиот или културниот туризам.

Извор: Радио Слободна Европа
Со железнички превоз пак, се превезуваат сѐ помалку патници – според статистиката со него во 2022 се возеле 405.507 патници, а во 2023, само 280.440, бидејќи има само три преостанати функционални патнички линии – од Скопје до Велес, до Гевгелија и Битола, а меѓународен железнички превоз повеќе не постои. Железничките станици пак, предизвикуваат страв бидејќи се демолирани и тонат во ѓубре, а целата железничка инфраструктура е запустена.

Извор: Призма – Железничка станица, Кочани
Што треба да се направи
Подобра транспортна инфраструктура, би сменило многу во  туристичко портфолио на Македонија. Во зимскиот период особено проблем имаат зимските туристички центри, бидејќи, ни примарната, ни секундарната инфраструктура не е развиена.
„Да се завршат проектите кои ветуваат дека ќе бидат завршени како на пример патот до Охрид, веќе би се променила ситуацијата. ЕУ ни даде 20 милиони за развој на туризмот, но скоро ништо до тоа не се искористи за туризмот. Немаме стратегија за туризам”, вели Влатко Сулев од Здружението за дојдовен туризам.
Според Сулев Македонија треба да создава автентични туристички доживувања.
„Но, немаме верба во туризмот. Доколку имаме автентична туристичка понуда, сметам дека транспортот нема да е пресуден. И Албанија нема транспортна инфраструктура, па е број еден во Европа по развој на туризмот, бидејќи веруваат дека од туризмот се живее”, вели Сулев.
Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот велат дека добивале многу реакции за инфраструктурата до ски-центрите, автопатот Охрид – Кичево и локалните патишта до руралните средини и туристички места.
„Патната инфраструктура треба да се одржува, реновира и да се вложува во нови сообраќајници и паркинг места. Најавата на Владата за новите траси за железнички поврзувања и изградба и доградба, на веќе започнатите, а и нови автопати, ќе значат подобра циркулација и проток на туристи, бидејќи Македонија има одлична централна положба на Балканскиот полуостров и претставува раскрсница и поврзување со соседните земји, Европа, соседните пристаништа и аеродроми”, вели Билјана Стефаноска, диекторка на Агенцијата.
Македонија дел од Трансевропската транспортна мрежа
Желбата на Северна Македонија да биде „раскрсница на Балканот“ во транспортна смисла, бидејќи два важни европски коридори – Коридор 8 и 10 поминуваат низ неа, никако да се реазлизира по 30 години независност. Проценката е дека целиот проект би чинел 2,1 милијарда евра, но Коридорот 8 сѐ уште не завршен ниту пак на повидок е да биде готов, додека Коридорот 10, исто така, се доградува, со проценка дека новата железница долж него ќе чини околу две милијарди евра. Овие транспортни инфраструктури се приоритети на Европската транспортна политика на Балканот, под  надлежност на Трансевропската транспортна мрежа.
Од Министерството за транспорт, пак информираат, дека се работи на неколку приоритети на македонската транспортна мрежа за оваа година.
„Пуштање во употреба на првите 40 километри од автопатот Кичево – Охрид, изградба на мост на реката Вардар кај Велес, реконструкции на седум мостови по должина на Коридорот 10 на железницата, реконструкција на терминалната зграда на охридскиот аеродром, се дел од приоритетните проекти на кои ќе работиме оваа годинава“, велат од министерството за транспорт и врски.
Овој транспортен нексус составен од аеродром – железници – патишта е всушност клучен елемент од Европската агенда за поврзаност и мобилност, наречена Трансевропска транспортна мрежа или TЕN-T, која вклучува и пловни водни мрежи, кои кај нас се уште не се разработени, како иден транспортно-инфраструктурен план. TEN-T е политичкиот инструмент кој на земјите членки на ЕУ им овозможува планирање и развој на ефикасен, функционален и висококвалитетен транспортно-инфраструктурен систем низ сите 27-членки на Европската унија, а во суштина го овозможува основниот принцип на ЕУ – слободно движење на луѓе, добра и услуги.
„TEN–T ја зајакнува економската, социјалната и територијалната кохезија на ЕУ и создава беспрекорни транспортни системи преку границите, без празнини, тесни грла или алки кои недостасуваат. Особено од нејзината ревизија во 2024 година, тој исто така има за цел да го намали влијанието на транспортот врз животната средина и климата и да ја зголеми безбедноста и еластичноста на мрежата“, oбјаснуваат од Европската комисија.

