Цивика мобилитас денес (16 мај 2017 година) во х. ТЦЦ Гранд Плаза во Скопје ги промовираше новите акциски, мали и ад хок грантисти. „Цивика мобилитас ја достигна планираната критична маса од 100 големи грантисти, додека вкупниот број на поддржани организации на една и пол година пред крајот на програмата е 197“, рече во своето обраќање Александар Кржаловски, Национален водач на тимот на програмата и прв извршен директор на МЦМС.

Амбасадорката на Швајцарија во Македонија, нејзината екселенција Сибил Сутер Тејада им ги врачи договорите на грантистите. „Во ваква чувствителна политичка и општествена околина се истакнува улогата на граѓанското општество во промовирањето на дијалогот во општеството“, рече таа и додаде дека грантистите на Цивика мобилитас веќе се истакнати двигатели на промените. Амбасадорката Сутер Тејада ја истакна и улогата на младите луѓе од различни етнички заедници, „навистина ми е мило што имаме бројни организации водени од млади луѓе“, рече таа.

Вкупно 15 организации добија акциски грантови наменети за поддршка на граѓанските организации кои сакаат да ги промовираат нивните каузи и активности со вкупен буџет од над 28 милиони денари. Планираните активности ќе бидат насочени во повеќе сектори како што се: доброто владеење, граѓанското општество, родовите прашања, меѓуетничките односи, толеранцијата, културата, хендикепот, вработувањето, образованието и науката, информациите и друго. Организациите добитници се од Скопскиот, од Полошкиот, од Североисточниот и од Вардарскиот регион. Низ кратки видеа беа презентирани планираните активности на акциските грантисти.

На настанот беа промовирани и осум мали акциски и 14 ад хок грантисти чиј буџет изнесува приближно 7,5 милиони денари. Овие организации, низ нивните активности во фокус ќе ja стават потребата од дебата, изборите, животната средина, локалната самоуправа, човековите права, меѓуетничките односи, младите итн.

Новата поддршката за граѓанските организации и другите актери на граѓанското општество преку програмата Цивика Мобилитас започна во октомври 2014 година и ќе трае до септември 2018 година. Буџетот на програмата изнесува околу осум милиони швајцарски франци.

[WPSM_AC id=4639]