Креирање регионални миграциски профили, засилен мониторинг на институциите од што краен производ ќе бидат извештаи и препораки кои ќе влијаат на моменталната состојба, „лобирање“ за промени во образовниот систем со акцент на дисперзираните студии, поттикнување на младинската работа и неформалното образование, сегментирана дебата што ќе ги опфати и адресира сите недостатоци – ова беа некои од предлозите кои произлегоа од дискусијата во работилницата под наслов „Заедно за акција: Потенцијалите од миграцијата за Македонија“ која беше дел од тематскиот форум на Цивика мобилитас „Предизвици, перспективи и потенцијали на миграциите“.

Работилницата имаше за цел да ги сумира заклучоците од панелот на тематскиот форум и да даде препораки на кој начин граѓанскиот сектор би можел да влијае во оваа област. Учесниците беа согласни дека Македонија се соочува со галопирачка миграција како резултат на нефункционалноста на системот. Работилницата и форумот се одржаа на 5 јули 2017 година во Чифте Амам во Скопје.