Извор: EUR-Lex
TEN-T е огромен проект кој се состои од патишта, железници, внатрешни водни патишта и кратки морски бродски рути кои ги поврзуваат урбаните и руралните средини, поморските и внатрешните пристаништа, како и аеродромите и товарните терминали. TEN-T е поделена на основна, проширена основна мрежа и сеопфатна мрежа. Основната мора да биде завршена до 2030 година, проширената до 2040, а сеопфатната до 2050 година и да ги поврзува сите региони на ЕУ.
Македонија како земја-кандидат за ЕУ потпаѓа под TEN-T коридорот Западен Балкан – Источен Медитеран (WBEM). Тој ги поврзува земјите-членки на централна Европа со пристаништата на Јадранското и источното Средоземно Море преку Западен Балкан.  Коридорот се протега низ осум земји-членки на ЕУ, како и низ земјите-кандидатки – Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Албанија и Северна Македонија.
ЕУ бара поголеми напори за поефективно транспортно поврзување
Главните недостатоци на Коридорот Западен Балкан – Источен Медитеран (WBEM), споед Европската комисија, се недостиогт на развиена инфраструктура, како железничката и патната која пак, треба дополнително да им помогне на аеродромите во нивното функционирање. Забелешките кон Македонија, но и кон останатите земји-кандидатки, е доцнењето во реализација на проектите.
Европскиот координатор на коридорот, Маријан-Жан Маринеску, го потенцира недостатокот од резултати од планираните инвестиции, бидејќи во изминатата деценија се реализирани само дел од проектите и тоа главно помалите, додека поголемите постојано се одложуваат. Истото се случува и со прекуграничните проекти.

Извор: https://transport.ec.europa.eu
„Забележан е ограничен напредок во Трансевропската транспортна мрежа и реформите во транспортната политика. Вклучувањето на Северна Македонија во Источниот медитерански коридор на Западен Балкан беше поздравено, но сѐ уште се потребни значителни напори за одржување на инфраструктурата, решавање на потребите за алтернативно гориво и подобрување на патиштата и железницата. Комисијата ја нагласи важноста од забрзување на развојот на железничкиот Коридор 8 и 10 за позиционирање на Северна Македонија како регионален транспортен центар”, констатираше на крајот од 2024 година Поткомитетот ЕУ – Северна Македонија за транспорт, животна средина, енергетика и регионален развој.
Придобивките од развиен и модерен мултимодален транспорт се многубројни и има витално значење за економскиот развој на земјата на патот кон ЕУ, бидејќи економијата зависи во голема мера од сеопфатна транспортна поврзаност со Европа. Сепак, предизвиците, кои со години наназад постојано ги нотира Европската комисија, се повторија и на последниот состанок на Поткомитетот ЕУ – Северна Македонија. Меѓу нив е и тоа дека властите треба да ја зајакнат политичката посветеност  и институционалните капацитети за да ги спроведат потребните реформи за исполнување на стандардите на ЕУ во транспортниот сектор.

