Се одржа првата средба на менторите и институционалните грантисти на Цивика мобилитас, кои во идниот период ќе соработуваат за развивање на организациските развојни планови.

„Преку оваа менторска програма се очекува секоја организација да развие таков менаџмент и таква организациска култура што ќе овозможи таа да продолжи да ги прави промените во општеството и по завршување на грантот од Цивика мобилитас“, рече Валентина Чичева, менаџер на институционалните грантови во програмата.

За време на состанокот, претставниците на организациите го споделија нивниот досегашен напредок на полето на организацискиот развој, а исто така ги споделија и очекувањата од нивниот институционален грант и поддршката која ќе ја добијат наредните три години.

Тони Станковски од здружението Љубезност, посочи дека организацијата е во фаза на професионализација на работата и дека очекуваат процесот да им даде добри насоки кон кои треба да се движат. „Дојдени сме до степен каде што не можеме повеќе да функционираме, врз основа на волонтерското слободно време на сите кои што учествуваат и беа хонорарно ангажирани на проект. Се надевам дека оваа менторска поддршка ќе не насочи во вистински правец“, додаде тој.

Менторите кои ja поминаа програмата „Менторство за организациски развој“ го споделија нивното искуство со граѓанските организации и го истакнаа нивното задоволство од соработката во претстојниот период.

Маја Смилевска, менторка на Центарот за управување со промени и Ресис, рече дека процесот на вклучување во Цивика мобилитас и бил многу интересен. „Новата методологија на некој начин ми е предизвик да бидам фокусирана на реалноста и убедена сум дека со вашето долго работно искуство на крај ќе стигнеме до продуктите и дека плус ќе останеме во добри односи во секторот“, рече таа во своето претставување.

Менторите ќе работат индивидуално со организациите што ќе им овозможи да го „скројат“ пристапот според нивните потреби, заради што, се очекува да бидат поголеми ефектите од менторската поддршка.