Над 100 претставници на граѓанските организации ја проследија онлајн информативната сесија за вториот и последен повик за институционални грантови на Цивика мобилитас. Со овие грантови ќе се поддржат 15 граѓански здруженија наредните две години. Грантовите се наменети за организациско зајакнување и институционалниот развој на здруженијата.

Тимот на Цивика мобилитас детално ја објасни постапката за аплицирање и содржината на пријавата. Учесниците имаа можност да ги разјаснат нивните недоумици и на самото место да добијат одговори на конкретните прашања во врска со програмата и повикот. Дел од прашањата се однесуваа на тоа каков тип активности придонесуваат кон институционален развој и организациско јакнење; кои се подобни трошоци; дали лицата кои работат во организацијата мора да бидат вработени; дали дел од грантот може да се прикаже како ко-финансирање за грантови кај други донатори итн.

Сите поставени прашања за време на информативната сесија ќе бидат одговорени и објавени на е-платформата на Цивика мобилитас.

Повикот за институционални грантови беше отворен на 4 мај 2020 година. Рокот за поднесување на пријавите е 1 јуни 2020 година. За прашања поврзани со повикот, организациите можат да контактираат со канцеларијата на Цивика мобилитас најдоцна до 16 мај 2020 година на е-пошта: helpdesk@civicamobiltas.com

Предложените активности треба да траат точно 24 месеци. Големината на грантовите ќе биде помеѓу 3.000.000 и 4.000.000 денари, а се очекува да се доделат 15 грантови.

Програмата за поддршка на граѓанското општество Цивика мобилитас е поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка, а ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ од Шведска.