Со организирањето на форумот за пелагонискиот и југозападниот регион, во петок, на 24 јуни 2016 година во Битола, започнува новиот циклус регионални форуми на Цивика мобилитас – „Твој простор – твој глас“. Форумот ќе се одржи во рамки на фестивалот „Битола отворен град“, ќе започне во 12 часот и ќе се одвива во кафе барот „Порта џез“ и делумно на улиците во Битола.

 

Форумот се состои од два дела.

Во првиот дел ќе биде претставена алатката за граѓански активизам „Фото глас“ преку која граѓаните детектираат проблем во заедницата или регионот, го документираат преку фотографија и испраќаат барање за решавање на проблемот до надлежната локална или државна институција. Потоа учесниците практично ќе ја користат алатката и ќе документираат проблеми на терен. Дел од нив ќе ги претстават детектираните проблеми пред групата на учесници и ќе дискутираат за придобивките, ефектите и новите начини за поттикнување на граѓанскиот активизам на локално и регионално ниво, вклучително и во соработка со останатите чинители.

Regionalni forumi

 

Во вториот дел ќе се одржи јавна дискусија на тема „Родов гејминг за еднакви права“ со новинарката и граѓанска активистка Ана Јовковска. После воведното излагање на Јовковска се очекува присутните учесници да се вклучат во дискусијата за прашања поврзани со темата.

Заинтересираните организации ќе ги изложат промотивните материјал од нивните активности, а тимот на Цивика мобилитас ќе информира за најновите активности на програмата.

Форумите за соработка овозможуваат простор за артикулирање на идеи, но и за заедничко планирање и подготовка на општествени акции од страна на граѓанските организации. Овие форуми се отворени за сите граѓански организации и активисти во регионот кои се согласуваат со вредностите и целите на Цивика мобилитас и кои се посветени на соработката со другите чинители за постигнување на општествени промени. Во јули и септември ќе се одржат три регионални форуми и за останатите региони во Македонија, а планирани се и тематски и ад хок форуми.