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

2 1.jpg

СТАРТАПИТЕ И МАЛИТЕ БИЗНИСИ КАКО ЛЕК ЗА НЕВРАБОТЕНОСТА ВО МАКЕДОНИЈА

Македонија мора да ги поедностави и развие мерките за поддршка на малите и средни претпријатија
Автор: Теа Цветановска
Македонија е земја со висока стапка на невработеност. Според податоците на Државниот завод за статистика во 2024 година невработеноста во Македонија изнесувала 12,3 проценти. Невработеноста е особено висока кај младата популација помеѓу 15 и 29 години која што сочинува дури 18,5 проценти од вкупниот број на невработени лица во државата.
Во рамки на стратегии насочени кон зголемување на вработеноста и отварање на нови работни места, претприемништвото е прифатено како иновативно средство за постигнување на таквите цели. Несомнено, отпочнување на сопствен бизнис е еден од клучните начини за зголемување на претприемачката активност и потикнување на конкурентноста, a претприемачката активност е важна и за долгорочен економски раст и развој.
Доколку го погледнеме индексот на економски дискомфорт за Македонија, тој години наназад покажува загрижувачка слика, каде црвениот аларм е проблемот со невработеноста. Во оваа насока, потребно е силна конекција помеѓу властите и претприемачите од аспект на поддршката која треба да произлезе од оваа врска.
За да се поттикне одржливо претприемништво, креаторите на политиките треба да ги разберат мотивациите на поединците кои сакаат да започнат бизнис, смета проф. д-р Татјана Бошков, деканка на Факултет за туризам и бизнис логистика при Универзитет „Гоце Делчев“ Штип. Токму овие поединци кои се стремат кон претприемништвото, справувајќи се со предизвиците на економските услови, создаваат пристојна работа и придонесуваат за намалување на сиромаштијата, вели Бошков.

Проф. д-р Татјана Бошков, деканка на Факултет за туризам и бизнис логистика, Универзитет „Гоце Делчев“- Штип
„Елементите на доброто бизнис опкружување, како што се ефикасни и предвидливи владини институции, образована работна сила, добра инфраструктура и пристап до финансии, се директно поврзани со економскиот раст. Економските перформанси на земјата се тесно поврзани со развојот на претпријатијата и иновациите, кои пак ја одразуваат состојбата на деловното окружување”, вели Бошков.
Рационализација на административните процеси, поедноставување на регулативите, пристап до финансии и искористување на дигитализацијата,  се само мал дел мерки кои се особено влијателни во насока на подршка на малите и средни претпријатија за одржлива иднина. Останати мерки вклучуваат и поттикнување преку образование, мерки за поддршка на интеграцијата на единствениот пазар на ЕУ, раст на надворешната трговија, зголемена извозна конкурентност.
„Сметам дека повеќе од неопходно е искористување на сите можности со цел да се дејствува во насока на промена на статистиката која покажува дека уделот на долгорочно невработените (невработени повеќе од една година)  во нашата земја е многу висока”, вели Бошков.
Отпочнување на сопствен бизнис во Македонија
Националната Развојна Стратегијата 2024 – 2044 чија цел е градење на економија заснована на знаење, иновации и дигитализација, како еден од приоритетите и е развој на екосистем што поддржува претприемништо и стартапи. Во неа особен акцент се става на поддршката на претприемништвото преку стартап центри, акцелератори, инкубатори, хабови, технолошки паркови и сл.
Но и покрај вака поставените цели, младите претприемачи при почнување на свој бизнис немаат доволна поддршка. Да се отпочне сопствен бизнис во Македонија не е воопшто лесно, дури и за личности со претприемачки дух и желба. Самиот процес е проследен со многу предизвици и бариери со кои се соочуваат претприемачите кои се одлучуваат на таков чекор.
Според искуството на млада претприемачка во индустријата за безалкохолни пијалоци, Надица Горгиева, отпочнувањето на свој бизнис е навистина еден комплексен процес кој бара истрајност, посветеност и огромна енергија.
„Претприемачката култура и менталитетот во земјата, особено кога станува збор за жените претприемачки, сè уште не се доволно развиени за да обезбедат соодветна поддршка од заедницата, што особено го усложнува патот на младите претприемачи”, вели Надица Горгиева коосновач на брендот ChiaDia.

