Објавен е третиот и последен повик за институционални грантови во оваа фаза на Цивика мобилитас. Повикот се однесува на граѓански организации кои се регистрирани во Македонија согласно Законот за здруженија и фондации (2010), а ќе биде отворен до 31 октомври 2016 година, до 16 часот кога треба да бидат примени сите пријави, вклучително и оние донесени лично или испратени по курирска служба или по пошта.

Грантовите од овој повик се за период од миниум 12 месеци и максимум 18 месеци. Големината на грантовите ќе биде од 1 милион до 3 милиони денари за период од 18 месеци, односно, поддршката нема да надмина 2 милиони денари на годишно ниво.

Пријавите за овој повик се поднесуваат преку образец за пријава, а во процесот на подготовка на пријавата, организациите ќе треба да поминат и низ процес на самооценка, пополнувајќи и поднесувајќи онлајн и прашалник за самооценка.

Институционалните грантови на Цивика мобилитас го поддржуваат процесот на институционален развој / организациско јакнење на избраните грантисти, засновани на самооценка на апликантите и од нив предложени „патокази“ за сопствената организациска трансформација.

Повеќе информации за повикот се дадени во Водичот за апликантите и неговите прилози.