Комисијата за избор на грантови ги оцени 38-те концепти кои граѓанските организации ги поднесуваа од 15 до 30 април на вонредниот повик за ад хок грантови на Цивика мобилитас (ПЦМ-АДХ-02) за справување со пандемијата Ковид-19. Од отворањето на повикот, пристигнаа вкупно 100 пријави.

Добитници на ад-хок грант од вториот круг се пет организации и тоа:

  • Здружение ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, кое ќе спроведе хуманитарна акција за луѓето и децата кои употребуваат дроги, како и сексуалните работници и нивните семејства;
  • Здружение за развој на ромската заедница во Македонија „Сумнал“ Битола  ќе креира виртуелна училница за да може онлајн да се реализира наставата за учениците Роми од прво до петто одделение;
  • Кризен центар „Надеж“, кое ќе обезбеди психосоцијална помош и поддршка и правно советување на жртви на семејно насилство;
  • Здружение за заштита на животните и животната средина „Еднаквост, достоинство, емпатија, натурализам“, кои ќе подготват 500 вегански оброци за социјално загрозените и маргинализираните категории граѓани;
  • Здружение на граѓани „Рубикон“ Скопје ќе придонесе да се подобри грижата за децата без родители и родителска грижа во малите групни домови за време на кризата преку едукација на стручните работници.

Новите грантисти дејствуваат во четири различни сектори и тоа маргинализирани заедници, образование, човекови права и деца, млади и студенти. Од нив, две делуваат на локално ниво, две на регионално и тоа во Скопски, Источен, Вардарски и Пелагониски регион; а една организација ќе делува на национално ниво. Вкупниот буџет на овие ад-хок акции изнесува речиси половина милион денари (486.031 МКД).