Надица Горгиева, ко-основач на брендот ChiaDia
Предизвиците се многубројни и вклучуваат потешкотии во изнаоѓање место на пазарот, поради ограничениот пазар и силната конкуренција, бирократски процедури, недостаток од експертска поддршка и стручни совети, а најмногу од сѐ недоволна финансиска поддршка.
„Една од најголемите пречки е ограничениот пристап до финансии, бидејќи и покрај поддршката од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), средствата не се доволни за понатамошен раст и развој на бизнис во рана фаза,” вели Надица.
Финансиската поддршка е најзначајна за успехот на претприемачката идеја
Пристапот до финансиски средства, особено од странски инвестиции и донаторски програми за развој на претприемништво се од суштинско значење кога станува збор за стартување на бизнис, но ваквата поддршка во земјата е недоволно развиена.
„Иако државниот фонд, субвенциите и грантовите обезбедуваат одредена финансиска помош, тие често се ограничени во споредба со поддршката во другите земји од регионот и Европа. Менторските програми преку акцелератори и бизнис-инкубатори, како што се Startup Macedonia, CEED, Startup Club Skopje и други, значително придонесуваат за развивање на идеите преку експертиза и менторство, а понекогаш и со обезбедување финансии, но истите се многу лимитирани и во најголема мера недоволни”, објаснува претприемачката  Надица.
Пристапот до бизнис-ангели и инвеститори е лимитиран во споредба со високо развиените земји во Европа, вели Надица, според која, таму има поголем број инвеститори и поразвиени програми за поддршка на стартапи, што нè насочува кон барање инвеститори од европските земји.
Недостатокот од експертска поддршка и менторство значително го отежнува пристапот до стручни совети кои се од клучно значење за зголемување на шансите за успех на бизнисот и минимизирање на огромните ризици поврзани со започнување на нов бизнис. Покрај финансиските средства менторството е клучно за успешен развој на бизнис идеја и справување со бизнис предизвици.

Извор: Приватна архива, Надица Горгиева ко-основач на брендот ChiaDia
Според Надица, за подобрување на претприемачкиот екосистем и надминување на главните предизвици, потребно е да се зголеми опсегот на атрактивни финансиски програми за мали бизниси, при што самиот процес ќе биде едноставен за аплицирање и концептот на програмата ќе обезбеди успешен старт на бизнисот.
„Ме радува фактот што, иако напредуваме побавно во споредба со земјите во ЕУ, веќе се појавуваат нови иновативни начини за промовирање и развивање на стартапите, како што е реалното шоу The Founder Games, каде млади претприемачи имаат можност да ја развијат својата идеја преку интерактивен пристап и менторство, со цел добивање инвестиција”, истакнува Георгиева.
Таа смета дека поттикнувањето на претприемачкиот дух преку промовирање на претприемништвото како кариера и култура, преку медиуми, образовен систем и локални иницијативи, значително ќе им олесни на сегашните претприемачи во нивниот раст, а исто така ќе служи и како инспирација за идните.
Стартап Клуб Скопје пионер во поддршка на млади претприемачи
Менторската поддршка која е подеднакво важна за успехот на еден отпочнат бизнис, во нашата земја е лимитирана и не е толку често достапна, иако постојат примери со исклучително позитивни достигнувања.
Таков пример е Стартап Клуб Скопје (СКС) кој е пионер во поддршката на млади претприемачи преку инкубаторски програми, како што е #ИмамИдеја. Оваа програма нуди менторство, работилници и пристап до ресурси кои се клучни за развојот на една бизнис идеја како и можност за стартапите да стигнат до својата прва инвестиција.
Она што ја издвојува оваа програма е тоа што преку фазите на селекција за влез во самата инкубаторска програма, тимот на СКС нуди и дополнителна поддршка во процесот преку обезбедување на канцелариски простор и вмрежување со инвеститори. Доказ за тоа е инвестицијата од 25.000 долари во стартап компанијата Jolzt кои иако не ја поминале финалната рунда на селекција за инкубаторската програма #ИмамИдеја 1, во рамки на процесот за претселекција го запознале нивниот трет ко-основач и инвеститор.
Ана Секуловска, програмски директор на Стартап Клуб Скопје, констатира дека повикот за инкубаторската програма #ИмамИдеја е само потврда дека постои голем интерес за креативноста и иновациите кај младите и постарите генерации. СКС, смета таа, ќе остане централен хаб за стартап идеи во периодот што следува, со цел да го открие вистинскиот потенцијал на новата генерација претприемачи во нашата држава и ќе продолжи да го гради стартап екосистемот. Оваа поддршка е клучна за трансформација на идеите во успешни стартапи, придонесувајќи кон развојот на целокупниот стартап екосистем во Македонија.

