Граѓаните за промени – Ден на граѓанските организации
Објавено: 23/09/2017
Во Градскиот парк на „Школка“ во Скопје штотуку почна Националниот форум на Цивика мобилитас насловен како „Граѓаните за промени – Ден на граѓанските организации“. Добредојде на сите присутни посетители, активисти, заинтересирани граѓани им посака Даниела Стојанова, координатор на програмата Цивика мобилитас.
Програмата опфаќа 30-тина настани кои ќе се одвиваат пралелно, плус настапи на повеќе музичари меѓу кои хорот Симбиосис, Шурбе, Џун, Концепт 59, РИБ и Тамара Тодевска.
Официјалното отворање на настанот ќе биде во 13 часот. Амбасадорката на Швајцарија во Македонија, нејзината екселенција Сибил Сутер Тејада ќе го отвори форумот. Покрај неа, ќе се обратат и Питер Тоинес и Александар Кржаловски, меѓународниот, односно националниот водач на тимот.
Со овој настан, МЦМС и Цивика мобилитас се придружуваат и на кампањата „Заедно зборуваме – Together we Speak“ на ЦИВИКУС – Светската алијанса за граѓанска партиципација чија главна порака е: Гласовите на обичните граѓани се моќни и суштински во обезбедувањето праведна и одржлива иднина за сите – сега е време владите да ги слушнат и да делуваат! Во овој дел на присутните ќе им се обратат Звонко Шаврески од Полио плус и Силвана Пеншова, активист за работнички права.
На настанот посетителите ќе имаат можност да се информираат за граѓанските организации, нивните залагања и постигнувања, како и активно да се вклучат во активностите предвидени за тој ден. Програмата е богата и разноврсна. Работилници и видео проекции ќе се одвиваат паралелно во три шатори. Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе организира дебата за законот за спречување и превенција од дискриминација; Мултикултура низ работилница ќе зборува за надминување на стереотипите и предрасудите; темата на Федрацијата на планинарски спортови е безбедното движење низ македонските планини, а Младите можат преку World cafe ќе зборуваат за младинскиот активизам. И ова не е се, планирани се содржини за деца кои ќе вклучат работилници за цртање, правење оригами и едукација на различни теми. Во креативното катче ќе може да се најдат изложбите на самите организации учеснички и тоа „Бегалци во сопствената земја“ на Паблик, „Чудовиштата од Скопје“ на Младинскиот образовен форум, а исто така ќе може да се види и новата урбана акција на Центарот за современа уметност. Програмата ви ја испраќаме во прилог на оваа покана.
Форумите на Цивика мобилитас овозможуваат простор за артикулирање идеи, идентификување заеднички каузи и планирање заеднички општествени акции од страна на граѓанските организации во соработка со другите организации, властите, граѓаните и останатите чинители.