Најновиот број на магазинот „Граѓаните за промена“ на Цивика мобилитас е десетто, јубилејно издание. Во основа на нашето работење, на тоа што го прават граѓанските организации е соработката, која е носечна тема во овој број.

Низ текстовите ви ги пренесуваме примерите на соработка на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Националниот совет на инвалидски организации (НСИОМ), на Легис и Прифатниот центар за баратели на азил за развивање менторска програма за подобрување на можностите за вработување на барателите на азил, на Фондацијата Метаморфозис и осум организации со кои го подготвија индексот на отвореност. Прочитајте и за Фестивалот на Цивика мобилитас – „Ден на граѓанските организации“, кој беше искористен како платформа за неколку нови соработки. Полио плус потпишаа меморандум за соработка со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а граѓанскиот сектор доби Кодекс за граѓански организации досега потпишан од 52 организации, промовиран на настанот.

Покрај тоа, зборуваме и за главните придонеси на граѓанското општество во претходните 30 години од независноста на земјата, а во тој дух е и анализата на Фајнанс Тинк на невработеноста, платите и бруто домашниот производ. „Меѓаши“ ги презентираа резултатите од новиот извештај за СОС телефонот за деца и младинци, а „Борка- за секој нов ден“ ја организираше традиционалната розова прошетка чија главна порака беше „Пациентите со рак не смеат да бидат заборавени поради пандемијата“. Активистите на Регионалниот зелен центар од Охрид мобилизираа 170 млади луѓе во акции за заштита на животната средина, а Организацијата на жени од Лозово ги обучуваше текстилните работнички.

Покрај „Граѓаните за промена“ ќе ве поттикнеме да го прочитате и списанието „Ментално здравје“, издадено од Здружението за ментално здравје – Асоцијација Мисла.

Ова се само дел од содржините низ страниците на јубилејното издание на магазинот на Цивика мобилитас.

Најновиот број можете да го прочитате на македонски, албански и англиски јазик.

„Граѓаните за промена“ е списание за граѓанското општество и на граѓанското општество. Бидете дел од него, испратете ни информации за вашите активности и резултати.

Пишувајте, читајте и споделувајте за посилен граѓански сектор.