Цивика мобилитас го објави единаесеттиот број од списанието „Граѓаните за промена“ кој во фокусот го има граѓанското учество. Во ова издание преку дваесет и две приказни раскажуваме за успешните акции, иницијативи, проекти на граѓанскиот сектор во последниот квартал од 2021 година.

Токму на крајот на годината пристигна веста која запиша уште еден успех на граѓанските организации, а се однесува на менструалната сиромаштија во нашата земја. Советниците на Град Скопје, со прифаќање на амандман, одвоија во буџетот за 2022 година 2 милиони денари за бесплатни менструални производи за средношколците од училиштата во надлежност на градот. Ова следува по објавувањето на студијата „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“ што ја подготвија Тииииит! Инк и Реактор – истражување во акција.

Пишувавме и за колегите од Рурална Коалиција кои создадоа виртуелен пазар за земјоделски производи, „Наша тезга“, за да им помогнат на жените од руралните средини да фатат чекор со новото дигитално време. Преку настанот на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата го одбележавме Меѓународниот ден за борба против корупција. Акцент ставаме и на Меѓународниот ден на човековите права преку кампањата против родово базирано насилство #далиЕоваЗНАК спроведена одРомската асоцијација за жени и млади „Лулуди”.

Прочитајте за Прирачникот за родители за медиумска писменост кој го создаде Институтот за истражување на општествен развој – РЕСИС или погледнете го документарниот филм „Жените недоволно претставени на локалните избори преку кој Центарот за истражувачко новинарство – СКУП Македонија успеа да го „спакува“ мачо-менталитетот на локалните избори 2021 година низ кандидатурите за градоначалници.

Најновиот број на магазинот можете да го прочитате на македонски, албански и англиски јазик.

„Граѓаните за промена“ е списание за граѓанското општество и на граѓанското општество. Бидете дел од него, испратете ни информации за Вашите активности и резултати.

Пишувајте, читајте и споделувајте за посилен граѓански сектор.

viber_image_2022-01-26_12-00-47-556