Ана Секуловска, програмски директор на Стартап Клуб Скопје
Претприемачите во Македонија често се обраќаат до Стартап Клуб Скопје за поддршка во различни фази од нивниот развој. Најчесто бараат помош во изработка на бизнис планови, пристап до инвеститори, менторство, пристап до финансии и правни совети. Самите програми, како и настаните за вмрежување, им помагаат да ги надминат почетничките предизвици и да се постават на патот кон успех, а со тоа влијанието на Стартап Клуб Скопје во заедницата игра клучна улога во развојот на претприемачкиот дух како и поддршката на нови иновативни бизнис идеи.
Зборувајќи за успехот на СКС, Секуловкса споделува дека во 2023 година е отворен првиот  мултифункционален простор кој има за цел да и служи на Стартап заедницата, а со тоа се отворил и првиот инкубаторски повик Имам Идеја 1. Големиот интерес за оваа програма придонесол кон отварање на втор инкубаторски повик само три месеци подоцна за кој пристигнале над 300 апликации од индивидуалци и тимови подготвени да го започнат своето претприемачко искуство и да ја реализираат својата бизнис идеја.
„Горди сме што во рамки на првата инкубаторска програма од 12 тимови, биснис идеи кои беа учесници во тримесечната програма, 3 обезбедија инвестиција по завршување на истата. Моментално е во тек втората инкубаторска програма, во која се селектирани 16 бизнис идеи, а веќе има интерес за следниот отворен повик,” вели Секуловска.

Извор: Архива на Стартап Клуб Скопје
Фокусот на хабот сѐ уште е градење на заедницата, мрежата на волонтери и подобрување на инкубаторската програма која оваа година ги отвара вратите за интернационални вмрежување и менторство од врвни експерти на глобално ниво. Притоа, водејќи се од досегашните искуства и согледувања Стартап Клуб Скопје ќе продолжи да работи на создавање на централен претприемачки хаб на Балканот, поттикнувајќи иновации и раст на македонската стартап сцена.
„Веруваме дека во нашата држава има голем потенцијал за развој на интернационално успешни бизниси, но потребно е повеќе вложување во: едукација, инфраструктура и поврзување со глобалниот пазар. Иднината зависи од зголемување на инвестициите во иновативни идеи, подобрување на регулативната рамка и обезбедување на повеќе ресурси за младите претприемачи”, заклучува Секуловска.
ЕУ поддршка за претприемништво во Македонија
Малите и средни претпријатија се централните двигатели на одржливиот економски раст во Западен Балкан, кои сочинуваат над 90 проценти од сите бизниси. Како и во ЕУ,  на македонските мали и средни претпријатија им припаѓаат околу  99 проценти од сите фирми. Сепак, овие претпријатија обезбедуваат многу повеќе од постоечките работни места во Македонија – 74 проценти, додека во ЕУ тие обезбедуваат 64 проценти. И нивниот удел во националната додадена вредност е повисока во земјава – 68 проценти, отколку на таа што е на ниво на ЕУ – 52 проценти. Заради тоа нашата земја е важно да продолжи понатаму во искористување на потенцијалот за создавање работни места и раст на малите и средни претпријатија.

