Над 560 претставници на граѓанските организации ја проследија информативната сесија за повикот за институционални грантови на Цивика мобилитас, од кои 450 ја следеа онлајн. Со овие грантови ќе се поддржат 15 граѓански здруженија наредните три години. Грантовите се наменети за организациско зајакнување и институционалниот развој на здруженијата.

Тимот на Цивика мобилитас детално ја објасни постапката за аплицирање и содржината на пријавата. Учесниците имаа можност да ги разјаснат нивните недоумици и на самото место да добијат одговори на конкретните прашања во врска со програмата и повикот. Дел од прашањата се однесуваа на тоа каков тип активности придонесуваат кон институционален развој и организациско јакнење; дали активностите на организацијата во странство можат да бидат поддржани од овој грант; дали има ограничувањата во врска со финансирањето на бруто платите на вработените; дали ќе постои даночно ослободување на проектот итн.

Сите поставени прашања за време на информативната сесија ќе бидат одговорени и објавени на е-платформата на Цивика мобилитас.

Повикот за институционални грантови беше отворен на 3 мај 2019 година. Рокот за поднесување на пријавите е 3 јуни 2019 година. За прашања поврзани со повикот, организациите можат да контактираат со канцеларијата на Цивика мобилитас најдоцна до 20 мај 2019 година на телефон 02/3065 381 или на е-пошта: helpdesk@civicamobiltas.com

Предложените активности треба да траат најмногу 36 месеци. Големината на грантовите ќе биде помеѓу 3.000.000 и 4.500.000 денари, а расположливиот вкупен износ за повикот е 67 милиони денари.

Програмата за поддршка на граѓанското општество Цивика мобилитас е поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка, а ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ од Шведска.