Од 5 до 20 март 2024 година, тимот на Цивика мобилитас помина над 2000 километри, посети осум плански региони и одржа девет инфо средби посветени на повикот за Грантови за граѓански ангажман. Над 130 заинтересирани претставници на граѓански организации беа дел од средбите во Крива Паланка, Штип, Струмица, Гостивар, Велес, Струга, Битола и Скопје.

Image

Најголем дел од информативните сесии беше посветен на прашањата на учесниците. Покрај интересот да се разјаснат дел од критериумите за поднесување на пријави и начинот на пополнување на задолжителните документи, средбите беа искористени и да се споделат искуствата од досегашните партнерства, да се поразговара за горливите проблеми на организациите во регионите како  и за почетните идеи за проекти.   

Според Ристо Камов, член на организацијата Чејнџмејкерс и на SWAM од Гевгелија, ваквиот пристап со кој може да се гради подолгорочна соработка меѓу организациите од регионите е многу добар. „До сега сме имале искуство да работиме заеднички при спроведување на акции, но никогаш не сме имале можност да работиме заедно на подолгорочен проект. Сметам дека тоа е одлична можност да ги здружиме силите за да направиме нешто повеќе“ рече тој.

Учесниците изразија задоволство затоа што инфо сесиите се одржуваа во секој од регионите што им го олесни пристапот и им даде можност да се соберат, да се вмрежат и да продискутираат за важните прашања за граѓанското организирање во специфичниот регион.

Во поглед на потребните документи за поднесување на пријавите, присутните изразија интерес за прилогот што се однесува на влијанието на животната средина (Cedrig light) кој служи како филтер за проценка на потенцијалните загрозувања што проектот може да ги предизвика врз животната. Оние што веќе имале прилика да се сретнат со него истакнаа дека непочитувањето на овие ризици го продолжува времетраењето на акциите. 

Сите заинтересирани кои немаа можност да присуствуваат на инфо сесиите, може да ги испратат своите прашања по писмен пат на: helpdesk@civicamobilitas.mk најдоцна до 2 април 2024 г., до 13:00ч.

Сите информативни сесии се одржаа во јавни простори. Им благодариме на колегите од канцелариите на Јуроп хаус (Europe House) во Крива Паланка, Велес и Струмица, на Американ корнер во Струга, на Млади хаб во Битола и на Граѓанскиот ресурсен центар во Штип, Гостивар и Скопје за отстапувањето на просторот и за гостопримството.