Извор: pexels
Последните истражувања покажуваат дека земјата се подобрува во поглед на напорите за раст и развој на  претприемништвото. Како потврда на ова, во октомври 2024 година креаторите на политиката во Македонија ја потврдија својата заложба за интензивирање на соработката за посилна интеграција и заедничките напори за имплементација на Агендата на Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт.
Притоа неопходно е искористување на алатките и инструменти кои се однесуваат на новиот План за раст на Западен Балкан кој  вклучува поддршка преку програми за зајакнување на иновациите, зелената и дигиталната транзиција и нудење можности за понатамошно образование на младите луѓе, кои понатаму ќе ги валоризираат своите знаења и вештини преку покренување свои бизниси.
„Сведоци сме дека ЕУ ги зголеми ресурсите за истражување и иновации, особено за истражувачки инфраструктури, научни и технолошки паркови, академско-деловна соработка што го олеснува трансферот на технологија и во обезбедување на широки групи мерки за поддршка на иновациите. Во регионот 400 проекти добиваат вкупно 140 милиони евра средства во рамките на програмата за истражување и иновации на ЕУ”, констатира проф. д-р Бошков.
Оваа агенда предвидува поддршка и трансфер на знаења во делот на дигитализацијата, зелената енергетска транзиција, поддршка развој на претпријатија во културниот и креативниот сектор кои имаат битен придонес во БДП. Притоа, не смее да се занемари фактот дека овој План за раст за Западен Балкан е поддржан со нов финансиски инструмент заснован на перформанси, Фонд за реформи и раст за Западен Балкан во висина од шест милијарди евра за периодот 2024-2027 година.
Вклучувањето и искористувањето на ваквите можности воспоставува тесни врски помеѓу ЕУ и малите и средни претрпијатија, од една страна и македонските претриемачи од друга страна. Според Бошков тие придонесуваат и го зајакнуваат стратешкото значење на претпримеништвото за нас, за целиот регион воопшто, како и за геополитичката средина.

Извор: pexels
Европската Унија го поддржува развојот на претприемништвото во Северна Македонија и преку програми и финансиска поддршка за мали и средни бизниси. Еден таков пример е програмта EU4EG (ЕУ за Економски Развој) што обезбедува финансиски средства за старт-апи и мали и средни претпријатија во неколку региони во Македонија, со што го поддржува развојот на претприемништвото и економсиот раст преку подршка и поттик за употреба на иновативни технологии, зелена економија и зголемување на конкурентноста.
Horizon Europe (Хоризонт Европа) е уште едена широко позната програма која финансира истражување и иновации, вклучително и подршка за мали и средни претпријатија. Истовремено, ИПАРД и ИПА фондовите се најдолгорочни ЕУ финансирани програми кои ги поддржуваат претприемачките активности и обезбедуваат финансиски средства за развој на бизнис идеи.
Инаку, според Државниот завод за статистика во 2022 година биле регистрирани 6.384 новосоздадени претпријатија што претставува 9,6 проценти од вкупно активните пазарно ориентирани претпријатија. Споредено со 2021 година, забележано е зголемување на бројот на новосоздадените претпријатија за 7,1 процент, и тоа најмногу во секторите информации и комуникации, снабдување со електрична енергија и гас, транспорт и складирање, како и објекти за сместување и исхрана.
Најголемиот дел од новосоздадените претпријатија, 67,6 проценти, припаѓаат на услужните дејности, прит што најмногу се од секторот трговија на големо и мало, по што следува поправка на моторни возила и моторцикли. Далеку зад нив се  стручните, научни и технички дејности, преработувачка индустрија и градежништво. Новосоздадените претпријатија во 2022 година вработиле 13.828 лица, што претставува зголемување за 15,3 проценти во однос на претходната година.

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Tags: #Македонија #мерки #поддршка #мали #средни #претпријатија #бизнис #невработеност #лек

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор