Цивика мобилитас го објави дванаесеттиот број од списанието „Граѓаните за промена“ кој во фокусот ја има овозможувачката околина. Во ова издание преку седумнаесет приказни раскажуваме за успешните акции, иницијативи, проекти на граѓанскиот сектор во првиот квартал од 2022 година.

Граѓанскиот сектор го доби четвртиот по ред стратешки документ, Стратегијата за соработка со и развој на граѓанското општество, за периодот 2022 – 2024 година. Оние што потемелно ги следат овие процеси и се вклучуваат во нив велат дека за разлика од претходниот документ кај овој има подобрување во дефинирањето на показателите за успех. Граѓанските организации побарале, а Владата се согласила дека посветено ќе работи на унапредување на системот на државно финансирање, како една од стратешките цели. За сега, нема резултати од тоа ветување. На тема финансирање, дознајте за eCrowd.mk, првата краудфандинг платформа во Македонија за граѓанските организации, создадена од Иннохаб.

Пишувавме и за колегите од Finance Think кои ја направија анализата на Програмата за работа на Владата 2020 – 2024 и ни открија – колку Владата ги исполнила своите економски ветувањаЦентарот за граѓански комуникации (ЦГК) посочува дека во двете кризни години, државните институции купиле 142 нови возила за кои платиле 3,6 милиони евра.

Ја славевме истрајноста на жената и нејзината борба преку Маршот за женски права по повод Меѓународниот ден на жената, 8ми Март, организиран од Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права. Го поддржавме и првиот протестен марш на самохраните родители организиран од „Една може!“

Граѓанските организации работеа на подобрување на учеството на граѓаните. Такви беа Центарот за животна средина и одржлив развој од Богданци кој работеше на подобра комуникација на Општина Богданци и граѓаните преку апликацијата „Репортираме“и Здружението за поддршка, интеграција и ресоцијализација ЛИНК кои ги детектираа, советуваа и упатуваа лицата под социјален ризик во општините Бутел и Чучер Сандево.

Најновиот број на магазинот можете да го прочитате на македонски, албански и англиски јазик.

„Граѓаните за промена“ е списание за граѓанското општество и на граѓанското општество. Бидете дел од него, испратете ни информации за Вашите активности и резултати.

Пишувајте, читајте и споделувајте за посилен граѓански сектор.

magazin