Доделени наградите за волонтерство
Објавено: 04/12/2015
Во рамки на Националниот форум „Граѓански ангажман и волонтерството“ организиран од Цивика Мобилитас и партнерите, Националниот совет за развој на волонтерство и Министерството за труд и социјална политика ги доделија националните награди за волонтерство за 2015 година.
Беше потенцирано значењето на волонтерската работа која е незаменлив елемент во општествените процеси бидејќи волонтерите преку својата работа придонесуваат кон промени, акцентирајќи ја притоа и хуманата димензија на волонтерството. Доделувањето на наградите беше концепирано во четири категории, по претходен јавен повик на заинтересираните организации.
Наградата за прва категорија- волонтер/ка на годината ја доби Сибел Бајрам за нејзиното долгогодишно искуство и придонес во образованието на децата Роми.
Во рамки на првата категорија беа доделени и благодарници за двајца волонтери Билјана Пешева од Скопје и Перса Стојановска од Делчево за нивната непрекината вклученост во волонтерски ангажмани.
Наградата за втора категорија- волонтерска практика им припадна на организацијата Уметност на живеењето во Македонија од Скопје за нивните активности за помош на социјално загрозените семејствата од Македонија.
Третата категорија на награди- медиум кој со својата уредничка политика ги промовира волонтерските ангажмани ја доби Наша ТВ која со своите емисии, дебатни програми опфаќа економски теми и активности на граѓански организации со што го поттикнува учеството и на бизнис заедницата во волонтерските активности.
Во рамки на четвртата категорија беа доделени признанија за организациите кои вклучуваат волонтерски ангажман и промоција на волонтерството. Организациите кои добија признанија се Младинскиот културен центар од Битола, Црвен крст на Македонија и Волонтерски центар Скопје.
На 3 декември 2015 година, во Младински културен центар од Битола ги додели Златните волонтерски сертификати за волонтерски ангажмани во текот на годината. Златен волонтерски сертификат добија: организацијата Легис за својот придонес со хуманитарните акции за помош на бегалците; волонтерската иницијатива „Ретвитни оброк“ која претставува континуирана акција на твитер заедницата во која активистите ги готват јадењата претходно објавени на социјалните мрежи и потоа ги споделуваат со бездомните лица во Скопје и иницијативата „На точак“ со својата активност Критична маса за подигнување на вело-културата во Македонија.