Цивика мобилитас го објави деветтиот број од списанието „Граѓаните за промена“ кој во фокусот го има граѓанскиот ангажмани промените кои настануваат во општеството преку акциите на граѓанските организации.

Во тој дух, започнуваме со добри вести. Државата направи еден голем чекор кон подобра заштита на природата – ја заштити Шар Планина со тоа што ја прогласи за Национален парк. Конечно, по 27 години од првата иницијатива во 1994 година, сите вклучени можат да здивнат, еден дел од патот успешно е поминат и сите им честитаме за тоа. На оваа тема разговаравме со Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС)од Тетово, една од организациите вклучени во процесот.

Покрај тоа што пишувавме за новиот статус на Шара, со вас сакаме да споделиме уште 25 инспиративни приказни.

Прочитајте за голем број активности на организациите за заштита на водните ресурси, чистење на езерата, мониторирање на реките и погледнете го документарецот „За водата се работи“ за загадувањето на реката Вардар и нејзините притоки. Вниманието го свртевме и кон ранливите групи луѓе, втората „Парада на гордоста“, запознавањето со Законот за спречување и заштита од дискриминација за ЛГБТ заедницата, ХИВ позитивните лица, итн. Дознајте повеќе и за првата радио емисија специјализирана за слепи и лица со оштетен вид, реализирана од здружението Центар за креативни комуникации.  

Во соработка со институциите или самостојно, граѓанските организации пополнуваа критични празнини со своето работење. Центарот за управување со промени дигитализираше дел од услугите на Министерството за образование и наука, Бравура Кооперативаработи на економско јакнење на децата без родители и родителска грижа, а РЕСИС им се посветува на комуникациските права на ранливите групи. Конект по втор пат ги додели наградите за одржлив развој, а Рурална Коалиција го истражуваше државното финансирање на локално ниво.

Најновиот број на магазинот можете да го прочитате на македонски, албански и англиски јазик.

„Граѓаните за промена“ е списание за граѓанското општество и на граѓанското општество. Бидете дел од него, испратете ни информации за Вашите активности и резултати.

Пишувајте, читајте и споделувајте за посилен граѓански сектор.

viber_image_2021-10-14_13-17-01-648